Објавено на:

Ги мамела в кревет, па ги дрогирала и ги ограбувала – морничава шема на романска двојка во Британија

t

Адина Михај (31) и нејзиниот партнер Мадалин Думитру (30) се осудени на по 17 години затвор поради смртта на двајца мажи кои ги дрогирале и ограбиле. Михај се претставувала како сексуална работничка и договарала средби во домовите на жртвите, додека Думитру ѝ помагал во изработката на профили на интернет.

Двојката во јуни ја признала вината за убиство од небрежност, а пресудата им била изречена денеска во судот во Оксфорд, објави „Скај њуз“.

На судењето било кажано дека двојката дрогирала четворица мажи. Во вино им ставале гама-бутиролактон, силен седатив познат и како „дрога за силување“, за да ги онесвестат, а потоа да ги ограбат.

Двајца од мажите, 80-годишниот Малколм Кинг и 37-годишниот Гери Моуат, починале.

Кинг починал на 21 август 2024 година во Багендон, во Глостершир, додека Моуат починал речиси една година подоцна, на 13 јули 2025 година, во Банбери, во Оксфордшир. Двојката, која потекнува од Романија, признала и уште два случаи на дрогирање кои не завршиле со смрт.

Судијката Џастис Брунер при изрекувањето на пресудата рекла дека нивната заедничка намера била „да ја онеспособат секоја жртва и да ја доведат во состојба на длабока несвест“.

„Дозирањето на дрогата било случајно. Зависело од јачината на секоја серија, од количината што сте ја ставиле во пијалакот и од количината што тие ја испиле. Не користевте фиксни дози“, рекла судијката.

„Намерата ви била само длабоко да ги успиете. Да размислевте барем за момент за ризиците, а требаше да го направите тоа, ќе сфатевте дека таквата постапка носи висок ризик од тешки повреди или смрт“, додала таа.

На обвинетите им било објаснето дека според сегашните правила можат да побараат ослободување откако ќе издржат две третини од казната, но дека новиот Закон за изрекување казни од 2026 година би можел тоа да го промени на најмалку половина од издржаната казна.

Мажите договарале средби со Михај додека сопругите не им биле дома

Откако полицијата утврдила дека втората жртва, Гери Моуат, била отруена, било издадено национално предупредување до сите полициски единици. На тој начин службениците размениле информации и ги поврзале случаите.

Форензичките траги по смртта на Моуат ја навеле полицијата на заклучок дека и Малколм Кинг бил отруен. Неговата смрт првично не се сметала за сомнителна поради претходните здравствени проблеми.

На судот било кажано дека Кинг, пензиониран, богат и оженет маж, ја контактирал Михај на 20 август 2024 година. Тој договорил средба во својот дом истата вечер, додека неговата сопруга не била дома.

Следното утро го пронашла жената која му го чистела домот, а покрај него имало празно шише вино и две чаши.

Кинг со години имал проблеми со срцето и вграден пејсмејкер. Со анализа на податоците од уредот, кардиолозите успеале прецизно да ги утврдат околностите на неговата смрт.

На судењето биле изнесени и детали за смртта на Гери Моуат. Неговата сопруга и синот не биле дома ноќта на 12 јули минатата година, кога тој ја контактирал Михај преку платформата „Вивастрит“.

„Веруваме дека има уште мажи кои се сретнале со Михај“

Михај и Думитру потоа допатувале од Илфорд до домот на Моуат. Откако тој испил вино во кое бил ставен гама-бутиролактон, Михај го оставила во несвест и ја пребарала куќата во потрага по вредни предмети.

Следното утро го пронашле семејни пријатели, кои се загрижиле затоа што тој не им се јавувал.

Обвинителот Џулијан Еванс рекол дека обвинетите дејствувале заедно и дека имале различни улоги во нивниот план. Тој нагласил и дека Михај не им давала никакви сексуални услуги на жртвите.

Михај и Думитру биле уапсени на 31 јули минатата година, а обвинети на 6 август, по смртта на Моуат.

Истражителите веруваат дека има уште мажи кои биле жртви на двојката и ги повикале да се јават во полиција.

Инспекторот Адам Стејси, кој ја водел истрагата за смртта на Малколм Кинг за полицијата во Глостершир, изјавил дека веруваат оти има и други жртви.

„Веруваме дека има уште мажи кои се сретнале со Михај во слични околности, кои биле дрогирани и ограбени. Ги повикувам тие мажи да се јават во полиција. Сакам да ги уверам дека со нивните пријави ќе постапуваме внимателно и дискретно“, рекол тој.

„Морав да му кажам на мојот осумгодишен син дека татко му починал“

На судот била пуштена снимена изјава од деветгодишниот син на Гери Моуат, Алфи, кој зборувал за загубата на својот татко.

„Мојот татко беше смешен, будалест, полн со љубов и шегаџија, секогаш се задевавме еден со друг“, рекол Алфи.

„Ми го уништивте животот и сите планови што ги имавме. Моето семејство сега е уништено“, додал тој.

Сопругата на Гери Моуат, Луиз, исто така им се обратила на обвинетите.

„На 13 јули минатата година нашите животи засекогаш се променија поради тоа што го направивте. Морав да му кажам на мојот осумгодишен син дека татко му починал. Никогаш нема да го заборавам неговиот крик кога сфати дека татко му повеќе го нема. Падна на подот и ме молеше да му кажам дека тоа не е вистина. Целиот пат до дома се возевме држејќи се за раце“, раскажала таа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Измамник од Кавадарци фатен со обележани 2.000…

На 23.07.2026 во 13:50 часот на Градски…

Поверувала дека е во врска со Барон…

Њујорчанка напишала на Reddit дека нејзината 53-годишна…

Откриена голема измама во 15 европски земји:…

Властите од 15 земји разбија голема криминална…

(Видео) Сведоштво на измамениот Петров за лажно…

„Живееме многу тешко. Дома сме со пензија…

Измама од туристичка агенција тешка 87 илјади…

Според информациите од полицијата, 34-годишна жена и…