Објавено на:

Груби скроил своја „црна листа“: Кои 5 лица се на врвот?

t

Поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој неодамна се врати во земјава по 14-месечно бегство, по што замина во куќен притвот за предмет поврзан со Државна лотарија, долго време правел обиди да направи политички договор за камбек во државава, објави неделникот „Фокус“.

Според нашите сознанија, уште по политичките промени, прво лидерот на ДУИ Али Ахмети направил обид по политички пат да му обезбеди на Груби подобар терен за правна битка, но тогаш бил категорично одбиен од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Но, дали нешто се промени во меѓувреме?

Како што велат блиски луѓе на Груби, тој со тешко срце заминал и тешко издржувал далеку од неговиот дом. Затоа, подолго време се обидувал по разни политички, но и семејни канали да направи договор за негово враќање, кои со текот на времето се засилувале поради повеќе причини – сакал да се врати кај семејството, се чувствувал заборавен од Мала Речица, бил мета на закани…

Ако сето тоа го навело Груби да бара и обезбеди враќање под поволни услови (куќен притвор), тогаш што е она што може да го даде за возврат? Како што вели претставник на власта, Груби навестил дека ќе проговори и ќе каже сè што знае за повеќе поранешни сопартијци во партијата и во владата.

Истиот извор вели човекот што се наоѓа на „црна листа“ на САД, составил своја „црна листа“, каде што 5 лица биле во преден план – актуелниот пратеник Блерим Беџети, поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, поранешниот шеф на дипломатијата Бујар Османи, поранешниот генерален секретар на СДСМ Миле Зечевиќ и братот на експремиерот Зоран Заев – Вице Заев.

Случајно или не, токму овие и некои други имиња, поврзани со поранешната влада на СДСМ и ДУИ, деновиве беа споменувани од страна на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои, меѓу другото, тврдеа дека опозицијата стравува од тоа што би го изнел Груби пред обвинителството, што ќе детерминира кој би седнал до него на обвинителната клупа.

–(Венко) Филипче,(Зоран) Заев,(Миле) Зечевиќ,(Оливер) Спасовски и останатиот дел поранешни функционери на СДС, се фатени во голема паника и хистерија од можните искази во обвинителството на Груби. Во СДС се свесни што сè може да каже Груби, па затоа и го бранат неговиот криминал. Ако Груби прозбори, голем дел од поранешните функционери на СДС ќе треба да седнат на обвинителна клупа – рече Бране Петрушевски, кој во една друга пригода во истиот контекст го спомена и Вице Заев.

Говорејќи во насока дека не направил никаков „дил“ со Груби, оценувајќи дека тоа нема логика, премиерот Мицкоски, пак, во едно интервју рече дека има чувство оти „многу луѓе се загрижени во овој момент“. Плус, додаде дека има чувство оти „токму од таа загриженост произлегува овој немир што се случува во опозицијата и во кругови во рамки на опозицијата“. Иако вели дека е свесен оти сето тоа ќе направи штета врз него и неговите политики, сепак, порачува дека крајната цел е повисока.

–Граѓаните да бидат спокојни, како што улиците ги исчистивме од криминал, така државата ќе ја исчистиме од политичките криминалци, кои оставиле голема трага во минатото… Разбирам дека СДСМ сака хистерија да предизвика зашто се исплашени, но ги молам медиумите за внимателност, сè ќе излезе на виделина, имам такво чувство. Оставете ги органите на редот да ја завршат работата, зашто имам чувство дека ова се моментите кога ова политичко мочуриште постепено ќе почне да се избиструва – рече тој.

Коментирајќи ја пораката на лидерот на СДСМ, Филипче, кој рече дека секој треба да одговара за она што го сторил, Мицкоски нагласи: „Јас, а и македонската јавност, ќе го држи за збор Филипче. Но, кога ќе дојде до тој момент, имам такво чувство дека ќе дојде, да не биде потоа политички реваншизам или нешто друго. Да не биде потоа како за модуларната јас не сум виновен… Да не биде дека некој ете политичкки му се реваншира. Тоа е суштината, исплашени се од тоа што ќе следи…“.

Освен одлуката да добие куќен наместо затворски притвор, дека нешто се случувало зад сцената околу Груби сугерира и тоа што тој не дојде како обичен граѓанин на граничен премин, туку со насмевка на лицето во раните утрински часови беше специјално пречекан од припадници на македонската полиција, кои му ставија лисици и го однесоа во истражниот затвор. Воедно, на видеоснимките може да се забележи дека носи панцир.

„За македонски државјанин, кој се бара со меѓународна или со национална потерница, при негов влез во државата од страна на полициски службеник се известува органот што ја издал потерницата. Секторот за меѓународна полициска соработка нема информации за активности, бидејќи тие не биле информирани дека лицето во точен временски период ќе биде на граничен премин. Граничниот премин на излез од Косово нема евиденција, бидејќи е една контрола (One Stop Spot), влезот го покрива Македонија, а излезот од нашата држава Косово“, ни одговорија од МВР, додавајќи дека ги споделиле со ЈО сите сознанија со кои располагаат за Груби, вклучително и информациите од АНБ.

 

Извор: Фокус

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Груби скроил своја „црна листа“: Кои 5…

Поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој неодамна се…

Американските акции паѓаат по растечките прекини во…

Американските акции беа во пад на отворањето…

Миноски: Македонија станува зависна од увоз на…

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски предупредува…

Дали имате ќеркичка за тато? – Се…

Фејсбук-групата наречена „Ќерки и татковци – Кореспонденција“…