(Видео) Хаос на протестите на француските гимназијалци: Блокади, пожари и речиси 2.000 приведени
Протестите на гимназијалците во Франција, кои започнаа во парискиот регион на крајот на септември, на 1 октомври се проширија низ земјата и ескалираа во блокади, судири со полицијата, пожари и напади врз јавни објекти.
Според француското Министерство за внатрешни работи, на 1 октомври биле опфатени 1.027 училишта, од кои 222 биле блокирани, а биле приведени 1.949 лица. Повредени се и 305 полицајци и жандарми.
Протестите започнаа поради незадоволството од недостигот на наставници, незаменетите отсутни професори, лошата состојба на училишните згради, пренатрупаните паралелки и оптоварените наставни програми. Учениците бараат повеќе човечки и финансиски ресурси во образованието, подобри услови за учење и промени поврзани со оптоварувањето. Дополнително, се посочуваат притисокот околу процедурата Parcoursup за упис на факултет, како и проблемите со високите температури и пренатрупаноста во училиштата.
Во текот на протестите се приклучија и студенти, а блокадите се проширија на околу 30 универзитетски кампуси.
Од блокади до насилство
На 1 октомври во повеќе градови беа запалени контејнери, оштетена инфраструктура и фрлани предмети кон полицијата. Во Нант беше запалена гимназијата „Нелсон Мандела“, додека во Марсеј двајца наставници биле полиени со бензин при инцидент пред гимназијата „Виктор Иго“. Во близина на друго училиште, демонстранти принудиле пожарникари да го напуштат возилото, кое потоа било запалено. Поради немирите, јавниот превоз во Марсеј привремено бил прекинат.
Судири меѓу демонстранти и полицијата имало и во Тулуз, а во повеќе градови биле блокирани улици и нарушен сообраќај.
Владата свика кризен состанок
Премиерот Себастиен Лекорни на 1 октомври свика меѓуминистерски кризен состанок во Министерството за внатрешни работи и побара министрите да ги откажат планираните патувања за властите да можат целосно да се посветат на ситуацијата.
Владата ескалацијата ја опиша како „урбано насилство“, додека министерот за внатрешни работи Лоран Нунез побара распоредување на дополнителни полициски и жандармериски сили.
Министерството за образование соопшти дека повеќе од 400 училишта ќе бидат затворени на 2 октомври, поради оштетени системи за противпожарна заштита или закани и напади врз вработени. За нив е предвидена настава на далечина. Министерот за образование Едуар Жефре најави и средба со претставници на учениците, родителите и синдикатите.
Спор околу политичката заднина
Еден од главните политички спорови е дали протестите се спонтано движење на учениците или се организирани од политички структури.
По кризниот состанок, владини извори соопштија дека разузнавачките служби сметаат оти зад ширењето на протестите стои организација поврзана со левичарската партија „Непокорна Франција“ (LFI) и нејзини структури. Партијата го отфрли тоа и оцени дека протестите произлегуваат од незадоволството на учениците од состојбите во образованието.
Протестите продолжуваат на 2 октомври, кога се очекува средба меѓу министерот за образование и претставници на учениците, родителите и синдикатите. Во меѓувреме, во делови од Франција се издадени забрани за демонстрации околу училиштата што се затворени поради безбедносната ситуација.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Хаос на протестите на француските гимназијалци:…
Протестите на гимназијалците во Франција, кои започнаа…
Францускиот премиер свика кризен состанок откако училишните…
Францускиот премиер Себастијан Лекорни денеска свика кризен…
САД им се заканија на Германија и…
Владата на САД ги предупреди Германија и…
Макрон и Санчез го поддржуваат можното враќање…
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека…
Макрон нареди изработка на план за заштита…
Францускиот претседател Емануел Макрон во петокот изјави…