„Го кршев ѕидот пред влезот на дискотетката, да направам дупка за да им влегува воздух на децата“ – мајката на починатата Надица сведочеше како полицаец одбил да ѝ помогне за ќерка ѝ
Со изкази на сведоци, како дел од доказната постапка, денес во судницата во Идризово продолжува судската постапка за трагедијата во Кочани. На обвинителна клупа и денеска седнаа 37 обвинети – 34 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и државни службеници. Тие се товарат за тешки дела против општата сигурност поради пропусти што директно довеле до трагедијата.
Сведок Габриела Наунова
ОЈО – Може ли да ни го објасните вашиот живот пред настанот на 15.03.2025?
Г.Н – Животот пред 15 март ни беше скромен, полн со радост, исполнет со среќа. На 15 март Надица беше повикана на роденден на нејзина другарка во Штип. Кога се врати од Штип од забавата, договорот беше наредниот ден да не излегува бидејќи се знае, надвор, на страна од градот, потроши повеќе пари, другрката што славеше роденден ѝ беше блиска, поклонот беше како што заслужува една добра другарка и се договоривме вечерта да не излегува. Попладне беше на кафе, кога се врати беше во нејзината детска соба, јас со мојата ќерка бев повеќе од другарка, споделуваше се со тебе, ме викна во собата бидејќи зборуваше со другарките и рече сакаат другарките да се слушнат со тебе. „Тетка Габи, те молам пушти ја да излеземе“ рекоа. Јас кажав дека се договоривме да не излегува, таа ми рече „мамо но Филип ќе дојде“, а Филип ѝ беше симпатијата од Штип. Како и секоја мајка, не сака да му застане на детето на среќата, ѝ дозволив да излезе, но ѝ реков до 1, после еден да се врати. Рече ако одат сите, ќе одам и јас во Пулс. Јас таа вечер излегов со моите пријателки, кога се вратив дома во 10 часот таа не беше веќе дома, ѝ ѕвонев, ми рече мамо јас излегов, сега сум во Булевар. Тоа ми беше последниот повик, ѝ кажав јас ќе си легнам, ме боли многу главата, ако има нешто слободно ѕвони ми. Телефонот ми заѕвони во 2 и 40 и некоја минута. Јас не можав да го најдам мојот телефон, одма после тоа ѕвонеше на сопругот телефонот. Се јавив од неговиот телефон, на телефонот беше мојата пријателка Анита, ми рече „Габи диското гори“. Јас одма истрчав кај Надица во собата. Кога видов дека Надица не е во соба одма претпоставив дека е во диско. Го зедов мојот телефон само загрнав палто, го разбудив и сопругот и директно тргнавме кон диското. Неколку пати ѝ ѕвонев, кога видов дека не ми се јавува, бидејќи таа во која гужва и да е секогаш ми креваше на телефон, сфатив дека нешто големо се случува таму. Кога стасавме на кружниот тек кај „Национал“ имаше полциија, не ни дозволија со кола да се качиме нагоре накај дискотеката. Јас се симнав од колата, на кружниот тек стоеја од обезбедувањето Бојата и Мартин. Едниот не се сеќавам само во магла ми е кој од нив се држеше за глава и викаше „леле што направивме“, само не се сеќавам кој од нив двајца. Кога трчав нагоре само го извикував името на Надица надевајќи се дека ќе ја видам некаде пред дискотеката, но затеков грозна слика, хорор, деца на сите страни. Сакав да влезам во дискотеката, но не ме пуштија внатре. Слушав викотници од левата страна, од кај женските вециња и отрчав таму. Девојчиња имаше, се држеа на шипките и викаа „воздух, воздух“, а од таму излегуваше црна чад. Јас ги прашав Надица таму ли е, никој ништо не ми одговори. Пак се вратив пред влезот на дискотеката и почнав да кршам бидејќи знаев дека тоа се вецињата од таа страна, да направа дупка за да им влегува воздух на децата. Како што кршев, некој ми подаде едно девојче, целото беше исцрнето по лицето, ама беше живо, ја потпрев до ѕидот на страна, ја исправив и ја прашав дали е добро, ми климна со главата и пак се вратив кај влезот. Второто девојче што ми го подадоа тоа беше мојата ќерка. Мојот сопруг влегува во дискотеката и пред самиот влез ја нашол. Кога ми ја подаде Аце Надица, ја зедов и клекнав одма за да ја држам исправено, очињата ѝ беа отворени, мислев дека е онесвестена само и почнав да тражам помош или вода да ми даде некој. Дотрча едно дете, ми донесе вода, почнав да ја мијам, да ја шлапкам по обравчињата, немаше никаква реакција. На сопругот му реков да отиде да ја донесе колата. Потоа побарав помош од полицајците што стоеја околу мене, еден од нив се заврте и ми вика „не сум јас обучен за тоа“. После некое време дотрча Жарко, сопругот на сега починатата Моника, тој ми ја качи Надица, ја зеде за нозе и ја качивме во неговото возило.
ОЈО – Полицискиот службеник на кого сте му се обратиле дали знаете како се вика?
Г.Н – Не.
ОЈО – Продолжете, благодарам.
Г.Н – Ја однесовме во болницата, бевме меѓу првите, ја зедоа Надица, директно ја качија во хирургија, ја внесоа во сала, а мене ми рекоа да чекам во ходникот. Бидејќи мојот сопруг си го беше заборавил телефонот дома, на нас патиштата ни се раздвоија уште пред дискотеката, кога отрча да го земе нашето возило. Додека се молев надвор дојде доктор Томче, му барав помош, ми ги турна рацете и ми рече „не е само твоето дете“. Пред операционата сала имаше помала просторија каде имаше друго девојче што примаше кислород. Тоа девојче повика и јас отидов да видам, не се сеќавам за време, не знам колку време сум била таму, а претходно ми ѕвонеше сопругот од некој друг телефон ме праша каде сум, јас му кажав каде сум и тој кога дојде праша „како е Надица“, една од сестрите излезе и рече дека ѝ го вратиле пулсот. Девојчето кога викна отидов до таа соба, имаше еден прозорец, се гледаше Надица, кога видов дека детето ми лежи само на креветот, без никој околу неа, без никој да дојде да ми каже дека е почината… Тогаш ми се сруши целиот свет. Многу е тешко да си го гледаш сопственото дете мртво.
Сведокот мораше да излезе, бидејќи плачеше и и беше тешко, по вараќањето во судница кажа дека:
-Целата бев крвава, не се сеќавам после тоа, мислев дека ќе стане. На никој не посакувам да си го види своето чедо мртво, не на таков начин, без да има изгореница, без да има мала трага на било што, беше чиста како солза, уште парфемот ѝ мирисаше на телото.
ОЈО – Да се вратиме, пред влезот на дискотеката кажавте дека некој не ве пуштил да влезете во дискотеката?
Г.Н – Тоа беа луѓето пред влезот, не видов ни обезбедување, ни пожарникари, тоа беа луѓето што помагаа да се изнесат децата надвор.
ОЈО – Го спомнувате обезбедувањето, како знаете дека тие лица вршат обезбедување?
Г.Н – Последните две години јас бев редовен гостин во таа дискотека, со моите пријателки, со другарките, особено кога имаше концерти со познати пејачи. Тоа обезбедување беше последните две години цело време таму и Лазо Портокало и Бојата и Мартин, нонстоп беа таму.
ОЈО – Кој беше бројот на обезбедувачите?
Г.Н – Тројца, ништо повеќе.
ОЈО – Дали имаа на себе некои одбележја, за да знаете дека се обезбедувачи?
Г.Н – Цело Кочани знаеше дека тие тројца се обезбедување во таа дискотека, а не носеа ништо на себе.
ОЈО – Продолжете, доколку имате да додадете уште нешто по однос на настанот во болницата.
Г.Н – Не се сеќавам откога ја видов мртва.
ОЈО – Кажете уште нешто доколку сакате.
Г.Н – Бидејќи Пулс беше единствената дискотека во Кочани, сообено за зимен период, во таа дискотека излегуваа многу што седат тука на овие столчиња. Особено не се надевавме дека таа дискотека работи нелегално се додека не се случи овој трагичен настан бидејќи излегуваа и инспектори од полицијата и градежни инспектори и градоначалници, па да речам 90% од Кочани, сите бевме таму. И никогаш во мојот живот не сум помислила дека таа дискотека работи нелегално и дека се заминава со толку црни работи. Кога ќе го видеш градежниот инспектор Николчо таму, инспекторката од МВР, Кристина, други инспектори, полицајци, што само си влезат во дискотеката…
ОЈО – Може да посочите кој градоначалник бил од нив?
Г.Н – Лично ги немам видено, но има слики дека градоначалникот Ратко бил на самото отворање на дискотеката и дека бил чест гостин таму, а градежниот инспектор Николчо лично го имам видено.
Бранителот на Ратко Димитровски кажа дека сака да поднесе приговор, да сведокот зборува само за тие што лично ги има видено, Димитровски негираше дека бил таму, по што сведокот кажа дека го има на фотографии на страната на Пулс.
Г.Н – Ја имам лично видено и инспекторката Кристина.
ОЈО -Зошто сметате дека е битно тоа што сакате да го кажете за Кристина?
Г.Н – Затоа што во неколку наврати во мое присуство Михајло ја прашуваше Кристина дали вечерта ќе има рација и таа му одговараше „тука ќе немаш, а во дискотеката да“, или обратно, не се сеќавам, тоа беше во кафичот Класик, кадешто јас бев, а беше и Кристина и тогаш лично слушнав како Михајло ја праша.
ОЈО – Дали имате уште нешто да дополните?
Г.Н – Сакам да се обратам до сите осомничени, обвинети, ако вие не се чувствувате виновни за смртта на нашите деца, вие секогаш во нашите очи ќе бидете убијци на нашите деца.
Михајло негира дека разговарал со инспекторката „не е точен настанот што го опиша сведокот“
Еден од обвинетите, се обрати кон мајката дека и таа треба да биде обвинета, затоа што пуштила малолетно дете во дискотеката, по што бурно реагираа сите родители, а полицијата ги изнесе надвор за да се смират.
Паралелно со главниот процес, тече и посебна постапка против полициски службеници за давање лажни уверувања и дозволување на работа на дискотеката без исполнети минимално-технички и безбедносни услови. Изминатата недела Обвинителството отвори постапка и против група вработени во УЈП осомничени за мито и злоупотреби поврзани со истиот случај.
Главниот процес го води судечки совет чиј претседател е судијката Диана Груевска Илиевска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Го кршев ѕидот пред влезот на дискотетката,…
Со изкази на сведоци, како дел од…
Мајка потврди дека полициска кола пред „Пулс“…
Со изкази на сведоци, како дел од…
„Многу време го реанимиравме, не можев, умот…
Со изкази на сведоци, како дел од…
Најден мобилен телефон во ќелијата на газдата…
Во судницата во Идризово при Основниот кривичен…
Нацев: Со месеци сум цел на јавен…
Со воведни зборови на одбраната на Александар…