Крај за договорите на дело во државните институции – ангажираните лица ќе добијат вработување на неопределено време
Лицата ангажирани со договор на дело и други видови договори во дел од јавниот сектор ќе добијат можност за вработување на неопределено време, со законско решение што предвидува фазна трансформација на нивните ангажмани.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на прес-конференција истакна дека со предложениот закон се решава долгогодишен проблем на луѓето кои со години работат во институциите без сигурност за својата работна иднина.
Институциите опфатени со законот ќе имаат рок од 90 дена од неговото стапување во сила да ги склучат договорите или да ги донесат решенијата за вработување. За најмногу 50 проценти од опфатените лица трансформацијата ќе стапи во сила веднаш, додека за останатите крајниот рок е 31 декември 2027 година.
Правото ќе важи за лицата што имаат важечки договор на денот на стапувањето во сила на законот и чиј договор ќе биде важечки и во моментот на трансформацијата. Додека трае постапката, институциите нема да смеат да ги раскинуваат нивните договори, освен во случаи на повреда на договорните обврски.
Од 1 јануари 2028 година, ангажирањата преку определени видови договори во опфатените институции ќе бидат ограничени на најмногу 10 проценти од вкупниот број вработени на крајот од претходната година. Предвидени се исклучоци, како и можност за привремено надминување на ограничувањето со претходна финансиска согласност. За раководните лица што нема да ги почитуваат правилата се предвидени глоби од 250 до 500 евра во денарска противвредност.
Министерството за финансии ќе го контролира финансискиот аспект на процесот и ќе издава согласности врз основа на доставената документација и расположливите буџетски средства.
Предлог-законот не ги опфаќа, меѓу другите, основните и средните училишта, високообразовните и научните установи, акционерските друштва, Армијата и институциите од безбедносниот сектор. Стојаноски оцени дека решението треба да ја зголеми работната сигурност на илјадници граѓани и да спречи ваквите договорни ангажмани повторно да станат долгорочна практика.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ВЛЕН: По 23 години, правичната застапеност конечно…
По 23 години чекање, одложувања и неисполнети…
„Сакам да работам“: Премиерот падна во замката…
Жалиме што и актуелниот Премиер влезе во…
Исмаил: 500 метри оддалеченост само од училиштата…
Потпретседателот и пратеник на Левица - Реџеп…
Левица: Власта нуди шминкерски закон кој единствено…
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН го…
Следната недела СДСМ го промовира новиот закон…
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче во поткаст…