Димитров: Било што конкретно е подобро од „статус кво“ на Македонија за влез во ЕУ
Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров оценува дека актуелната дебата за градуална интеграција се одвива во силен геополитички контекст, пред сè поради руската агресија врз Украина и напорите на Европската Унија да испорача јасен сигнал кон Киев.
„Има огромен притисок со оглед на руската агресија врз Украина и обидите да се запре војната да се најде нешто опипливо и вистински значајно да се даде на Украина. Во некои од нацрт-текстовите кои допираат до јавноста и медиумите дури беше споменато и членство идната година за Украина“, вели Димитров.
Тој посочува дека украинското раководство членството во ЕУ го третира како суштинска национална цел.
„Украина секаде го става ова прашање во фокусот. Јас скоро бев во Талин, нивниот вицепремиер за европски и евроатлански прашања зборува за членството во ЕУ како суштина, кауза, цел, надеж за иднината на земјата. Тој притисок е насочен кон Брисел и тука Европската комисија дава сè од себе нешто да испорача“, нагласува Димитров.
Според него, проширувањето повторно се наметнува како клучен инструмент за стабилност на континентот, особено ако се има предвид дека од влезот на Хрватска во 2013 година процесот практично стагнира.
„Од 2013 со влезот на Хрватска има многу ситни чекори и големи услови за влез во Унијата. Се чувствува дека проширувањето е клучно за да се осигура континентот“, оценува тој.
Во однос на македонската перспектива, Димитров смета дека по повеќе од две децении кандидатски статус, секој конкретен исчекор би бил подобар од сегашната состојба.
„Нашата перспектива на вакви идеи, по сите овие години како земја кандидат – колку направивме, веќе 21 година? Јас мислам дека било што конкретно е подобро отколку статус кво. Било што што би ни дало пристап, особено кон кохезивни фондови, кон некакво секторско интегрирање, сè е подобро од статус квото“, вели Димитров.
Тој додава дека задачата на земјата е внимателно да го следи процесот и активно да се позиционира во новата дебата за иднината на проширувањето.
„Нашата задача е да го следиме будно овој дијалог“, порачува Димитров.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Димитров: Било што конкретно е подобро од…
Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров…
Колкави плати земаат функционерите?
Функционерите и годинава нема да добијат зголемување…
Сијарто: Ќе се спротивставиме на украинската уцена…
Унгарија и Словачка ќе се спротивстават на…
Скопскиот градоначалник и македонската претседателка на ифтарска…
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на…
„Планирале да го претепаат моето дете“ Вучиќ:…
На својот „Инстаграм“ профил се огласи претседателот…