Објавено на:

Лукашенко за Зеленски: Можеби пушел или си вбризгал нешто, па затоа дава такви изјави

t

Белорускиот претседател Александар Лукашенко ги отфрли тврдењата од Киев дека Украина идентификувала околу 500 потенцијални воени цели во Белорусија, нарекувајќи ги таквите најави „обични бесмислици“ и празна реторика. На маргините на самитот на Евроазиската економска унија во Астана, Лукашенко упати директно предупредување до украинските власти дека секој евентуален напад врз неговата земја драстично ќе го промени карактерот на војната.

Реакцијата на белорускиот лидер уследи по изјавата на Роберт Бровди, командант на украинските Сили за беспилотни системи (познати како „Птиците на Маѓар“), кој јавно соопшти дека украинската војска има мапирано стотици потенцијални воени мети на белоруска територија.

„Имаме една цел, не е далеку од Белорусија“

Коментирајќи ги наводите од Киев, Лукашенко потенцираше дека Белорусија има подготвено соодветен одговор и дека спротивната страна е свесна за воената подготвеност на Минск.

„Можеби идентификувале 500 цели. Но, ние имаме една многу сериозна цел со прецизни координати, која не е далеку од Белорусија. И тие тоа добро го разбираат“, изјави Лукашенко, додавајќи дека повеќето изјави од Киев се само обид за политички притисок.

Тој тврди дека, според неговите информации, самиот украински воен врв воопшто не сака конфликт со Минск.

„Украинската војска не сака никаква војка со Белорусија, тоа го знам со сигурност. Разбираат дека тоа би значело дополнителни 1.500 километри фронт, а границата меѓу нашите земји не е едноставна. Дали им треба тоа? Не им треба“, нагласи белорускиот претседател.

Ставот на Трамп е јасен, Европа го притиска Зеленски

Според белорускиот лидер, украинскиот претседател Володимир Зеленски е поттикнат од европските земји да дава агресивни изјави за да ги оправда нивните геополитички цели. Тој исто така откри дека Минск одржува одредени дипломатски контакти со Вашингтон.

Релациите со САД: „Разговараме со Американците. Ставот на Доналд Трамп е јасен. Каков и да е, тој зазема исправен став. Американците разговараат, некои молчат, додека Европјаните нешто мрморат“, посочи Лукашенко.

Влијанието на Европа: Тој обвини дека европските земји го користат украинското раководство за сопствени цели. „Европјаните го тераат да дава такви изјави. Како тие ќе ја ‘бранат Украина’ ако самата Украина молчи? Затоа тој ги зборува овие работи“.

Предупредување за ескалација и лични квалификации за Зеленски

Минск повторува дека нема намера прв да ја нападне Украина и дека таму нема белоруски војници. Сепак, Лукашенко испрати јасна порака доколку ситуацијата се промени.

„Не дај Боже воен напад врз Белорусија да биде покренат од која било територија. Војната во Украина тогаш би попримила сосема поинаков карактер. Нема да појаснувам, разбирате на што мислам“, истакна тој.

На самиот крај од своето излагање, белорускиот претседател се осврна и на личната состојба на Зеленски, упатувајќи низа провокативни шпекулации на сметка на неговото однесување.

„Се обидувам да го разберам претседателот на Украина. Таму има војна, притисокот е огромен. Не е лесно да се издржи тоа. Можеби нешто се случило, можеби нешто пушел, можеби нешто си вбризгал, па затоа дава такви изјави. Едноставно ми е жал за него. Затоа молчам. Не дај Боже кој било да се најде во таква ситуација“, заклучи Лукашенко.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Лукашенко за Зеленски: Можеби пушел или си…

Белорускиот претседател Александар Лукашенко ги отфрли тврдењата…

Русите обвинува за уште еден украински напад…

Украина синоќа повторно нападна руски енергетски објекти,…

Иран: Нема договор со САД без целосни…

Иран нема да прифати никаков договор со…

Израел ги проширува операциите во Либан

Израелската армија зазела стратешки важна планина во…

Иран се согласил да не развива нуклеарно…

САД и Иран наскоро би можеле да…