Граѓаните да инвестираат во акции за ХЕЦ Чебрен, наместо да ги заробуваат парите во станови, порача претседателот на Регулаторната комисија за енергетика
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, предложи нов модел за финансирање на стратешките енергетски објекти во кој директно би се вклучиле граѓаните преку купување на акции.
Овој став тој го изнесе на тркалезната маса „Зајакнување на конкурентноста – Енергетската транзиција, CBAM и иднината на македонската индустрија“, организирана од „Фајнанс тинк“.
Според него, наместо традиционалното инвестирање во недвижности, јавноста треба да добие алтернатива за инвестиции во државни проекти како што е хидроцентралата Чебрен.
„Граѓаните наместо да ги заробуваат парите во бетон и железо – станови, да имаат возможност да учествуваат во изградбата на ХЕЦ Чебрен“, истакна Ристов, а пренесе прес-службата на РКЕ.
Тој појасни дека енергетиката не треба да биде привилегија само на државата, туку можност за сите, поради што е потребно да се разгледа воспоставување на акционерски друштва наместо класично кредитирање.
„При реализација на стратешките објекти, освен класичното кредитирање, треба да се разгледа и можноста за воспоставување модел на акционерско друштво, каде граѓаните ќе може да бидат дел и наместо да купуваат недвижности, да може да ги инвестираат парите во акции преку кои ќе се финансира изградбата“, рече првиот човек на РКЕ.
Во однос на транзицијата и намалувањето на употребата на фосилни горива, тој ја поздрави најавата на ЕСМ за когенеративната централа во Битола, но предупреди дека Македонија сериозно заостанува во сегментот на е-мобилноста.
„Кога зборуваме за енергетската транзиција тука е и електрификација, односно е-мобилноста во транспортот. Сите западни држави, но и сите развиени држави се над 50 проценти веќе со развиена е-мобилност, а ние сме само со 1 процент – тоа е поле на кое мора да се работи, тоа е иднината. Ние како регулатор почнуваме да подготвуваме регулатива и да дадеме основа и динамика за развој на овој дел“, соопшти Ристов.
На крајот, осврнувајќи се на воведувањето на јаглеродната такса, тој потенцираше дека домашната струја во моментов не е конкурентна на европскиот пазар и е регионално ограничена, поради што е неопходно итно одвојување на производителите од обновливи извори од оние кои користат фосилни горива.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Граѓаните да инвестираат во акции за ХЕЦ…
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ),…
Приведен 23-годишник од тетовско по напад врз…
Дваесет и тригодишен жител на тетовско село…
СДСМ: Извештајот на ЕП го посочува странското…
Европскиот парламент во својот извештај за Македонија…
(Фото) Доктор и медицинска сестра сакале да…
Доктор и медицинска сестра сакале да криумчарат…
Софија со нови уцени: Следна тема за…
Новиот бран бугарски барања кон Македонија би…