ДВ: Бројни повици за угинати птици, АХВ смирува

t

По алармот за западнонилска треска, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) е преплавена со повици и пријави за угинати птици, пренесува Дојче Веле. Од АХВ велат дека на бесплатната телефонска линија, на електронската адреса и преку други канали во изминатите денови пристигнале стотина пријави од граѓани. Оттаму апелираат да не се создава непотребна паника при појава на поединечна угината птица во урбана средина, вклучително и гаврани и други диви преселни птици.

Од Агенцијата посочуваат дека особено внимание треба да се посвети доколку на исто подрачје и во краток временски период се забележи поголем број угинати гаврани или други диви птици. Во такви случаи, граѓаните треба да ја известат надлежната служба и да избегнуваат директен контакт, допирање или преместување на угинатите птици.

„Агенцијата за храна и ветеринарство континуирано ја следи состојбата и, согласно проценката на ризикот, ги презема потребните мерки за надзор, земање примероци и лабораториски испитувања“, велат од АХВ. 

Апелот доаѓа откако надлежните институции на прес-конференција во понеделникот (17 август) посочија дека гавраните се меѓу најчесто идентификуваните резервоари на западнонилската треска и дека секоја забележана мртва дива птица треба да биде пријавена.

Август и септември се месеци со најголем ризик

Министерот за здравство Сашо Клековски упати апел до граѓаните, доколку забележат мртва дива птица, особено гавран, да го пријават случајот во Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Најчести резервоари на западнонилската треска се гавраните. Имаме апел за пасивно пријавување, односно сите граѓани кои ќе најдат мртва дива птица, гавран или која било друга птица, да ја пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство. Мора да бараме кои се можните резервоари на болеста“, рече Клековски.

Покрај контролата на живината, институциите ја засилуваат и контролата на присуството на комарци.  Клековски апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките за лична заштита од убоди од комарци, особено на места каде што има застојана вода во дворовите или во нивната непосредна околина.

Зајакнати мерки и контроли

Покрај зајакнатите мерки за прскање против комарци во повеќе скопски општини, надлежните спроведуваат и ларвицидно третирање на водни површини. Дополнително, извршена е и ларвицидна терестрична дезинсекција на стоечки води во Сингелиќ, Стајковци и Јурумлари. Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе спроведе и вонредни контроли, а фокусот во следниот период ќе биде ставен на прскањето од земја.

Општините во кои е прогласена епидемија ќе добијат СМС-пораки со насоки за постапување, изработени од Институтот за јавно здравје. Според епидемиолошките очекувања, август и септември традиционално се месеци кога се бележи врв на ваквите епидемии, каква што е западнонилската треска.

Во Северна Македонија досега се потврдени 35 случаи на западнонилска треска. Регистрирани се четири смртни случаи. Хоспитализирани се 20 пациенти, од кои 18 се лабораториски потврдени случаи, а два се водат клинички како суспектни.

На интензивна нега се пет пациенти со потешка клиничка слика. Петнаесет лица досега се излекувани и се отпуштени од Клиниката за инфективни болести.

Возрасната граница на заболените се намалува. Најмладиот хоспитализиран пациент има 25 години.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ДВ: Бројни повици за угинати птици, АХВ…

По алармот за западнонилска треска, Агенцијата за храна…

Нема да има референдум за независност на…

Лидерот на сепаратистичката партија на Квебек, Пол…

Зеленски предложи нови министри за одбрана и…

Украинскиот претседател Володимир Зеленски достави до Врховната…

Најмалку 50 лица се повредени во експлозија…

Најмалку 50 лица се повредени во експлозија…

Македонија со нови санкции кон Белорусија за…

Осум земји надвор од ЕУ се приклучија…