Глобалните трошоци за храна продолжуваат да се намалуваат и во ноември
Цените на храната на светските пазари продолжија да паѓаат и во ноември, трет месец по ред, при што најголем пад е забележан кај млекото, млечните производи и растителните масла, соопшти агенцијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).
Според новите податоци на ФАО, во октомври цените се намалија за 1,6 проценти на месечно ниво, додека во ноември индексот на цените на кошничката основни прехранбени производи изнесувал 125,1 поени, што е за 1,2 проценти пониско од октомвриското ниво.
Индексот покажува дека глобалните цени на основните прехранбени производи се пониски за 2,1 процент споредено со истиот период лани, јавува Хина.
Најголемо намалување е забележано кај шеќерот – пад од 5,9 проценти во однос на октомври, како резултат на очекуваната силна понуда и високо производство во Бразил, Индија и Тајланд.
Цените на млекото и млечните производи се намалени за 3,1 процент, пред сè поради падот кај путерот и полномасното млеко во прав, поддржан од зголемено производство и изобилство на понуда во главните светски региони.
Растителните масла поевтинија за 2,6 проценти, при што особено се издвојува сончогледовото масло, чии цени паднале поради подобрената понуда од регионот на Црното Море.
Месото е поевтино за 0,8 проценти, што се должи на пониските цени на живинското месо поради изобилна понуда и засилена глобална конкуренција. Пад е забележан и кај свинското месо, како резултат на слаба побарувачка во Европската Унија и кинеските тарифи кои го ограничуваат увозот.
За разлика од другите категории, цените на житарките пораснаа за 1,3 проценти во споредба со октомври. Цената на пченицата скокна за 2,5 проценти поради стравувањата дека конфликтите во регионот на Црното Море би можеле да го нарушат снабдувањето и да ги намалат засадените површини во Русија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Глобалните трошоци за храна продолжуваат да се…
Цените на храната на светските пазари продолжија…
ССМ: Сè поскапо, платата во место: Владата…
Додека само во изминатата година трошоците за…
ОН: На секои десет минути жена е…
ОН вчера соопшти дека минатата година речиси…
Нетанјаху го поздрави усвојувањето на резолуцијата на…
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поздрави гласањето…
АХВ: Забрани за 15 оператори со храна…
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече…