За пет години општините треба да легализираат објекти што не успеале ни за 15

t

Уште пет години ќе се продолжи важноста на Законот за постапување со бесправно изградени објекти што истекува на 3 март 2026 година за да им се овозможи на општините да ги завршат започнатите постапки за легализација на објектите изградени без дозвола до 2011 година.

Предлогот за измени на постојниот Закон по скратена постапка доаѓа од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата по барање на Управниот одбор на ЗЕЛС и општините, во чии архиви во моментот сѐ уште чекаат решавање илјадници предмети за легализација.

Управниот одбор на ЗЕЛС на својата последна седница меѓу другите точки ја разгледал и иницијативата на Општина Битола, која ја поддржале и повеќе општини, за поднесување на барање до овластен предлагач за изменување и дополнување на Законот, кој важи заклучно со 3 март годинава, по што постапките што се водат пред општините би запреле запрат по сила на закон, во таа фаза во којашто се.

Во барањето е образложено дека голем дел од постапките не биле завршени поради водење судски спорови поврзани со правата врз изградените објекти, судски постапки поведени во рамките на постапката што се води пред општината, поради наследни и други имотно-правни околности што требало да се решат како претходно прашање во постапка, како и други непредвидени околности.

Пратеникот Бојан Стојановски, кој е еден од предлагачите на измените, вели дека граѓаните не смеат да останат со нерешен статус на својот дом поради административни пречки или бавни процедури.

Многу наши сограѓани со години се заглавени во лавиринтите на судски спорови за имотно-правни односи, разни постапки или претходни прашања што не биле по нивна вина. Актуелниот закон предвидуваше рок на важност до 3 март 2026 година, што би значело дека илјадници предмети што се во процедура би биле прекинати „по сила на закон“ во фазата во која се затечени. Ние тоа нема да го дозволиме. Со овој предлог го продолжуваме рокот за дополнителни 5 години, односно наместо 15, законот ќе важи вкупно 20 години – до 3 март 2031 година – рече Стојановски на прес конференција.

Со тоа, според него, се овозможува правна сигурност за општините како надлежни органи да можат легално да ги завршат сите веќе отпочнати постапки, но дека измените не предвидуваат нови барања, туку ги опфаќаат само предметите на граѓаните што веќе поднеле документација и со години чекаат на својот имотен лист.

Како пратеници, наша должност е да бидеме сервис на народот. Со оваа измена, им помагаме на илјадници семејства конечно да го остварат своето право и законски да го обезбедат својот покрив над главата – истакна Стојановски.

За Јована Мојсоска од Левица не само што се спорни измените туку е според и самиот Закон за легализација на бесправно изградени објекти, зашто што, како што вели, тоа е изигрување на правото и на правниот систем и дискриминација помеѓу оние што легално си граделе и другите. Притоа, според Мојсоска измените се пуштаат кога владина делегација е во Париз за УНЕСКО забелешките, конкретно за Охрид и Струга, кои проблемот со дивоградбите го лоцираат како најпроблематичен.

Ние сѐ уште имаме голем број реони за кои нема никакви урбанистички планови и таму де факто е се дивоградба, вклучително и на охридското крајбрежје. Измените доаѓаат на иницијатива на Општина Битола подржано од сите општини и со ова повторно се амнестира одговорноста на општините за планско урбанистичко развивање. Општина Битола 30 години нема донесено ГУП, таму де факто е сѐ дивоградба. И кога станува збор за легализација и на обично домување, луѓето повторно зависат од ваков закон затоа што општината не си ја завршила својата обврска, а тоа е урбанистички план на општината – вели Мојсоска.

За неа е спорно и тоа што при легализација не се бараат сите документи што се потребни за добивање дозвола за градба, туку само геодетски елаборат и покрај тоа што ни се случи трагедија во Кочани во една таква дивоградба.

Сега општините уште пет години ќе бидат ослободени од некаков урбанистички развој на општината – вели пратеничката од Левица.

Легализацијата на дивоградбите трае веќе 15 години, а не е завршена постапката за огромен број барања. Пред неколку години се направи обид со легализацијата да се опфатат објекти изградени до 2022 година, но за среќа тоа не помина кај пратениците, оти ќе пратеше многу лоша порака до граѓаните дека кој како сака бесправно може да си гради, а потоа да чека да му се легализира објектот.

Се обидовме да добиеме одговор од десетте скопски општини за колку барања од граѓаните за легализација не е завршена постапката, но досега освен Општина Аеродром, ниедна друга не одговори.

Од Аеродром велат дека се поднесени околу 10.000 барања за легализација, од кои над 6.000 се целосно обработени и завршени, додека другите се во фаза на постапување.

Оттаму објаснуваат дека во изминатиот период презеле сериозни чекори за реорганизација и унапредување на работата на општинските служби, особено на Секторот за урбанизам, со што го забрзале процесот на издавање решенија за легализација.

Со цел да им излеземе во пресрет на граѓаните, овозможивме директна комуникација со службеникот задолжен за конкретниот предмет, што придонесува за побрзо комплетирање на документацијата и поефикасно водење на постапката. Решенијата се носат со засилена динамика, со што јасно ја потврдуваме нашата определба да ставиме крај на овој долгогодишен процес – велат од Општината

Во Скопје има огромен број дивоградби што не се опфатени со законот, но општините тешко се решаваат за уривање, најчесто со објаснување дека тоа многу чини.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

За пет години општините треба да легализираат…

Уште пет години ќе се продолжи важноста…

Законот за пушење не смее да предизвика…

Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното…

Македонски возач казнет во Росток, Германија, поради…

Возачите на транспортните компании од земјите надвор…

Војниците во Армијата членка на НАТО ќе…

Иако фатија шуга во касарната во Велес,…

Зеленски: Три деца и татко убиени во…

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес објави дека…