(Видео) Работниците бараат 600 евра минимална плата, опозицијата поддржува – Миноски: Ај да ја мериме продуктивноста на функционерите!
Сојузот на синдикати на Македонија денеска го блокираше Собранието во знак на протест бидејќи работничките плати не се зголемени. ССМ континуирано бара зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати за 6.000 денари. Овој предлог не наиде на одобрување од страна на Владата и работодавачите.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денес од блокираната улица пред Собранието истакна дека македонскиот работник живее мизерно, ги повтори барањата за зголемување на минималната плата и додаде дека следни за блокада се работодавачите и Владата.

– Две години пратениците го блокираат предлогот на ССМ за зголемување на работничките плати. Денеска по 21 човек на две локации ги блокираме, да не можат да дојдат на работа со сопствените возила, да не можат да наплатат патни трошоци како да трошат керозин. Моите информации се дека голем дел на пратеници се дојдени пред 9 часот на работа, за да не се соочат со работниците. Мислам дека денешниот ден треба да ги засрами сите, а најмногу тие 120 пратеници. Наредниот четврток ќе ја блокираме Владата, за да не можат да дојдат со службените автомобили, вели Трендафилов.
Тој додаде дека пратениците денес не смеат да наплатат патни трошоци и дека ќе побараат листа на пратеници што имаат наплатено патни трошоци за овој ден.
Пратеничката и поранешна министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска од СДСМ, вели дека СДСМ поднесе предлог за измени на Закон за минимална плата, со цел вклучување на барањата на синдикатот во Законот. Дополнително, СДСМ поддржува и намалување на функционерските плати.

– Ставот на пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е дека го поддржуваме барањето на работниците и минатата недела поднесовме предлог на Закон за имзени на Закон за минималната плата, токму за да ги вклучиме во имзените барањата на работниците, барањата на Синдикатот за минимална плата од 600 евра. Со тоа всушност го продолжуваме она што го работевме во изминатиот период кога владата беше предводена од СДСМ, која и минималната плата ја зголемивме од 8.000 на 22.500 денари, тоа ни дава право, иако во опозиција да се бориме за зголемуваме на минималната плата за работниците и за подостоинствен живот на граѓаните во државата. Чекаме од Статистика да излезат податоците за 2025 година за да можеме да поднесеме измени на Законот за платите на функционерите со коишто ќе ја замрзнеме платата на функциоенрите, објасни Тренчевска.
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ вели дека и Левица ги поддржува барањата за зголемување на минималната плата и смета дека ваквата ескалација на ситуацијата е оправдана и тоа е единствениот начин работниците да се изборат за своите права.

– Ние апсолутно го оправдуваме ова ескалирање на состојбите кое ССМ го прави, затоа што година и пол сме сведоци дека имаме Влада која е посветена на борба против работничките права и работничкото претставување и мислам дека е крајно време да прекинеме да се лажеме. Не можат никакви метрики, ниту зборовите на премиерот да не убедат во спротивното од тоа што го гледаме. Во Македонија се живее бедно, во Македонија условите за живот се се полоши и полоши, нашите граѓани не може да си дозволат основни услови за живот, почнувајќи од превисоките сметки кои нашите власти ги дозволуваат, па се до превисоките цени на продуктите. За нашите граѓани ситуацијата е очајна, затоа и зголемувањето на минималната плата е крајно неопходно, јас би ве потсетил дека ние пред шест месеци понудивме ваков предлог закон за зголемување на мининмалната плата, тоа не беше усвоено. Во меѓувреме побаравме кратење на патните трошоци за пратениците и тоа не беше усвоено, патни трошоци за работниците не беше усвоено, така да ова ескалирање е потребно, се до крајно зголемување на минималната плата, вели Мециновиќ кој додаде дека предлогот за намалување на функционерските плати е оправдан поради тоа што функционерите немаат слух за барањата на работниците.
Поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, смета дека решение има, меѓутоа за тоа треба да се договрат Владата, работниците и работодавачите. Според Миноски, кога се зборува за продуктивноста на работниците, треба да се зборува и за продуктивноста на функционерите.

– Кога говориме за зголемувањето на платите, тоа е комплексно прашање, од тие причини како механизам се користи Економско-социјалниот совет, кадешто имаме трипартитен дијалог и суштината на постоење на ЕСС е токму наоѓање на заеднички решенија, низ призма на градење на компромис на различните страни. Во овој случај вистинската адреса за решавање на овие проблеми е секако ЕСС, кадешто и работодавците и работниците и Владата ќе ги изложат своите аргументи и ќе се најде решение коешто е најоптимално во овој момент, на ова ниво на економски развој. Суштината на економскиот дијалог е наоѓање на компромис и креирање на култура на компромис и сите страни треба да ги направат своите максимални заложби за да се изнајде оптимално решение, заради тоа што проблемот е повеќеслоен, има повеќе аспекти, многу е сложен, ги засега и работниците и работодавците и има секако определени фискални импликации, објасни поранешниот министер.
– За инфлацијата, пред извесно време имав натписи во коишто го цитирав Фридман којшто смета дека главниот креатор на инфацијата е владината потрошувачка. Кога говориме и за платите и за инфлацијата, треба да се земат повеќе аспекти. Првиот аспект дека сите вработени не се во државниот сектор, туку има вработени во приватен и државен сектор. Оние коишто се во државната администрација се финансираат од Буџетот, а за тоа се неопходни средства кои ќе се реалоцираат токму од прибирањето на даноци, преку кои државата го полни Буџетот. Таму постојат фискални импликации доколку определен дел од вработените во јавната администрација работат под нивото на минималната плата, тоа секако ќе има определени буџетски импликации. Вториот сегмент, е сегментот на работната сила која работи во приватен сектор и тука треба да се прави дистинкција помеѓу два дела. Едниот дел се микро компаниите и малите компании кадешто имаме работодавец кој најчесто е и вработен и тука прашањето е комплексно затоа што во определен случај зголемувањето на тој износ на минимална плата може да го доведе во прашање т.н готовински тек кај самиот работодавач кој е самовработен. Затоа понудив решение кое би значело дополнителен пристап до финансии преку подигнувањето на прагот на ДДВ, што ќе значи обезбедување на дополнителни средства, односно дополнителна ликвидност за овие микро и мали компании. Вториот сегмент се вработени кои работат во големи фирми, кадешто со оглед на профитите кои ги прикажуваат, можеби постои простор за зголемување на минималната плата преку дијалог со рбаотодавачите, коишто дел од профитето кој го реализираат би го инвестирале во своите вработени. Во однос на подигнувањето на нивото на платите, сите говориме за зголемување на нивото на продуктивноста како најодржлив концепт на подигнувањето на платите, меѓутоа, треба да се истакне дека и самата продуктивност е комплексна затоа што не зависи само исклучиво од работната сила. Во однос на Владата и владината потрошувачка, сметам дека треба дополнително да се разгледа расходната страна, да се исфрлат сите непотребни трошоци, да се елиминираат, исто така можеби треба да се размисли за намалување на тие коефициенти на плата за владините функционери. И треба да се отвори можеби прашањето за продуктивноста и мерење на ефикасноста во работењето на државните институци, објасни Миноски.
Тој објасни дека македонскиот работник е на дното на Европа.
Во текот на вчерашниот ден се обидовме да го контактираме и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, меѓутоа истиот не ни одговори на пораките.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Работниците бараат 600 евра минимална плата,…
Сојузот на синдикати на Македонија денеска го…
Филипче: СДСМ повторно го поднесува законот, 600…
Денеска пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на…
(Видео) Мециновиќ: Усвоен предлог–законот на Левица со…
На денешната седница, Собранието на Република Македонија,…
(Во живо) Трендафилов: Добро утро на сите,…
Денеска започна блокадата организирана од Социјалниот сојуз…
(ВО ЖИВО) ССМ започна со блокада на…
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), утрово…