Објавено на:

Законот на САД предвидува рок од 60 дена за неовластени војни – Дали Трамп ќе го почитува?

t

Законот донесен по Виетнамската војна поставува рок од 60 дена за употреба на воена сила без одобрение од Конгресот, анализира Си-Ен-Ен.

Војната во Иран – за која администрацијата на Доналд Трамп не побара одобрување – го достигнува тој рок на 1 мај, според законот познат како Резолуција за воени овластувања. Сепак, не е јасно што ќе следува.

Законот утврдува јасна временска рамка за воени ангажмани без формална објава на војна:

Прво – 48 часа. Претседателот мора да го извести Конгресот во рок од 48 часа од вклучувањето на вооружените сили во борбени дејствија и да го објасни обемот, причините и очекуваното траење на операцијата.

Во известувањето за Иран, Трамп – како и неговите претходници – се повика на уставното овластување на претседателот да ја води надворешната политика на САД.

Второ – 60 дена. Конгресот мора да ја одобри употребата на сила во рок од 60 дена од приемот на известувањето. Во спротивно, според законот, претседателот е должен да ја прекине воената операција.

Трето – можни дополнителни 30 дена. Претседателот може да го продолжи рокот за уште 30 дена доколку тврди дека тоа е неопходно за безбедно повлекување на војската. Трамп веќе изјави дека нема да брза со одлука што би довела до „лош договор“ за завршување на војната.

Рокот е предмет на различни толкувања

Во Конгресот постои несогласување околу точниот датум на истекување на 60-дневниот рок. Правни експерти од двете партии сметаат дека законот може да се толкува на повеќе начини.

Едни веруваат дека рокот започнува од денот кога почнале борбените дејствија (што би значело 29 април), додека други тврдат дека се бројат 60 календарски дена од моментот кога Конгресот бил официјално известен (што води до 1 мај).

Многу републиканци, пак, сметаат дека периодот на прекин на огнот не треба да се вклучи во пресметката. И дел од демократите предупредуваат дека таквиот прекин може дополнително да ја искомплицира временската рамка.

Пратеникот Брајан Фицпатрик изјави дека не треба да се „казнуваат“ прекините на огнот и дека тие се неопходни за отворање простор за разговори. Тој додаде дека е подготвен да иницира гласање за примена на законот веднаш по евентуален крај на примирјето.

Законот никогаш не бил искористен за запирање војна

Конгресот има право во секое време да ги ограничи претседателските овластувања за водење војна, но обидите на демократите во овој случај досега не успеаја.

Сенаторката Лиса Мурковски, која го критикува начинот на кој се води војната, најави можност за иницијатива што би поставила ограничувања, но сè уште не презела конкретни чекори.

Повеќе претседатели, вклучително и Трамп, тврдат дека самиот закон е неуставен. Ричард Никсон стави вето кога законот бил донесен, со образложение дека ја ограничува способноста на претседателот да ја штити државата, но Конгресот го поништи ветото.

Обид за ограничување на овластувањата на Трамп во врска со Венецуела пропадна во Сенатот, благодарение на одлучувачкиот глас на потпретседателот Џеј Ди Венс. Тој претходно изјави дека законот нема да влијае врз начинот на кој се води надворешната политика.

И покрај ваквите ставови, законот никогаш не бил искористен за запирање на воена операција, а судовите главно избегнуваат да се вмешаат во вакви прашања.

Претходни примери на заобиколување

Претседателот Роналд Реган избегна институционален судир со Конгресот во 1983 година преку договор за продолжување на мисијата на американските маринци во Либан за 18 месеци. По одлуката на Конгресот, во напад загинаа 241 припадник на силите, а САД се повлекоа во 1984 година.

Барак Обама, пак, ја продолжи воената операција во Либија во 2011 година без одобрение од Конгресот, тврдејќи дека таа не претставува „борбени дејствија“ во смисла на законот, бидејќи американските сили не биле директно изложени на ризик.

Истата логика подоцна ја користеше и администрацијата на Трамп.

Бил Клинтон задржа американски сили во Косово подолго од 60 дена, тврдејќи дека Конгресот индиректно ја одобрил мисијата преку финансирањето.

Политички притисок и неизвесност

Администрацијата на Трамп досега не објави колку ќе чини војната во Иран, ниту побара дополнителни буџетски средства од Конгресот.

Републиканските лидери генерално избегнуваат директен судир со претседателот, како и во други области – трговската политика, буџетските кратења и институционалните промени.

Сепак, истекот на 60-дневниот рок може да донесе промена. Дел од републиканците сметаат дека Конгресот има обврска да се изјасни за секоја воена операција што трае подолго од 60 дена, што би можело да резултира со симболична осуда.

Во исто време, многумина се воздржани од отворено спротивставување на претседателот во време на војна – и поради политички ризици, и поради можните последици во однос на меѓународната позиција на САД.

Останува неизвесно дали и како ќе се примени законот во овој случај.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Законот на САД предвидува рок од 60…

Законот донесен по Виетнамската војна поставува рок…

Туск: Прашањето е дали САД се лојални…

Полскиот премиер Доналд Туск во вторникот изјави…

Се огласи Хамнеи: Единството на Иран ги…

Врховниот водач на Иран, Сејед Моџтаба Хосеини…

Вашингтон распиша награда од 10 милиони долари…

САД нудат награда од 10 милиони долари…

Трамп ја исклучи можноста за употреба на…

Американскиот претседател Доналд Трамп ја исклучи можноста…