(Видео) Сведоштво на измамениот Петров за лажно лекување: „Благоја Коруноски ми зеде 90 илјади евра за да ја носиме сопругата во болница во Виена, тоа не се случи“
„Живееме многу тешко. Дома сме со пензија од татко ми, 20.000 илјади денари. Добив и јас семејна пензија, но ми ја сопреа. Парите ги позајмив од доста луѓе, кој 25 илјади, 15 илјади, кој 10 илјади евра и сега луѓето си ги бараат парите назад. Еден дојде, си побара пари назад, тракторот му го дадов. Други луѓе си ги бараат парите. Некој сака да не извади од куќата, ама не можам уште да ја дадам куќата под хипотека, да земам кредит и да почнам да враќам пари назад.“
Ова е ситуацијата во која живее педесет и четиригодишниот Лазе Петров од Валандовско, заедно со родителите и малата ќерка. Тој бил измамен дека неговата сега почината сопруга, Наташа Петрова, која боледувала од леукемија, ќе биде носена во клиника во Виена, Австрија, како врвно место за лекување. Како измамник го посочува тиктокерот Благоја Коруноски, кој во 2006 година беше осуден на затворска казна за убиство со ловечка пушка, а сега е сведок во судењето против телохранителот на премиерот Христијан Мицкоски, како лице кому му биле дадени службени документи од МВР, а кои се државна тајна.
На 30 април, полицијата го уапси Коруноски на граничниот премин „Табановце“, како осомничен за случајот за измама на Петров, а за судот му определи мерки за претпазливост.
„По претходно добиени информации за сторено кривично дело „измама“, Одделот за криминалистичка полиција, во содејство со СВР Струмица – ОВР Валандово, презеде координирани мерки и активности за расчистување на случајот. Според досегашните сознанија, во периодот од јули до ноември 2025 година, осомничениот, со намера да прибави противправна имотна корист, довел во заблуда лице од Валандово, прикажувајќи лажни факти дека ќе помогне во организирање лекување во странство за неговата сопруга. На тој начин, оштетениот во повеќе наврати уплатил вкупно околу 88.300 евра (5.549.200 денари), во меѓувреме, неговата сопруга починала“, велат од МВР.
Петров вели дека Коруноски од него зел 90 илјади евра – 88 илјади на сметка, како позајмица, а 2 илјади кеш, пари кои биле барани од него за најразлични причини: од мито за докторите да потпишат конзилијарно мислење, па се до мито за министерот Азир Алиу, бидејќи давањето на парите се случувало во моменти кога се менуваше министерот за здравство, а се давани со надеж за спас на Петрова.
„Ми се јави на телефон за да контактираме, да се запознаеме. Потоа, почна да ѕвони само на Вибер, за да не го прислушуваат. После неколку дена, ми побара уште 10% од сумата што ќе биде одредена од Виена, некаде 113 илјади евра. Пак му пуштив уште 10.300 евра. Се така, почна со текот на времето, се за нешто треба пари. Парите ми ги бараше за тројцата доктори што требаше да потпишат. После некое време, кога се смени министерот за здравство, рече дека и новиот министер сакал 10.000 евра, за да го одобри лекувањето. Му пуштив се на сметка, за он да им ги даде на нив. На крај стигнавме до сума од 88.300 евра на сметка на Коруноски и 2.000 евра му дадов на рака“, вели Петров.
Фактите пак, се дијаметрално различни од тоа што му било тврдено на Петров. Институциите велат дека немало план, ниту било препорачано неговата сопруга да биде лекувана во странство.
„Станува збор за пациентка Н. П. со дијагноза акутна мијелобластна леукемија, една од најтешките малигни заболувања со исклучително висока смртност во европски и светски рамки. Пациентката e навременo дијагностицирана и лекувана со најсовремена терапија по протокол. За пациентката Н.П. не било планирано, ниту препорачано лекување во странство, бидејќи овие заболувања се третираат по протокол на Клиниката за хематологија и не се упатуваат за лекување во странство. За жал, пациентката на 06.09.2025 година почина, а согласно извештајот од дежурниот лекар, од страна на фамилијата е одбиена обдукција“, велат од Клиниката за хематологија за Инфомакс.
Петров вели дека Коруноски го уверувал дека Фондот за здравство ќе го покрие лекувањето во странство. Но, дека воопшто не било побарано лекување во странство за Петрова, за Инфомакс потврдија и од Фондот за здравствено осигурување.
„Во евиденцијата на Фондот за здравствено осигурување досега не е евидентирано поднесено барање за лекување во странство за осигуреното лице Н.П.“, рекоа од ФЗО за Инфомакс.
По смртта на неговата сопруга, Петров е во агонија – како член на семејство земјоделци, вели дека е останат без денар. Преписките кои ги достави до Инфомакс, покажуваат дека речиси секојдневно, со месеци, добива пораки дека ќе ги добие парите „денес, најдоцна утре“, но тоа никако да се случи. Добивал и „докази“ преку уплатници или е-уплати кои никогаш не се случиле. Додека ги чека парите, луѓето од кои се позајмил, веќе почнале да си ги параат парите назад, па вели, го дал тракторот, а веќе му ја баралате и куќата во која живее со двегодишната ќерка и своите родители кои се близу 90 години.
„Додека сопругата ми беше во болница, тој цело време знаеше како се лекува и каква и е состојбата. Од првата хемотерапија, почна да има висока температура. Со текот на времето, докторите и ја смениле терапијата и температурата и се намали. Он мене ме излажа дека наводно, од Австрија пуштиле специјални лекови за да и дадат на Наташа, за да ја спремат за патување. Наведе дека треба да дојдат тројца доктори и да ја земат, да заминат со придружбата во Австрија. Парите му се дадени на сметка, како позајмица. Јас ги пуштив кај него, а тој да ги дава на докторите. Нонстоп бевме во контакт, секој ден ми викаше, денес ќе ги добиеш парите, од 9 до 13, од 13 до 16. Ќе ми се јавеше, парите сабајле ќе ти бидат на сметка. Дури се колнеше во неговата ќерка. Прво почна да лаже дека ја заложил колата на лихвар. Требаше да ми донесе 60 илјади евра, а останатото да ми даде покасно. После 10 дена ми рече оти имал платено за негово лекување во Белград, парите ќе ги повлечел за да ми ги даде мене. Ми рече дека ќе ми даде 79 илјади евра, а за останатото да почекам 2-3 месеци. Ми праќаше сметки како ми пушта пари, нема ништо на сметката. Од 15 септември наваму секој ден ме лаже денес утре“, рече Петров.
Прашања испративме и до клиниката за хематологија во Виена, но и до австриската амбасада во Македонија, каде потврдија дека дека она што го добил Петров како документ е фалсификат.
„По спроведена внатрешна проверка, Ве известуваме дека ова не е валиден документ“, ни одговорија од таму.
За измамата, поднел и кривична пријава до министерството за внатрешни работи. Вели дека и во моментот кога ја поднесувал пријавата, разговарал со Коруноски, кој се колнел дека ќе му ги врати парите дадени како позајмица, а бидејќи лекувањето никогаш не се реализирало.
„Имам пријава, во декември, на крајот на декември имам тужба со адвокат. Имам поднесено и во полиција за измама. Мора да има луѓе во болницата што контактираат со него, зошто ја знаеше целата ситуација на мојата сопруга. Ми кажа последно дека министерот, само го спомна дека бара 10.000 евра како нов министер, за да одобри. Инаку, се ме лажеше дека тројцата доктори во комисијата кои треба да се потпишат, на нив ги дава парите“, сведочи Петров пред камерата на Инфомакс.
Подоцна, му биле побарани уште 8 илјади евра, со наводи дека треба да направи испитувања и за неговата ќерка, а кои наводно требало да бидат извршени во Германија.
„Цело време ми покажуваше документи, а дали се валдини, дадени се во полицијата. Дадени се документите, сметките, договорот. Ми побара пари оти и мојата ќерка ќе ја добиела истата болест и дека треба да оди во Германија, да се испита и да се стави некоја инекција. После некое време, ми рече наместо во Австрија, треба да оди на 20 дена во Германија сопругата. Прво да биде во Германија, а за тоа ми побара 19.000 евра во Германија. Ми рече дека ситуацијата тече, никако да не кажувам на докторите. Таму беше Марица Павковиќ и доктор Зоран. Кога почина сопругата, дојдов во контакт со Марица Павковиќ, разговарав со неа, ја прашав дали имало ситуација да се прати, она ми рече дека сум бил измамен. Ја прашав дали пуштиле лекови од Австрија, рече дека сум измамен и да го пријавам во полиција. Кога побара пари за ќерка ми дека ќе биде исто болна, се слушнав со повеќе доктори. Сите рекоа дека тоа не е пренослива болест. И тука престанав да му давам пари“, раскажува Петров.
Ова не е прв случај на измама во кој се споменува името на Коруноски. Лани летото, Портал Икс објави сторија, во која тој, заедно со ексградоначалникот на Кривогаштани беа обвинети за измама за социјални станови и вработување во МВР, тешка 39 илјади евра.
Александар Тодески
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Сведоштво на измамениот Петров за лажно…
„Живееме многу тешко. Дома сме со пензија…
Мицкоски за уапсениот обезбедувач: Уште еден доказ…
Институциите постапуваат за случајот, законот важи подеднакво…
Кривична за обезбедувачот на Мицкоски кој физички…
Полицијата поднела кривична пријава против полициски службеник…
Кривична за четири малолетнички за насилството врз…
МВР информира дека на 29. минатиот месец…
Приведени седум лица за нападот на објект…
Приведени седум лица за обидот за опожарување…