Владата ги намалува цените на училишниот прибор – 10% во трговија на големо, и до 15 проценти на цените во трговија на мало
Владата ги намалува цените на училишниот прибор – 10% во трговија на големо, и до 15 проценти на цените во трговија на мало, соопшти денес портпаролката на Владата, Марија Митева.
– Со почетокот на новата учебна година, една од нашите цели е да им помогнеме на семејствата да ги намалат трошоците и да го заштитиме животниот стандард на граѓаните.
Токму затоа, Владата на денешната владина седница донесе одлука со која се намалуваат цените на училишниот прибор, во периодот од објавување на одлуката во „Службен весник“, односно од денеска, заклучно со 30 септември 2026 година.
Со оваа одлука, трговците на големо се задолжуваат цените на училишниот прибор да ги намалат за најмалку 10%, додека пак трговците на мало се задолжуваат да обезбедат намалување од најмалку 15%.
Мерката опфаќа широк спектар на производи кои се неопходни за почетокот на учебната година. Ќе ми дозволите овде да ги набројам сè со цел да бидат семејствата и граѓаните запознаени: ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала, боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст-маркери, темперни, акрилни и водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни, како и материјали за изработка. Практично, сè што е потребно за стартот на учебната година.
Особено важно е што со одлуката се обезбедува и транспарентност во однос на намалувањето. Трговците се должни покрај новата, намалена цена на производот, да ја прикажат и старата цена која важела на 1 јуни 2026 година. Затоа што, токму оваа цена се зема како базична врз основа на која се утврдува намалувањето.
Одлуката важи од денот на нејзино објавување до 30 септември 2026 година. Тоа значи дека во овој период граѓаните треба да имаат можност да ги набават производите опфатени со мерката по намалени и јасно означени цени.
Ова е конкретна мерка насочена кон директна поддршка на семејствата во период кога имаат зголемени трошоци за подготовка на децата за новата учебна година. Намалувањето на цените на училишниот прибор е уште еден чекор во насока на заштита на животниот стандард на граѓаните, како и намалување на притисокот врз семејниот буџет.
Почитувани граѓани,
Нашата цел е јасна, родителите да можат да го обезбедат потребниот училишен прибор за своите деца по пониски цени, со јасно прикажана базична, но и намалена цена и со правила кои важат подеднакво за сите трговци. – соопшти Митева.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата ги намалува цените на училишниот прибор…
Владата ги намалува цените на училишниот прибор…
Училишна кошничка до 15 проценти попуст, е…
Подготвена е нацрт-одлуката за воведување на училишна…
Владата го демантира СДСМ: Шише вода од…
Владата ги отфрли како „невистинити“ и „целосно…
Влада: Обезбедени се над 10 милиони евра…
Владата донесе Одлуката со која се менуваат…
Со 69 гласа изгласани се новите министри…
Собранието попладнево со 69 гласа „за“, без…