Илон Маск и Каја Калас се појавија на протечениот список за тајни собири на Питер Тил
Протекување на податоци од веб-страница откри имиња на луѓе поврзани со таинствените собири „Дијалог“, иницијатива основана од милијардерот и технолошки инвеститор Питер Тил. На списокот се појавуваат високи политичари од САД, претставници на странски влади, влијателни бизнисмени од технолошкиот сектор, медиумски личности и други припадници на глобалната елита, а меѓу нив и билионерот Илон Маск и високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, пишува „Гардијан“.
Собирите „Дијалог“ се одржуваат еднаш годишно уште од 2006 година и честопати се споредуваат со затворени елитни форуми како групата „Билдерберг“ или „Бохемијан гроув“. За нив досега се знаеше релативно малку.
Настаните се само со покана, најчесто се организираат во луксузни хотели или одморалишта низ светот, а главната цел, според официјалното претставување, е разговор за глобални прашања во неидеолошка и непартиска атмосфера.
Сепак, новооткриениот список покажува дека организацијата има капацитет да собере необична комбинација од политичка, корпоративна, технолошка и културна моќ. Важно е да се нагласи дека не е јасно кога и зошто имињата биле внесени во базата, ниту, пак, дали сите на списокот имале ист степен на поврзаност со „Дијалог“.
Дел од нив можеби присуствувале многу одамна, пред Тил да стане силно поврзан со американската десница и со круговите околу Доналд Трамп.
Податоците биле изложени, најверојатно ненамерно, во изворниот код на веб-страницата на „Дијалог“. Информацијата прв ја забележал хакер и активист на платформата „Блускај“.
Кој е Питер Тил?
Питер Тил е една од највлијателните, но и најзатворени фигури во американската технологија и политика. Тој е познат како инвеститор, идеолог и поддржувач на конзервативни политички движења.
Во последно време привлекува внимание и со јавни предавања во кои зборува за апокалиптични теми и за можниот „антихрист“.
Истовремено, Тил има блиски врски со Доналд Трамп и со потпретседателот Џеј Ди Венс, а финансиски помагал и републикански кампањи за изборите во 2026 година.
Илон Маск е на списокот
На протечениот список се појавуваат луѓе од двете големи американски партии. Меѓу нив има гувернери, сенатори, конгресмени, поранешни и актуелни функционери. Наведени се и странски претставници од Саудиска Арабија, Пакистан, Велика Британија, Јапонија и други земји. Покрај политичарите, списокот содржи и имиња од светот на технологијата и на бизнисот, како Илон Маск, претседателот на Опен АИ, Грег Брокман, поранешниот шеф на „Гугл“, Ерик Шмит, и други влијателни инвеститори и директори.
Некои од луѓето што биле контактирани од Гардијан се обиделе да се дистанцираат од организацијата. Дел тврдат дека не се членови, дека не знаат зошто нивното име се појавува на листата или дека евентуално присуствувале на некој настан одамна и без поголемо значење. Други, пак, го бранеле концептот на ваквите собири, тврдејќи дека тие овозможуваат отворен разговор меѓу луѓе со различни политички и професионални позадини.
На пример, портпаролот на гувернерот на Колорадо, Џаред Полис, изјавил дека Полис не е член на организацијата и дека не знае зошто неговото име е поврзано со неа. Слична реакција имал и тимот на демократскиот сенатор Кори Букер, кој навел дека тој не е дел од групата и нема интерес да биде поврзан со неа. Гувернерот на Мериленд, Вес Мур, објавил дека пред 13 години бил поканет да зборува за својата книга, но дека тоа било негово прво и последно појавување на „Дијалог“.
Поранешниот американски генерал Стенли Мекристал потврдил дека присуствувал на два настана пред околу една деценија, но не смета дека тоа значело членство. Според него, собирите биле позитивно искуство и овозможувале слободен разговор без притисок од јавноста. Тој тврди дека дискусиите не биле фокусирани само на политика, туку опфаќале широк спектар теми.
„Токму ова може да биде проблем за демократијата“
Сепак, експертите за елитни мрежи предупредуваат дека токму ваквите затворени простори можат да бидат проблематични за демократијата.
Џенин Ведел од Универзитетот „Џорџ Мејсон“, која истражува корупција, транснационални мрежи и елити, вели дека на вакви собири се среќаваат финансиска, технолошка и политичка моќ.
Според неа, таму честопати се обликуваат агенди и ставови што подоцна влијаат врз пошироката јавност, иако обичните граѓани немаат увид, ниту можност да учествуваат во тие процеси.
Списокот ги вклучува и министерот за финансии Скот Бесент, секретарот за армија Ден Дрискол, службеникот во Белата куќа Вил Шарф и Џим О’Нил, поранешен висок здравствен функционер и соработник на Тил. Наведени се и сенаторите Тед Круз и Кори Букер, како и конгресменот Џим Хајмс. Од поранешните функционери се споменуваат Роберт Хур, Лиза Монако, Џулијан Кастро, Прит Бхарара, Мич Даниелс, Лери Самерс и други.
Од Каја Калас и Џаред Кушнер до саудиски принц
Меѓународниот дел од списокот е исто така значаен. Се појавуваат Каја Калас, висока претставничка на Европската унија и поранешна премиерка на Естонија, јапонскиот министер Таро Коно, саудискиот принц и поранешен разузнавачки шеф Турки ал-Фајсал, саудиската амбасадорка во САД Рима бинт Бандар ал Сауд, шефот на „Кувајт петролеум“, шеикот Наваф ал-Сабах, како и поранешниот пакистански премиер Шахид Хакан Абаси.
Портпаролот на Калас изјавил дека таа не е член на групата и нема намера да присуствува на евентуалниот настан во Ирска.
Особено силно е присуството на технолошки и бизнис-фигури. Покрај Тил и коосновачот Аурен Хофман, наведени се Илон Маск, Џаред Кушнер, Џо Лонсдејл, Чамат Палихапитија, Грег Брокман, Џејсон Квон, шефот на Јутјуб Нил Мохан и други. На списокот има и медиумски и интелектуални имиња како Езра Клајн, Брет Стивенс, Сем Харис и Стивен Пинкер, како и актерот Џозеф Гордон-Левит.
И Џефри Епстин бил поканет
Дополнителна контроверзија предизвикува фактот што документи објавени од комитет на американскиот Конгрес покажуваат дека Аурен Хофман во 2014 година го поканил и Џефри Епстин на еден од собирите. Не е познато дали Епстин навистина присуствувал, но самата покана ја поврзува организацијата со поширокиот проблем на елитни институции што одржувале контакти со него и по неговата осуда.
Според критичарите, токму ваквите примери покажуваат како моќните луѓе создаваат паралелни простори во кои разговараат, се поврзуваат и потенцијално влијаат врз политики без јавна отчетност. Од друга страна, пак, поддржувачите на ваквите формати тврдат дека затворените разговори понекогаш се неопходни за искрена дебата меѓу луѓе кои во јавноста би биле многу повнимателни.
Во секој случај, протечениот список го отвора прашањето колкаво влијание имаат приватните елитни мрежи врз политиката, технологијата и глобалните одлуки и колку јавноста има право да знае за нив.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Шукова: Никогаш нема да дозволам партиските интереси…
Во видео-обраќање по повод 62-годишнината од скопскиот…
Шукова: Железница на кеј на Вардар –…
„Идејата за железница покрај кејот на Вардар…
Нов бисер од Елон Маск за тоа…
Постои една стара изрека, рече Маск -…
Маск за офанзивата на Украина: Толку многу…
Американскиот бизнисмен Илон Маск на својата мрежа…
Бил Гејтс, Илон Маск и Марк Цукерберг…
Највлијателните личности во технолошката индустрија поитаа на…