Катимерини: Криминалци со врски со ОВК и иранските разузнавачи стојат зад планот за атентат врз еврејски грчки бизнисмен
Зад планот за атентат врз еврејскиот грчки бизнисмен стојат опасни криминалци, шверцери на дрога и оружје, со силно присуство во Турција и врски со Ослободителната војска на Косово (ОВК), албанската вооружена националистичка организација која се залагаше за независност на Косово.
Според информациите на „Катимерини“, петтемина уапсени поради вмешаност во случајот во изминатите дваесет години поминале многу години во затворите во Турција. Таму стапиле во контакт и воспоставиле врски со ирански државјани. Нивните траги водат до Австрија, Холандија и Белгија, каде што транспортирале големи пратки дрога, главно хероин. За еден од нив постојат индиции дека учествувал во вооружениот напад врз полицискиот пункт во селото Гошинце, во Македонија, во близина на границата со Косово, во 2015 година. Според сведочењата објавени во тогашните извештаи, во нападот врз полициската станица учествувале лица со ознаки на ОВК на облеката.
Неодамнешниот план за убиство на еврејскиот грчки бизнисмен наводно бил организиран во име на иранските разузнавачки служби, а амбасадата на Иран во Атина ги негираше информациите. Нападот бил спречен благодарение на заедничката истрага на Националната разузнавачка служба на Грција (ЕИП) и нејзината македонска партнерска служба, врз основа на информации од странска разузнавачка служба, најверојатно израелскиот Мосад.
Поради вмешаност во случајот, четири лица биле уапсени во Македонија, а едно во Грција, додека уште еден член на оперативното јадро на групата сè уште е во бегство. Сите тие се државјани на Македонија.
Организаторите
Разузнавачките служби на Грција и Македонија како организатори на терористичкиот и убиствен напад посочуваат двајца ирански државјани по кои се трага.
Едниот е Едрис Џахагари Маванех (Edris Jahangiri Mavaneh). Тој е опишан како лице кое одржува директни контакти со Револуционерната гарда, а наводно се движи меѓу Турција, Иран и Обединетите Арапски Емирати.
Надлежни грчки функционери за „Катимерини“ изјавиле дека овој човек е во фокусот на интересот на Мосад, американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), како и на други разузнавачки служби. Грчките и македонските власти одлучиле јавно да ги објават неговото име и фотографија за да го „изгорат“, односно да го онеспособат за понатамошно дејствување.
Вториот ирански државјанин наводно вмешан во случајот е наркобосот Наџи Шарифи Зиндашти. Тој се поврзува со транспортот на два тона хероин од Иран во Грција во 2014 година. За тој случај му било судено во отсуство, но бил ослободен, бидејќи судот оценил дека доказите против него се нецелосни.
Во актуелниот план за терористички напад и убиство, Зиндашти наводно му обезбедил на својот сонародник Маванех опасни криминалци – шверцери на дрога кои за одреден надомест, во име на Иран, требало да го ликвидираат грчкиот бизнисмен.
Бизнисменот наводно бил избран за цел не само поради неговото еврејско потекло, туку и поради неговата професионална позиција како неизвршен член на одборот на директори на технолошка компанија која тесно соработува со израелската државна одбранбена индустрија.
За Зиндашти се води и постапка од страна на американското Федерално истражно биро (ФБИ), бидејќи во 2024 година наводно повторно планирал, во име на Техеран, атентат врз двајца ирански дисиденти во САД. За извршување на планот, тој наводно регрутирал двајца канадски криминалци, членови на мотоциклистичката група „Хелс Ејнџелс“, кои претходно биле поврзувани со случаи на трговија со дрога.
Двајцата Иранци се осомничени дека биле организатори на операцијата за атентат. Зиндашти, кој имал контакти во подземјето, наводно ги поврзал криминалците од Македонија со Маванех, кој имал врски со Револуционерната гарда. И двајцата се бараат.
Според извори на „Катимерини“ во Македонија, двајца од обвинетите за вмешаност во планот за убиство претходно биле уапсени за трговија со дрога и отслужиле повеќегодишни затворски казни во турски затвори. Тие учествувале во криминална организација заедно со лица од Македонија, Косово и Албанија. Шверцувале големи количества хероин од Турција кон Централна и Северна Европа.
Биле уапсени во Турција и во 2010 година осудени на по 14 години затвор. Во затворот воспоставиле односи и контакти со ирански државјани, кои ги одржувале и зајакнувале по нивното ослободување во 2020 година. Во периодот што следувал, безбедносните и разузнавачките служби наводно регистрирале нивни чести патувања во земјите од Персискиот Залив, на Балканот и во Турција.
Нападот во 2015 година
Едно од лицата вмешани во случајот, според извештаите, се појавува во базите на податоци на Министерството за внатрешни работи на Македонија под сомнение дека учествувало во нападот врз полициската станица во Гошинце во 2015 година.
Вооружени напаѓачи со ознаки на ОВК упаднале во полициската станица, ги разоружале и претепале четворицата полицајци, им ги одзеле оружјето и радиостаниците, а потоа избегале.
Министерството за внатрешни работи на Македонија тогаш го оквалификувало настанот како „терористички напад“, поврзувајќи го со смртоносните вооружени судири што истата година се случија во кумановскиот регион.
Се наведува дека дел од апсењата на 12 ноември 2026 година, во рамките на истрагата за планот за убиство и терористички напад во Грција, биле извршени од македонската полиција во Скопје и Куманово.
Особено интересен е профилот на лицето кое сè уште е во бегство. Тој е роднински поврзан со еден од петтемина приведени, а по него е распишана меѓународна потерница за убиство. Причината е сомнението дека учествувал во вооружена заседа во 2008 година во Скопје, насочена против македонската специјална антитерористичка единица „Тигри“.
Попладнето на 3 јануари 2008 година, петмина припадници на единицата се враќале од службена задача со возило „Ленд ровер“, кога биле нападнати од вооружени лица. Во нападот бил убиен 40-годишен полициски службеник. Според наводите, возачот на возилото на напаѓачите бил токму лицето кое денеска се бара поради учество во планот за ликвидација на еврејскиот грчки бизнисмен.
Истрагата започнала во март
Според извори од грчките медиуми, актуелната истрага на ЕИП и македонската партнерска служба започнала кон крајот на март. Почетниот сигнал дошол од странска разузнавачка служба, најверојатно израелскиот Мосад, која ги информирала за планираното таргетирање на грчкиот бизнисмен.
Тројца од петтемина уапсени претходно патувале во Турција и Обединетите Арапски Емирати, каде што имале средби со иранскиот Херис Џахангири Маванех, со цел да го организираат нападот.
По добиените информации, ЕИП почнала да следи еден од осомничените, 30-годишен маж, кој неодамна бил уапсен. Тој ги следел движењата на потенцијалната жртва во Грција – неговиот дом, работното место и местата на кои имал средби на јавни локации.
„Доаѓаше сам во Грција. Престојуваше во станови што ги изнајмуваше преку „Ербиенби“. Се движеше во триаголникот Северна Македонија – Грција – Турција“, изјавил за „Катимерини“ надлежен функционер.
Бизнисменот бил информиран за опасноста во март 2026 година. Му била доделена полициска заштита, а тој и неговата сопруга морале да го напуштат домот во кој живееле околу три месеци, како што самиот открил за „Катимерини“.
Во март, ЕИП го забележала 30-годишниот осомничен, кој ги следел движењата на целта во Грција. „Престојуваше во станови што ги изнајмуваше преку „Ербиенби“. Се движеше во триаголникот Северна Македонија – Грција – Турција“, изјавил надлежен функционер.
Моментот на апсењата
На 27 октомври конечно било одлучено да биде уапсен 30-годишниот осомничен на граничниот премин Кипи, во областа Еврос. Тој бил во автомобил и се упатувал кон Турција.
На полицајците кои го испрашувале им рекол дека целта на патувањето е набавка на ткаенини од Истанбул. Грчките власти веруваат дека во Турција имал договорена средба со Маванех и другите членови на мрежата.
Тој бил прогласен за „непожелен странец“ од причини поврзани со националната безбедност и бил задржан во Полициската управа за гранична полиција во Суфли.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Катимерини: Криминалци со врски со ОВК и…
Зад планот за атентат врз еврејскиот грчки…
Изградивме блиски врски со грчката полиција, заедно…
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар…
Мајка си го продала бебето во Грција,…
Две жени во Грција се соочуваат со…
Неофицијално: Авраам-Минос Мојсис бил можна цел на…
Авраам-Минос Мојсис, грчки бизнисмен со еврејско потекло…
Амбасадата на Иран во Атина ја демантираше…
Амбасадата на Иран во Атина денеска ги…