Дејан Јованов останува во притвор 30 дена
На Д.Ј. од Кочани, првообвинет во случајот „Пулс“, му е определена нова мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
Судија на претходна постапка го прифатил предлогот на јавен обвинител од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, откако осомничениот се произнел во присуство на својот бранител и биле разгледани фактите и доказите приложени кон предлогот.
Притворот е определен поради опасност од бегство, како и поради основан страв дека осомничениот би можел да ја попречува истрагата преку влијание врз сведоци.
Новата мерка почнува да се извршува од 3 октомври 2026 година, бидејќи Д.Ј. во моментов веќе се наоѓа во притвор во предметот поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“.
Во новоотворената истрага Д.Ј. е осомничен за кривичното дело „давање поткуп“, согласно член 358 став 1 од Кривичниот законик.
Досегашната мерка притвор ја издржувал во КПУ Затвор Куманово, бидејќи првично му била определена од Основниот суд Кочани. Со новото решение тој ќе биде префрлен во Затвор Скопје, каде што ќе ја издржува новоопределената мерка.
Одбраната на Д.Ј. претходно предложила укинување на притворот во предметот „Пулс“ со гаранција од околу 200.000 евра во недвижен имот, но денеска го повлекла предлогот. Од Кривичниот суд посочуваат дека досегашниот притвор, кој согласно законските одредби може да трае една година по оценувањето на обвинителниот акт, истекува утре.
Одбраната има право на жалба против решението за новиот 30-дневен притвор, а по евентуалната жалба ќе одлучува Кривичниот совет.