Голема повелба на хуманизмот за Архиепископот г.г. Стефан по повод 40-годишнината од неговото замонашување
Хуманизмот е помагање на другиот и на народите, а делото на Светите браќа Кирил и Методиј и на Светите Климент и Наум и денес им помага на многу народи, порача поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кому денеска во Охрид му беше врачена Големата повелба на хуманизмот по повод 40-годишнината од неговото замонашување.
Заблагодарувајќи се за признанието, архиепископот Стефан пред присутните на церемонијата во Куќата на МАНУ, потсети дека неговото замонашување се случило во 1986 година, на празникот на Свети Наум, за по 40 години признанието да му биде врачено повторно на празник посветен на светителите и просветителите.
– Никому ништо во живот не му се случува случајно. Да се замонашаш на Свети Наум, а признание да добиеш на Свети Климент и на празникот на Светите Седмочисленици, како што ги именуваме Светите браќа Методиј и Кирил, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, се личности директно основоположници, не само кај нас, туку и кај многу други народи, на хуманоста, а не на човекоубивањето, рече архиепископот Стефан.
Тој во оваа прилика го истакна делото на светителите, за кое нагласи дека ја претставува самата суштина на хуманизмот – помагање на другиот и на народите.
– Нивното дело, нивната активност е всушност хуманизмот, помагање на другиот, помагање на народите, порача г.г. Стефан.
Осврнувајќи се на делото на Светите Климент и Наум, архиепископот Стефан нагласи дека иако делувале од двете страни на Охридското Езеро, тие секогаш биле поврзани во мислата и во делата.
– Секогаш со особено почитување говорам и за Свети Наум, и за Свети Климент, каква идеја едниот на оваа, а другиот на онаа страна на езерото, но секогаш заедно и во мислата, и во делата, и додека биле на овој свет, но и потоа продолжиле да бидат хумани, да бидат хуманисти, човеколубиви, а пред се боголубиви, рече тој.
Говорејќи за своите четири децении во монашкиот и архиерејскиот живот, архиепископот Стефан потсети дека најпрво бил архиереј на Струмичката, односно Брегалничката епархија, а од 1999 година е Архиепископ на Македонската православна црква.
Тој изрази благодарност до верниот народ и до членовите на Светиот архиерејски синод за, како што рече, постигнатото во изминатите години, особено за обновувањето на автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и воспоставувањето релации со поголемиот дел од православните народи и цркви.
– Слава на Господа, и ги дочекавме, и ги доживеавме , рече архиепископот Стефан.
Тој изрази надеж дека ќе продолжи процесот на воспоставување односи и со оние православни цркви кои, како што рече, се уште имаат отворени прашања во однос на името и историјата на Македонската православна црква.
– Да се надеваме дека ќе го разберат и нашето човеколубие, и нашиот хуманизам, дека ништо против другите не правиме правејќи за себе, порача архиепископот Стефан.
Заблагодарувајќи се уште еднаш за Големата повелба на хуманизмот, тој порача дека хуманизмот треба да продолжи да живее со заеднички придонес.
– Јас уште еднаш ви благодарам за доделената повелба и да продолжи хуманизмот да живее со наша помош, со помош на сите нас, рече Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Голема повелба на хуманизмот за Архиепископот г.г.…
Хуманизмот е помагање на другиот и на…
МПЦ: Украден е бакарен лим од кров…
МВР информира дека вчера попладне во 17:25…
Православната црква на Америка ја призна автокефалноста…
Во катедралниот храм на Православната Црква во…
Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат…
Светиот маченик Агапиј и седумтемина со него:…
МПЦ апелира за достоинствено и христијанско однесување…
Поворката со посмртните останки на загинатите од…