Г.г. Стефан му се заблагодари на Кирил од Москва за „татковската грижа“, рускиот патријарх ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА
Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, му упати честитка на рускиот патријарх Кирил по повод неговиот 80. роденден, во која ја истакна неговата „духовна мудрост“ и „татковска грижа“. Честитката лично му ја пренесоа двајца македонски владици, кои на 21 ноември престојуваа во Москва, каде што Кирил им порача дека Македонската црква добила „законска автокефалност“.
Средбата се одржала во Патријаршиската и Синодална резиденција во Даниловиот манастир во Москва. Македонската делегација ја предводел дебарско-кичевскиот митрополит Георгиј, а во нејзиниот состав бил и хераклејскиот епископ Климент.
Во честитката, објавена од Московската патријаршија, архиепископот Стефан му оддал признание на Кирил за начинот на кој ја предводи Руската православна црква во време на сериозни предизвици.
„Во Вашето одговорно првосветителско служење на чело на Руската православна црква во целост се откриваат Вашата духовна мудрост и татковска грижа“, му напишал Стефан на рускиот патријарх.
Македонскиот архиепископ му посакал здравје, мир и уште многу години на чело на Руската православна црква, за нејзино добро и за доброто на целото православие.
Во честитката не се споменува руската инвазија врз Украина, ниту јавната поддршка што Кирил ја дава на политиката на рускиот претседател Владимир Путин.
При средбата со македонските владици, рускиот патријарх ја истакнал духовната и словенската поврзаност меѓу двете цркви, но посебно внимание посветил на статусот на МПЦ-ОА.
„Многу нешта нè поврзуваат, веќе затоа што сме Словени, припаѓаме на кирилометодиевската традиција и го разбираме јазикот едни на други. Многу сум радосен што сега имаме можност заедно да се молиме и да служиме богослужби“, рекол Кирил.
Тој нагласил дека средбата има посебно значење бидејќи македонските архијереи првпат присуствуваат во Москва во ново црковно својство.
„Нашата денешна средба е посебна: за првпат присуствувате како делегати на Македонската црква – помесна црква која доби законска автокефалија“, изјавил рускиот патријарх.
Митрополитот Георгиј му се заблагодарил на Кирил за поддршката што Московската патријаршија ја дала во процесот на решавање на црковниот статус на МПЦ-ОА, како и за признавањето на автокефалноста доделена од Српската православна црква.
„Дојдовме како пратеници испратени од неговото блаженство архиепископот Стефан, за да ги пренесеме неговите искрени и срдечни честитки, желби за здравје и сили за понатамошно извршување на првосветителската служба“, рекол Георгиј.
Македонскиот митрополит потсетил и дека пред две децении на македонски студенти им била овозможена настава во духовните училишта во Русија, а дел од нив денес работат во црковните образовни институции во Македонија.
На средбата биле разменети и подароци. Македонската делегација му подарила на Кирил икона на светите Кирил и Климент Охридски, додека рускиот патријарх испратил за г.г. Стефан комплет од две панагии и напрсен крст. Панагии добиле и митрополитот Георгиј и епископот Климент.
Средбата се одржува во период кога Кирил останува една од најконтроверзните личности во православниот свет поради неговата јавна поддршка за руската војна против Украина.
По почетокот на инвазијата во 2022 година, рускиот патријарх повеќепати ја оправдуваше руската воена политика. Во проповед од септември истата година тој зборуваше за жртвувањето на војниците кои загинуваат исполнувајќи ја својата должност, изјавувајќи дека таквата жртва ги измива гревовите на човекот.
Поради неговите ставови, Европската Унија во 2022 година разгледуваше воведување санкции против Кирил, но неговото име беше отстрането од пакетот по противењето на Унгарија. Велика Британија, пак, воведе санкции против рускиот патријарх.
Во 2026 година повторно беше отворено прашањето за негово санкционирање на европско ниво, но според објавените информации, и вториот обид не успеал по противење од Бугарија.
И покрај контроверзиите околу неговата поддршка за Кремљ, односите меѓу Руската православна црква и МПЦ-ОА продолжуваат да се развиваат, а македонските владици во Москва изразија благодарност за руската поддршка во процесот на решавање на црковното прашање.
Прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА останува значајно и во односите со останатите православни цркви. На 5 јуни 2022 година српскиот патријарх Порфириј му врачи томос за автокефалност на архиепископот Стефан, а Руската православна црква ја призна таа одлука.
Претходно, на 9 мај 2022 година, Вселенската патријаршија ја прими МПЦ-ОА во евхаристиско единство, со што беше направен клучен чекор кон надминување на повеќедеценискиот црковен спор. Сепак, Вселенскиот патријарх Вартоломеј досега нема издадено томос за автокефалност.
Така, додека Москва ја нагласува „законската автокефалност“ на Македонската црква, а Стефан му упатува пофалби на Кирил, остануваат отворени прашањата за односот на црковните поглавари кон војната во Украина и за понатамошното меѓуправославно признавање на статусот на МПЦ-ОА.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Г.г. Стефан му се заблагодари на Кирил…
Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска…
Припадници на Баталјонот на специјални сили спасија…
Припадниците на Баталјонот на специјални сили (БСС)…
Мицкоски: Избрана трасата за експресниот пат Кочани…
Почетокот на изградбата на експресниот пат што…
Три нафтени танкери погодени во и околу…
Два нафтени танкера биле погодени со проектили…
Родителите на загинатите во „Пулс“ стравуваат дека…
Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката…