Италија со нов предлог за миграцијата: Центри надвор од ЕУ на трошок на Унијата
Италија на денешниот вонреден состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ ќе побара Унијата да ги финансира центрите за обработка на барањата на мигрантите и нивно враќање надвор од територијата на ЕУ. Целта на состанокот е да се спречи повторување на минатанеделниот прилив на околу 50.000 мигранти во шпанската енклава Сеута, потврдија високи владини претставници, пишува „Ројтерс“.
Масовните преминувања на границата почнаа минатиот четврток во Сеута, на една од двете копнени граници кои Европската Унија преку Шпанија ги дели со Африка, што предизвика загриженост во целата Унија. Другата таква копнена граница се наоѓа кај шпанската енклава Мелиља.
Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедози им порача на своите колеги дека Унијата повеќе не може само да реагира на кризни ситуации.
„Ние како Европска Унија повеќе не можеме само да реагираме на итни ситуации внатре во нашите граници. Мораме да делуваме како единствен и кохезивен блок за да ги запреме заминувањата на самиот извор и да ги вратиме оние кои немаат право на престој на територијата на ЕУ“, стои во говорот што го објави неговиот кабинет.
„Сега е време во пракса да ги спроведеме новите модели на центри за надворешна обработка на азилните процедури и за враќање во безбедни трети земји.“
Настаните во Сеута претставуваат прва голема проверка за Пактот на ЕУ за миграции, кој стапи на сила во јуни по повеќегодишни преговори. Кризата тестира дали новите правила и механизми на солидарност можат да се носат со ненадејниот масовен прилив на мигранти на надворешните граници.
Прашањето за миграциите е едно од оние што предизвикуваат најдлабоки поделби во Европската Унија уште од кризата во 2015 и 2016 година, кога во Европа пристигнаа повеќе од еден милион бегалци и мигранти, најголем дел од војната погодената Сирија. Тој бран ја засили поддршката за противимиграциските и крајно десничарските партии и ги продлабочи постојните спорови за контролата на границите, правилата за азил и распределбата на одговорноста.
Мароканските власти во неделата соопштија дека сметаат оти масовните преминувања во Сеута и Мелиља биле поттикнати од дезинформации на социјалните мрежи, криумчарски мрежи и погрешно толкување на една пресуда на шпански суд. Наведуваат дека најголемиот дел од луѓето кои ја преминале границата се вратиле на мароканска територија откако не ги затекнале очекуваните услови.
И покрај тоа, Италија на еден месец ја суспендираше примената на Шенгенскиот договор за патување без пасоши со Шпанија, иако Шенген не се однесува на Сеута. Истовремено, 22 од 27-те држави членки побараа координирана акција за засилување на надворешните граници на Унијата.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во авторски текст за „Политико“ се залага за воведување вонреден миграциски механизам на ЕУ. Тој би овозможил забрзани процедури и, во исклучителни околности, привремено замрзнување на регистрацијата на барањата за азил за време на ненадејни масовни пристигнувања. Мицотакис смета дека постојните правила на Унијата се прилагодени за вообичаени миграциски притисоци, а не за координирани масовни приливи.
Европскиот комесар за внатрешни работи и миграции Магнус Брунер изјави дека ситуацијата во Сеута ја покажала подготвеноста на некои актери да ги искористат миграциите за да ја тестираат Европската Унија.
„Европа засега го положи тој тест“, порача Брунер во понеделникот за „Ројтерс“ преку својот портпарол.
Тој најави дека министрите ќе расправаат за поуките од оваа криза и за начините за засилување на одговорот на Унијата.
„Охрабрува тоа што ситуацијата ја ставивме под контрола и спроведовме брзо враќање. Новите европски правила помогнаа процедурите да бидат поефикасни и ја засилија реакцијата на државите членки“, заклучи Брунер.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Италија со нов предлог за миграцијата: Центри…
Италија на денешниот вонреден состанок на министрите…
Силен земјотрес ја погоди Италија, најсилно почувствуван…
Земјотрес со јачина од 4,5 степени според…
Дваесет и две земји-членки на ЕУ бараат…
Лидерите на 22 земји-членки на Европска Унија,…
Мерц побара од Шпанија да ја обезбеди…
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ја повика…
Министерство за правда: Италија е наш силен…
На денешната средба на министерот за правда…