Димитриеска-Кочоска: Буџетот е стабилен и реализацијата се одвива согласно планираното

t

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска е во посета на Њујорк каде учествуваше на работна сесија на тема „Поттикнување на растот во новата економија“ во организација на Светскиот Економски Форум на која се сретна со свои колеги, експерти, пртставници на приватен сектор имаше средби со колеги од целиот свет. Во разговор со МИА, министерката зборуваше за одржувањето на економскиот раст во услови на глобални кризи и за визијата за новата, технолошки напредна економија која треба да ја градиме.

Министерке, деновиве сте во Њујорк на поголем број настани, меѓу кои и конференцијата на Светскиот Економски Форум. Кои се главните теми на разговор во светски финансиски кругови?

-Да, деновиве престојувам во Њујорк на покана на Светскиот Економиски Форум, меѓутоа и паралелно имам други настани во Њујорк. Она што можам да го кажам од досегашните состаноци, сесии и средби кои што ги имавме, мене најголем впечаток ми остави дискусијата на која учествував под наслов „Поттикнување на раст во новата економија“. И сега нели интригира самиот збор „нова економија“ – не постојат нови економии во светот, тоа се економиите што ги знаеме. Легитимно е прашањето зошто таков наслов. Изразот „нови економии“ го поврзуваме со фактот што во последните четири години имаме последователно три енергетски кризи и на некој начин учесниците и самите кажуваа дека тоа ќе стане, да не речеме секојдневие, меѓутоа очигледно ќе се повторува од време на време. Барем такви се предвидувањата на оние аналитичари и експерти кои што беа дел од тие дискусии. Оно што беше многу интересно да се слушне на самата сесија е тоа што како приоритет, кој што се наведува за сите економиии во светот, е потребата да се фокусираме на долгорочен раст во економијата, меѓутоа раст кој што ќе се заснова на продуктивност. Не е тоа нешто ново што ние и до сега не сме го слушнале, меѓутоа, најверојатно, сега фокусот оди повеќе во продуктивност бидејќи, на светско ниво, очигледно е дека продуктивноста не е на она задоволително ниво како што треба да биде. А имајќи предвид дека сега имаме проблеми со демографијата, барем во најголемиот дел од Европа, тоа значи дека во периодот кој што следи повеќе ќе биде во фокус продуктивноста. Имаме помалку луѓе, затоа треба да имаме поголема автоматизација, машини и така натаму. И сега таа автоматизација, тие машини, од друга страна, бараат и постабилна енергетска состојба. Доста се дискутираше денес за тоа колку електричната енергија значи за производството или за производниот сектор. Еден интересен податок кој што се сподели беше дека 73 од 108 земји, кога се правела анализата за 2025 година, укажале дека значително им се зголемени трошоците за енергенси и врз основа на тоа, нормално, цените одат нагоре, што значи дека еден од приоритетите на кои што треба да работиме како држава е како да го стабилизираме тој дел.

Што правиме ние како држава на тој план?

-Мислам дека Македонија и Владата во таа насока многу работат. Премиерот е поприлично посветен на енергетиката. Мислам дека е многу значајно тоа што на гасниот интерконектор се работи навистина со забрзано темпо. Денес во дискусиите се зборуваше за примерот на Соединетите Американски Држави кои имаат ниска цена на струјата, но имаат и одлична снабденост со гас. И со самото тоа што се споменува гасот, повеќе од јасно е колку е тој битен за државата и колку е битен како еден од влезните параметри за производството. Ние како Влада сме многу насочени кон тоа да се изгради гасниот интерконектор. Се работи навистина забрзано, и мислам дека тоа ќе има на некој начин влијание во овој дел на намалување на производните трошоци. Понатаму, оно што е исклучително многу важно е државата да ја прифати, да речеме, глобалната развојна стратегија, насоката што ја очекува светот. Ако на пример светот очекува дека треба да се бориме против климатските промени, се очекува тоа да го прави и Македонија, но во исто време, секогаш мора да има еден сегмент каде што државата мора да има и своја автономна или независна развојна стратегија. Некој баланс помеѓу тоа што се случува во светот и тоа што е многу важно за државата.

Зборувате за развој на новата економијата, што тоа ќе подразбира?

-Исклучително внимание се посвети на тоа дека мора да има диверзификација во економијата и мислам дека тоа е исто едно од работите на кои што ние како држава треба да работиме. Од минатото се уште имаме компании во Македонија кои што работат најмногу во производство на делови за автомобилската индустрија. Тоа треба полека да го менуваме, не во насока на тоа дека сега треба да ги намалуваме фабриките или да кажеме дека не ни се важни, тие ни се важни. Но, треба полека да се отвараат и друг тип на дејности кои што ќе го диверсификуваат на некој начин ризикот и во истото време ќе додадат дополнителна вредност за економијата. И морам да кажам, уште една од работите која што беше исто така дискутирана беше во делот на тоа каква работна сила е потребна. Она што посебно ми се допаѓа, затоа што на некој начин ние како Влада веќе две години го зборуваме и премиерот го зборува, е дека на нас ни треба високо квалификувана, продуктивна работна сила. Ако во минатото повеќе одевме на трудо-интензивна работа и бевме цел на компании кои бараат држава со пониски плати, веќе тоа треба да се менува полека. И тоа е тоа што се очекува од земјите кои што сакат да остваруваат раст. Сепак, ние имаме раст на БДП од 4,3 проценти во вториот квартал. Веќе 10 квартали по ред имаме нешто над 3 проценти раст. Просекот е поголем од 3 проценти за сите тие 10 квартали, што и повеќе од јасно ни кажува дека ние треба да бидеме фокусирани на тоа да имаме еден долгорочен раст, и заради тоа овие параметри за нас се исклучително важни.

Новата високо продуктивна економија треба да се базира на информатичка технологија, со изградба на дата центри и на енергетски капацитети. Тука ја гледате нашата перспектива?

-Да, дефинитивно, така и започна работната сесија, во насока на тоа дека иднината се дата центрите. Mногу убав пристап имаше еврокомесарот Џозеф Сикела кој што беше присутен на сесијата, и зборуваше за тоа дека за САД, на пример, иднината се дата центрите. И кога веќе зборуваме за потребата од електрична енергија, оно што им е потребно на САД, и она што е потребно, на пример, на Африка, не може да се спореди. И затоа, пристапот за секој континент, па дури и секоја земја, е различен. Меѓутоа, дефинитивно, иднината е во дата центрите и мислам дека и ние треба натаму да ја насочуваме целокупната економија во отварање на тие центри. Секако дека се потребни и капацитети за производство на електрична енергија, но јас верувам дека премиерот, имајќи предвид дека тоа е во суштина тоа што тој најуспешно го знае и го владее, точно ќе знае што е потребно на Македонија од аспект на производство на електрична енергија. Инвестициите во енергетиката ќе го надополнат недостигот што нас ни фали за дата центри, а мене пак како министер за финансии, исклучително ми е важно затоа што сето тоа ќе влијае позитивно на Бруто домашниот производ, кој што треба да расте во иднината.

Ја спомнавте високата стапка на раст што Македонија ја остварува во споредба со Европската Унија, каде растот е забавен. Кои се предизвиците што ги гледате за одржување на ова темпо на раст?

-Јас многу често сум зборувала за тоа дека некогаш некои кризи во светот може да се искористат и во позитивна насока. Некои информации кои што ги имаме и ние да ги искористиме во позитивна насока, или во дел на компаниите кои припаѓаат на глобални или меѓународни корпорации. Веќе постои интерес за зголемување на производните капацитети во Македонија, така што јас, на пример, оваа криза не би ја гледала само од негативен аспект. Навистина, раст на БДП од 4,3 проценти е сериозна бројка, особено во услови на она што се случува со нашите најзначајни трговски партнери. И тоа треба да го искористиме и во иднина. Германската економија бавно расте, но е огромна. Потенцијалите за нас, како мала економија во однос на германската економија, се огромни. И ако ние можеме да го искористиме моментот, ако фабрика во некоја друга земја се затвори, да се отвори кај нас, или да се прошири капацитет, сметам дека тоа треба да се искористи. Без оглед на тоа што растот на германската економија е некаде околу 1 процент, а нашиот е далеку поголем, пак ќе кажам, и да е мал процент она што Германија може да го прими од нашето производството, ние ќе имаме простор да се шириме.

Неодамна беше потврден и стабилниот кредитен рејтинг – кажете ваша оценка за стабилноста на јавните финансии? Од опозицијата има критики за одржливоста на буџетот.

-Постојано во изминатите две години, во континуитет се повторуваше една иста реторика – „ буџетот е пред колапс, ќе банкротираме“ и така натаму, нема да се исплаќаат пензии – но гледате и сами дека во изминатиот период сите обврски се сервисираат навреме. Постојано се трудат да ги изместат работите и да ги презентираат така како што му одговара на некој. Се знае како се анализира извршување на буџет, се знае дека треба да се почека месецот за да може да се зборува за тоа колкав е буџетскиот дефицит. Нормално е дека вие не можете да потрошите повеќе од тоа што ви е планирано во буџетот, но во исто време имате и проекција за буџетски дефицит, така што не можете да направите и нешто повеќе од тоа, имајќи предвид дека и задолжувањата се толкави колкави што се, и вие не можете да излезете надвор и од тие задолжувања предвидени со буџетот или ребалансот на буџетот. Буџетот е стабилен. Она што го потврди агенцијата Фич, за стабилниот кредитен рејтинг, јасно кажува дека состојбата е стабилна, а и стапката на раст го кажува своето. Морам да потенцирам кога станува збор за растот, тој не се должи само на инвестициите што ги прави Владата, со поголема реализација или имплементација на капиталните расходи, туку напротив, мора да е поврзано и поддржано од приватниот сектор. Без поддршка на приватниот сектор, само со инвестиции од страна на Владата, немаше да можеме да оствариме стапка на раст од 4,3 проценти. Јасно е дека Владата и понатаму во фокус ќе ги има капиталните инвестиции – тоа е нешто што од првиот ден го работиме. Исто така, онаа одлука да дадеме поддршка на приватниот сектор преку поволни кредити, или, ајде да кажам, како што сакаат да коментираат – со унгарскиот кредит. Иако ние имаме многу кредити па ниту еден од тие не го нарекуваат „кредитот на Светска банка“, или „кредитот на ММФ“. Но, ова име, „унгарскиот кредит“, си остана. А кредитот даде резултати, затоа што она што се случува денес со високата стапка на раст е резултат и на тој кредит. Така што, можам да заклучам дека јавните финансии се стабилни. Пак ќе кажам, потврда за тоа е кредитниот рејтинг, и она што мислам дека најуспешно го менаџираме во овие две години, а тоа е јавниот долг. Навистина, состојбата со долгот која што ја затекнавме беше алармантна. Јавниот долг беше повеќе од 60% од БПД. Последните податоци покажуваат дека долгот е на 58.8 проценти. Имаме проекции кои се нашите очекувања, но навистина оно што е клучно, што можам да го кажам, е дека правилното насочување на средствата во буџетот, или јавните пари, кон капиталните инвестиции, дава резултати – раст на БДП, а самиот раст на БДП успева на некој начин и да ни помогне во менаџирање со процентот на јавниот долг.

Бевте принудени како влада да преземате мерки да одговорите на енергетската криза, со намалување на давачките за гориво – како тоа се одрази на буџетот?

-Така е, тоа се одрази на буџетот. За првата половина од годината, според првите проекции, износот на намалени давачки е една милијарда и 600 милиони денари. Очекувањата беа дека состојбата ќе се стабилизира, имајќи предвид каква беше состојбата во јуни. Меѓутоа, за жал, цените на нафтата и нафтените деривати повторно одат нагоре. Така бевме принудени повторно да воведеме мерки за акцизите, сега дополнително и за ДДВ-то кај дизелот, што значи дека реагираме со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните. Меѓутоа, од друга страна, сето тоа има влијание на буџетот. Реализацијата на буџетот до овој момент покажува дека во делот на акцизите ќе има помало прибирање во однос на тоа што е проектирано. Минатата недела имавме состаноци со директорката на Управата за јавни приходи и со директорот на Царинската управа. Нивните очекувања беа дека е точно дека во делот на акцизите сигурно нема да можеме да го оствариме тоа што беше проектирано.

Дали тоа значи и нов ребаланс на буџетот?

-Во моментот во Министерството за финансии работат дополнително на уште една проверка на бројките и вршење анализи врз основа на кои ќе видиме дали ќе одиме со уште еден ребаланс, што не е невообичаено. Во 2022 година имавме два ребаланса. Никој не предвидува со законот и не кажува колку ребаланси се потребни во текот на годината. Потребни се толку колку што ќе ни наложи сосостојбата. Никој не можеше да предвиди војна, дека ќе имаме толку високи, да речам историски највисоки цени на нафтата и нафтените деривати. И сега има една огромна разлика помеѓу минатото и денес. Јас сум министер што, пред се, гледа да ги менаџира работите толку што е можно потивко. Нема потреба од галама, плачење. Дали ова е најголемата криза, тоа светот го кажува. Светските експерти кажуваат колку има тоа влијание врз сите економии. Ние едноставно работиме и ги менаџираме состојбите. Нема ништо да им смени на граѓаните ако излезам да искоментирам дека е добро или лошо. Граѓанинот треба да знае и да биде спокоен дека состојбата е под контрола. Исплата на плати имаме редовно, исплата на пензии исто. Сервисирање на обврските е редовно, капиталните инвестиции ги гледате со која динамика се реализираат. Сервисирање на кредитните обврски, кои исто така се многу значајни, затоа што не дај Боже тоа може да доведе до други ситуации, е редовно. Тоа мора да го спомнеме – дека немало апсолутно никакво доцнење, туку напротив, се се сервисира навремено. А да не заборавиме дека историски гледано наназад, исто така, не постоел министер кој во четири години мандат имал четири години по ред да враќа еврообврзница – еднаш 700 милиони евра, па 500, па 700, па 500 милиони. Тоа не постоело во историјата, но ете, се случи за среќа или несреќа, точно во мојот четиригодишен мандат да треба четири пати по ред да враќаме еврообврзница.

Државниот долг на посериозно задолжените држави се смета за новата голема светска криза. Како Македонија стои на тој план?

-Ние немаме проблем. За последната издадена евробврзница, која што ја издадовме во јануари 2026 година, имавме побарувачка скоро 5 пати поголема од тоа што ние го баравме во моментот. Така како држава, немаме проблем од аспект на издавање на евробврзница. Секогаш прашањето е по која каматна стапка ќе се издаде. Мора да ги гледаме состојбите реално. Еве да речеме, уште една работа која денес се дискутираше, беше да се вложува повеќе во енергетски капацитети, па имаше поединци кои што зборуваа за тоа дека сакат енергетска транзиција и градење обновливи извори на енергија. Меѓутоа цената на капиталот е многу висока. Ако споредиме, на пример, со периодот во 2020 година, кога имавме корона-криза, и имаше преголема понуда на пари во системот, што значи каматните стапки беа на историски најниско ниво. Кога 10 години речиси имавме еурибор кој што беше во минус, ние денес имаме состојби многу поразлични од тогаш. Така што тоа е можеби најголемиот предизвик во овој момент, да успеете да изменаџирате, да издадете еврообврзница со најниска можна камата или маргина. Јас би рекла, затоа што маргината е оно што е многу важно. Тоа ни успеа на нас како Министерство за Финансии, во јануари 2026 година, кога беше историски издадена еврообврзница со најниска маргина.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Димитриеска-Кочоска: Буџетот е стабилен и реализацијата се…

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска е во…

ХУТИТЕ СО ДИРЕКТНА ЗАКАНА ДО САД: „ЌЕ…

Тензиите околу Црвеното Море дополнително се зголемуваат.…

Пезешкијан: Одлуката за ставање крај на војната…

Одлуката за ставање крај на војната против…

СЕ УРИВААТ РЕКОРДИ! Објавена е листа на…

Глобалната нафтена криза ги зголеми цените на…

(Видео) МАСОВЕН НАПАД СО ДРОНОВИ ВРЗ ПЕРМ…

Рускиот Пермски крај утрово, 25 септември, беше…