Денес се празнува Светиот великомаченик Артемиј
Овој славен светител беше родум Мисирец и прв војвода на царот Константин Велики. Кога на царот Константин му се јави победоносниот крст, поверува во Господ Исус Христос и се крсти. Подоцна, во времето на царот Констанциј овој цар го испрати Артемиј во Елада за да ги пренесе моштите на Св. Андреј од Патрас и на Св. Лука од Тива во Цариград, а ова војводата Артемиј го изврши со радост. Потоа беше поставен за августалиј и царски намесник во Мисир и во овој чин остана и во времето на Конастанциј, Константиновиот син, а извесно време и при Јулијан Отстапник. Кога овој богоотстапен цар тргна во војна со Персијанците, запре во Антиохија и му нареди и на Артемиј да дојде со својата војска во Антиохија. Артемиј дојде. Во тоа време царот удри на маки двајца христијански свештеници, Евгениј и Макариј. Кога го виде тоа Артемиј се возмути со сето срце и излезе пред царот и му рече: „Зошто цару толку нечовечно ги мачиш невините и на Бога посветени мажи и зошто ги присилуваш да се откажат од верата православна?“ И уште Артемиј му прорече на царот: „Твојата погибел е близу.“ Разјарен царот ги испрати оние двајца чесни свештеници на прогонство во Арабија, каде што набрзо се упокоија, а војводата Атемиј го расчини и нареди да го растргнуваат и бијат. Сиот ранет и раскрвавен Артемиј го фрлија во затвор, каде што му се јави Самиот Господ Исус Христос, Кој го исцели и го утеши. Потоа царот нареди, та го спростреа на еден камен, а со друг тежок камен го притиснаа така што телото на Артемиј го здробија и го сплескаа како штица. Најпосле му ја отсекоа главата во 362 година. А царот Јулијан отиде на бој против Персијанците и срамно загина, како што му прорече Св. Артемиј.
Тропар
О, величенствено смирение, о, послушание свето пред Бога принесено, на твоите трудови се восхитуваме, свети Артемие великомачениче, а преку тебе името Христово го величаме, кој има таков воин во свитата Своја. Душата твоја од Духот Свети запалена и прочистена, телото го предаде да сведочи за бесмртноста, а таа остана да лекува немоќи наши до века, сведочејќи дека Љубовта на Галилеецот победува. Моли се, великомачениче, телесниот човек да го соблечеме, а духовниот да порасне по мерката Христова.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Денес се празнува Светиот великомаченик Артемиј
Овој славен светител беше родум Мисирец и…
Денес се празнува Преподобен Прохор Пчински
Бидејќи се молеше за тоа, Бог му…
Денес се празнуваат Светиот пророк Осија
Син Веириин од племето Исахарово. Живееше и…
Денес се празнува Светиот маченик Лонгин
Божествениот евангелист Матеј опишувајќи го страдањето на…
Денес се празнуваат Светите славни Четириесет Битолски…
Bо времето кога Османлиите го освоиле градот…