Зошто Македонија ја води истрагата за инцидентот со „Рајанер“ иако авионот слета во Солун?
Иако авионот на „Рајанер“ полетал од Солун и таму безбедно се вратил по проблем со десниот мотор и оштетување на прозорец во кабината, формално истрагата ја води Македонија. Причината е меѓународното правило утврдено во Анекс 13 на ICAO (Меѓународната организација за цивилно воздухопловство), според кое истрагата за сериозен воздухопловен инцидент ја води државата во чиј воздушен простор се случил настанот.
Според досегашните информации, инцидентот со летот FR1879 се случил над македонскиот воздушен простор, поради што Македонија има улога на „State of Occurrence“ – држава на настанот.
Кои се учествуваат во истрагата?
Иако Македонија ја координира истрагата, тимот е меѓународен и во него учествуваат стручни лица од повеќе држави и компании.
Во процесот се вклучени: Македонија која ја води истрагата и ќе ги донесе конечните заклучоци, Грција – бидејќи авионот се наоѓа во Солун, каде ќе бидат направени технички прегледи на моторот, трупот и оштетувањата;,Малта – како држава на регистрација на авионот (9H-QEU) и држава на операторот Malta Air, дел од групацијата „Рајанер“, САД – како држава на производителот на авионот „Боинг 737“, преку Националниот одбор за безбедност во транспортот (NTSB), Боинг – преку технички експерти за конструкцијата на авионот, СFM International – производителот на моторот CFM56, поради оштетувањето на десниот мотор.
NTSB не ја води истрагата
Во јавноста се појави забуна по објавата на американскиот NTSB дека именувал свој претставник во истрагата. Но, NTSB не е исто што и американската Федерална управа за воздухопловство (FAA).
FAA е регулаторно тело кое поставува правила за цивилното воздухопловство во САД, додека NTSB е независен орган за истраги на несреќи и сериозни инциденти. Во меѓународни случаи, NTSB ги претставува САД кога станува збор за авиони произведени во Америка, но не ја презема контролата врз истрагата.
Што ќе проверуваат истражителите?
Фотографиите по слетувањето покажуваат сериозно оштетување на десниот мотор, оштетен прозорец во кабината и активирани маски за кислород. Сепак, визуелните докази не можат да покажат што точно се случило.
Истражителите ќе анализираат податоци од црните кутии, разговори во пилотската кабина , состојба и историја на одржување на авионот, документација за моторот ,оштетувања на трупот и моторот и можни откажувања на делови.
Едно од клучните прашања ќе биде што прво откажало, дали проблемот започнал во моторот или оштетувањето на трупот и прозорецот било последица од откажување на делови во лет.
Кој ќе го напише конечниот извештај?
Иако во истрагата учествуваат повеќе држави и компании, конечниот извештај нема да биде заеднички документ. Нацртот ќе биде доставен до учесниците за коментари, но конечната верзија ќе ја усвои и објави истражниот орган на Македонија.
Инцидентот со „Рајанер“ е уште еден пример како меѓународните правила за воздухопловна безбедност овозможуваат повеќе држави да работат заедно, но одговорноста за истрагата останува кај државата каде што се случил настанот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Зошто Македонија ја води истрагата за инцидентот…
Иако авионот на „Рајанер“ полетал од Солун…
Ѓорѓиевски: БРТ влегува во фаза на реализација,…
Завршени се финалните координации за следните чекори…
Трагедија во Виетнам: Потона туристички брод со…
Туристички брод со индиски туристи се превртел…
Ламалари по заедничката акција на апсење на…
Албанскиот министер за внатрешни работи, Бесфорт Ламалари,…
Серафимовски: Надминат е проблемот со откупот на…
Државниот секретар и предлог-кандидат за министер за…