ДУИ слави во Гостивар и Врапчиште, ВМРО-ДПМНЕ во Маврово и Ростуше – кој каде победи?
Повтореното гласање за градоначалници во четири општини донесе ограничен изборен успех за коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), која извесно извојува победи во Гостивар и во Врапчиште. Во Маврово и Ростуше победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, додека, пак, во Центар Жупа градоначалничката функција ја освои единствениот кандидат на Демократската партија на Турците во Македонија. Резултатот на НАИ претставува редок позитивен исход за коалицијата на овие локални избори.
Излезноста на денешното гласање беше уште пониска од онаа на поништените избори во октомври 2025 година. Според податоците на Државната изборна комисија, до 18:30 часот на гласачките места излегле околу 28 проценти од запишаните избирачи.
Во Гостивар, по пребројани околу 90 проценти од гласачките места, кандидатот на НАИ и крилото на Алијансата на Албанците предводено од Арбен Таравари, Валбон Лимани, има убедлива предност пред кандидатот на коалицијата „Вреди“, Невзат Бејта. Лимани освоил 14.364 гласа, односно 61,24 проценти, наспроти 7.145 гласа или 30,46 проценти за Бејта, со што неговата победа е практично сигурна.
Иако Бејта го подобри резултатот на претходниот кандидат на „Вреди“ од октомври за околу 3.000 гласови, тоа не беше доволно за да се доближи до Лимани. Бејта, кој двапати бил градоначалник на Гостивар како член на ДУИ и важеше за дел од најтесното партиско раководство околу Али Ахмети, не успеа да го победи помалку експонираниот кандидат на НАИ.
Сличен однос на силите има и во Врапчиште, каде што кандидатот на НАИ, Исен Шабани, освои 5.355 гласа, додека независниот кандидат Зуљхајрат Демири доби 3.028 гласа. Таму останува да се пребројат гласовите од уште едно избирачко место, но исходот веќе е јасен. И во овој случај, Демири бележи подобар резултат од претходниот кандидат на „Вреди“, но недоволен за победа.
Во општината Маврово и Ростуше, каде се натпреваруваа кандидати од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, водство има кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Онер Јакуповски, со 1.906 гласови, наспроти 938 гласа за кандидатот на СДСМ, Анес Ахмети. По пребројани 87 проценти од гласачките места, победата на Јакуповски се смета за сигурна.
На изборите во октомври, истите кандидати беа во трка, при што Јакуповски тогаш освои 1.857 гласа, а Ахмети 1.215. На денешното гласање Јакуповски го задржа и благо го зголеми бројот на гласови, додека, пак, поддршката за кандидатот на СДСМ значително се намали. По поништените избори, Владата го назначи Јакуповски за повереник на општината, што му обезбеди извесна институционална предност.
Тој претходно беше директор на Националниот парк „Маврово“ во периодот на владеењето на Никола Груевски.
Во Центар Жупа, Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците во Македонија освои 884 гласа и е на пат да го обезбеди својот трет мандат како градоначалник. Таму останува да се пребројат гласовите од уште едно избирачко место, но со оглед на тоа што Ибраим беше единствен кандидат, исходот не е доведен во прашање.
Според податоците на ДИК, единствено во Врапчиште е регистрирана повисока излезност во однос на октомври. До 18:30 часот таму гласале 31,76 проценти од избирачите, во Гостивар 28,22 проценти, во Маврово и Ростуше 28,04 проценти, а најниска излезност е забележана во Центар Жупа – 13,18 проценти.
Во споредба со изборите од октомври 2025 година, излезноста во Врапчиште е зголемена за 7,35 процентни поени, додека намалување има во Гостивар (4,16 поени), Маврово и Ростуше (0,54 поени) и Центар Жупа, каде падот изнесува 8,12 процентни поени.
Според изборниот закон, на овие повторени избори не важеше цензус за излезност.
Градоначалник се избира доколку еден од кандидатите освои повеќе од половина од гласовите на излезените гласачи – услов кој е исполнет во сите четири општини.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ДУИ слави во Гостивар и Врапчиште, ВМРО-ДПМНЕ…
Повтореното гласање за градоначалници во четири општини…
Британскиот министер за одбрана: „Би го киднапирал…
Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, изјави…
МВР: Искршено е стаклото на влезната врата…
Министерството за внатрешни работи информира дека денеска…
Мицкоски: Дебакл за СДСМ, изборните резултати се…
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека…
(Фото) Глутница кучиња кај Сити Мол –…
Спроти Сити мол, денес. ЈП ЛАЈКА -…