Вучиќ од Минхен: Србија е сериозно загрозена од воената соработка меѓу Косово, Хрватска и Албанија

t

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србија е „сериозно загрозена“ од воената соработка меѓу Косово, Хрватска и Албанија и најави зајакнување на одбранбените капацитети на земјата, говорејќи на маргините на Минхенската безбедносна конференција.

„Со формирањето на воениот сојуз меѓу Хрватска, Приштина и Тирана, ние сме сериозно загрозени и ќе се позанимаваме со тој проблем. Ова е прашање што мора сериозно да го сфатиме“, изјави Вучиќ пред новинарите во Минхен.

Тој додаде дека Србија ќе преземе конкретни чекори за зајакнување на воената индустрија и одбраната.

„Ќе мораме да извезуваме оружје за да заработиме, но ќе го зголемиме уделот на производството што оди директно за Војската на Србија. До 30, можеби дури и 40 проценти од нашето производство ќе оди директно во војската. Србија е подготвена да го брани својот народ и територија посилно од кога било, а од месец во месец ќе бидеме сè посилни“, изјави Вучиќ.

Тој изрази загриженост и поради, како што рече, недостатокот на реакција од меѓународната заедница.

„Ме загрижува што сите се прават глуви и зборуваат бајки за соработка. Прашањето не е кому продавате муниција, туку со кого сте во воен сојуз“, рече тој.

Во исто време, министрите за одбрана на Хрватска, Албанија и Косово одржаа трилатерален состанок во Минхен, каде разговараа за продлабочување на соработката во рамките на Декларацијата за одбрана и безбедност, пренесува Index.hr.

Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ изјави дека оваа соработка не претставува закана за други земји.

„Оваа соработка е јасно насочена кон зајакнување на стабилноста во регионот и не загрозува никого. Нашата цел е продлабочување на партнерството меѓу Хрватска, Албанија и Косово“, изјави Анушиќ.

Декларацијата за одбранбена соработка меѓу трите земји беше потпишана на 18 март 2025 година во Тирана, а Албанија најави и прва заедничка воена вежба во 2026 година.

Српското Министерство за одбрана претходно изрази загриженост за оваа соработка, оценувајќи дека претставува сериозен безбедносен предизвик.

Според српските власти, оваа иницијатива има пошироки политички и безбедносни импликации и Србија внимателно ќе ја следи ситуацијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Вучиќ од Минхен: Србија е сериозно загрозена…

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека…

Грчките земјоделци со десетици трактори во центарот…

Грчките земјоделци денес донесоа десетици трактори во…

Поморска несреќа во риечкото пристаниште: Турски товарен…

Во Риека вечерва се случи поморска несреќа…

Сијарто со остри обвинувања: Украина грубо се…

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто,…

„Дај Боже да нема уште многу време“…

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Минхен…