Вучиќ до Студентската листа: Ужасно ми е што победивте, на граѓаните можете да им понудите само јогурт и омраза

t

Претседателот на пратеничката група „Александар Вучиќ – Србија победува“, Александар Вучиќ, упати остри критики кон пратениците од Студентската листа, обвинувајќи ги дека наместо политички решенија, на граѓаните им нудат само „јогурт и омраза“. Неговото обраќање во српскиот парламент беше одбележано со жестоки обвинувања кон политичките противници, по инцидентот во кој пратеничка од Српската напредна партија беше полеана со јогурт.

Како што пренесува Н1, Вучиќ својот говор го започна со инцидентот што се случил пред конститутивната седница на Народното собрание, кога Марија Радовановиќ ја полеала со јогурт пратеничката Лидија Вукиќевиќ на влезот во парламентот.

Вучиќ го оцени настанот како „најбрутален напад“, нагласувајќи дека вакво однесување не очекувал на ден кој, според него, требало да биде свечен.

„Денеска, за првпат, наместо честитки, имавме можност да го видиме најбруталниот напад врз народната пратеничка Лидија Вукиќевиќ, која е виновна, веројатно, затоа што дошла на главниот влез, затоа што сакала да ја работи својата работа, онаа за која ја избрале граѓаните на Србија“, изјави Вучиќ.

Тој тврдеше дека пратеничката била изложена на навреди, физичко влечење и понижување, а особено го критикуваше, како што рече, отсуството на извинување за инцидентот

Марија Радовановиќ, која ја полеала пратеничката со јогурт, за српскиот весник „Данас“ изјавила дека нејзиниот потег не бил однапред осмислен перформанс, туку спонтана реакција на досегашните случувања во земјата.

Вучиќ возврати дека незадоволството не може да биде оправдување за такво однесување.

„И ние сме лути што ги блокиравте улиците, факултетите, што нашите деца ништо не учеа, па дали имаме право да ве полеваме со јогурт и со што било друго?“, праша тој.

Во продолжение на обраќањето, Вучиќ ги обвини претставниците на Студентската листа дека со блокадите на факултетите и улиците придонеле за назадување на образовниот систем во Србија.

Тој се осврна и на обвинувањата дека по изборниот пораз немал намера да ги признае резултатите и дека планирал да ја употреби војската за да остане на власт.

Вучиќ ги отфрли ваквите тврдења, наведувајќи дека немало никакви подготовки за државен удар и дека неговите контакти со меѓународните претставници биле насочени кон зачувување на мирот и укажување на изборните неправилности.

Тој рече дека му било „ужасно“ што победила Студентската листа, но тврдеше дека претставници на Европската Унија му честитале за неговото однесување по изборите.

Во своето обраќање, Вучиќ истакна и дека Стојан Раденовиќ, кандидатот на Српската напредна партија за претседател на Собранието, е постручен и пообразован од претставниците на Студентската листа.

На крајот, повторно им се обрати на политичките противници, порачувајќи им дека единственото што можат да им го понудат на граѓаните се „омраза и јогурт“.

Во меѓувреме, за претседател на Народното собрание на Србија се предложени двајца кандидати – Александар Чупиќ од Студентската листа и Стојан Раденовиќ од Српската напредна партија.

Формирани се и пратеничките групи во новиот парламентарен состав. За претседател на групата „Александар Вучиќ – Србија победува“ е избран Вучиќ, со заменик Миленко Јованов, додека Студентската листа ќе ја предводи Јово Бакиќ, со заменичка Александра Штимац.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Вучиќ до Студентската листа: Ужасно ми е…

Претседателот на пратеничката група „Александар Вучиќ –…

Прекин во услугите на „Епл“: Корисници пријавуваат…

Корисници на „Епл“ на 17 ноември пријавија…

(Фото) СДСМ доживеа дебакл на протестот во…

Најавата на СДСМ за протест во Охрид…

МВР: Од 15 ноември до 15 март…

Од 15 ноември почна законската обврска за…

Бајден за потегот што го загрижи Кремљ:…

Поранешниот американски претседател во книгата „Ветувај ми,…