ЗНМ ги осудува заканите по живот упатени до новинарот Кристијан Ландов и бара итна истрага

t

„Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро ги осудува заканите по живот упатени до новинарот Кристијан Ландов на социјалните мрежи. Според информациите што ЗНМ ги доби од новинарот, заканите започнаа по објавувањето на епизодата од неговиот подкаст „Претрес“ посветена на неодамнешниот инцидент во Охрид“, велат од ЗНМ. Тие додаваат:

Во коментар на Фејсбук, профилот „Ivica Misajle“ му порачува на Ландов: „aj malce namali (…) da ne ti lizni kolata a mlado dete si“. Во одговор, профилот „Ilija Ile Krsteski“ додава дека „ке му одвртат некој штрав од некое колце“. Пораките, очигледно, алудираат на оштетување на неговиот автомобил што може да заврши со сообраќајна несреќа.

Ландов ги пријави заканите во полиција. ЗНМ бара од Министерството за внатрешни работи и од надлежното јавно обвинителство итно да спроведат истрага, да ги идентификуваат авторите на заканите и да ги процесираат согласно закон.

Потсетуваме дека со измените на Кривичниот законик, заканите и нападите врз новинарите се третираат како напади врз службени лица. За нив се предвидени построги казни, а сторителите се гонат по службена должност.

ЗНМ предупредува дека тие се појавуваат во атмосфера во која Независниот синдикат на полицијата (НСП) паушално ги обвинува медиумите. Во објава на социјалните мрежи од 19 ноември, напишана во име на синдикатот од страна на Мартин Ефремов, се тврди дека полициските службеници од Охрид се „мета на оркестрирани медиумски напади“. Според објавата, тие напади „веројатно имаат за цел да го обесхрабрат нивното постапување“ и „да ја вратат контролата на градот на криминалните структури“.

Во соопштението што следеше, синдикатот зборува за „медиумското етикетирање“ и „медиумски линч“ и порачува дека „информирањето не смее да се претвори во шоу за лајкови“. Притоа не посочува ниту еден конкретен новинарски прилог или медиум.

Ваквите генерализирани обвинувања се неодговорни. Кога новинарското известување се претставува како оркестрирана кампања во корист на криминалните структури, тоа може да поттикне говор на омраза и напади врз новинарите.

Особено е загрижувачко што ваквите пораки доаѓаат од организација на полициски службеници, иако токму полицијата е должна да ја гарантира безбедноста на новинарите.

Доколку конкретниот синдикат на полицијата, или кој било друг, смета дека одреден новинар или медиум објавил неточни, неетички или непрофесионални содржини, постојат воспоставени саморегулаторни механизми преку кои може да побара оценка и заштита на своите права. Во таа насока, ги упатуваме да поднесат претставка до Советот за етика во медиумите на Македонија или до Советот на честа при ЗНМ, наместо преку општи јавни соопштенија да упатуваат оптши критики кон медиумската заедница во целина.

ЗНМ бара од Секторот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР да ги испита јавните објави на претставниците и членовите на Независниот синдикат на полицијата. Секторот треба да утврди дали ваквото паушално етикетирање на медиумите е во согласност со професионалните и етичките стандарди што важат за полициските службеници. ЗНМ бара авторите на овие објави да сносат одговорност.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ЗНМ ги осудува заканите по живот упатени…

„Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро…

„РУСИЈА ИМА 11 ВРЕМЕНСКИ ЗОНИ – КАКО…

Францускиот левичарски политичар Жан-Лик Меланшон предупреди на…

Жена пронајдена почината во Кисела Вода

На 21.11.2026 во 14:05 часот во СВР…

Мицкоски со клучни мерки за младите: Поевтини…

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски,…

Руските ракети во Полска предизвикаа реакција, НАТО…

Претставници на сите 32 земји-членки на НАТО…