Македонската книжевност изгуби великан: Почина Георги Сталев Поповски

t

Почина писателот Георги Сталев Поповски – поет, прозаист, драмски писател, книжевен критичар, преведувач и универзитетски професор.

„Со жалење ве известуваме дека нашиот ценет колега, проф. д-р Георги Сталев Поповски почина на 30 декември 2025 година. Погребот е извршен на 3 јануари 2026 година, во кругот на семејството,“ соопшти денеска Деканатот на Филолошкиот факултет на УКИМ каде што Сталев се пензионираше во 1995 година.

Георги Сталев Поповски е роден во 1930 година, а своето образование го стекнал во Белград, Прилеп и во Скопје. Со книжевната работа започнал во 1947 година, а од 1953 година редовно објавувал трудови од областа на книжевната историја, теоријата и од театарската критика во периодичните изданија.

Поголемиот дел од својот професионален ангажман го поминал како универзитетски професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што предавал современи јужнословенски книжевности.

Долги години бил уредник на списанието „Современост“, а истовремено бил меѓу првите членови на Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писателите на Македонија од 1956 година.

Во периодот од 1978 до 1982 година бил министер за култура во Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија, а во 1983 година бил координатор на образовниот систем за македонските иселеници во Сиднеј, Австралија.

За својата работа е добитник на бројни значајни награди и признанија.

„Георги Сталев Поповски припаѓа на првата повоена генерација македонски писатели и интелектуалци, кој, покрај широката и плодна наставно-научна дејност, се профилира во еден од најистакнатите македонски полиграфи и полиглоти, кој со својот импресивен научен, книжевен и преведувачки опус постави високи стандарди во македонската книжевност и култура. Во таа насока во 2011 година, на иницијатива на Катедрата за македонска и јужнословенски книжевности, на Филолошкиот факултет ‘Блаже Конески’ во Скопје, е организиран дводневен научен собир посветен на сестраниот творечки лик на проф. д-р Георги Сталев Поповски, кој се вгради во дејноста на Филолошкиот факултет и како исклучителен професор, но и како книжевен историчар, критичар и еден од најактивните книжевните преведувачи“, соопшти Деканатот на Филолошкиот факултет на УКИМ.

Тој е автор на пет поетски збирки, пет драмски дела, два романа и една книга раскази, како и на бројни препеви, преводи и критички есеи. За својот преведувачки опус има добиено повеќе значајни награди и во два наврата бил претседател на Друштвото на македонските книжевни преведувачи.

Покрај преводите и препевите на автори како Пушкин, Лермонтов, Прешерн и Гундулиќ, Сталев Поповски како врвни остварувања во оваа област ги издвојува преводите на „Божествената комедија“ од Данте Алигиери, целосната поема „Странствувањата на Чајлд Харолд“ од Џорџ Гордон Бајрон, како и Антологијата на француската поезија – од нејзините почетоци до крајот на 19 век.

„Како студент од трета година го објавува својот прв (и последен) превод на прозен текст (Спроти новите дни од Иван С. Тургењев, директно од рускиот оригинал)… Непосредно пред дипломирањето на факултетот, за одбележувањето на шеесетгодишнината од смртта на Григор С. Прличев, од печат излегува првото издание на препевот на ‘Сердарот’ од оригиналот, со помошта на неговиот татко Стале Попов. Овој препев, со мали варијанти на корекција и дополнување, и денес живее како лектира во средните училишта. Интересно e да се спомене дека бугарскиот и англискиот препев на ‘Сердарот’ се направени од македонскиот препев на Сталев. Интересот за препевање поезија исклучиво во врзан стих оттука се проширува и кон теоретскиот дел на версификацијата, од што произлегла и неговата докторска дисертација,“ наведува Филолошкиот факултет на УКИМ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Поповски: Џонсон Мети не генерира 16% од…

Поранешниот министер за финансии Никола Поповски реагира…