Македонски возач казнет во Росток, Германија, поради надминување на дозволените 90 дена во Шенген

t

Возачите на транспортните компании од земјите надвор од Европската Унија се соочуваат со засилени контроли во Шенген-зоната, поврзани со ограничувањето за предвидениот престој. Досега, неколку македонски возачи се вратени од различни земји, а последниот случај е регистриран во пристаништето Росток во Германија. Како што известија од „Макамтранс“, бил откриен македонски возач со три дена надминување на дозволените 90 дена во период од 180 дена, по што му била изречена парична казна од 150 евра.

– Возачот ќе ја напушти Германија со авион, а возилото ќе го преземе друг колега од тоа превозно друштво. При напуштањето, ќе му биде издаден документ со точниот датум кога повторно ќе може да влезе во Шенген-зоната – појаснија од „Макамтранс“.

Оттаму предупредуваат дека ако возачот по втор пат биде фатен при контрола со надминување на дозволените денови, може да му се изрече забрана за влез во Шенген-зоната до пет години. Од асоцијацијата посочуваат дека проблемот станува сериозен, бидејќи превозниците ризикуваат да останат без возачи, а испораката на стоката до крајната дестинација да биде одложена, поради потребата од замена на возачите.

Претходно, во Холандија, беше казнет возач од Велика Британија поради тоа што го надминал правилото за престој. Овој случај бил документиран од британската транспортна асоцијација, која известила дека возачот добил парична казна и му било кажано да не се враќа во Европската Унија поради прекршување на правилото од 90 дена престој во рок од 180 дена во Шенген-зоната.

Во последните месеци, професионалните возачи од повеќе земји од Западен Балкан, исто така, се соочија со масовни санкции и рестрикции поради строгото спроведување на правилото 90/180. Според податоците од логистичката асоцијација „Логистика“ на Босна и Херцеговина, повеќе од 100 возачи биле депортирани во 2025 година поради надминување на дозволените 90 дена престој во Шенген -зоната, а уште околу 100 биле најавени за депортација.

Ова резултираше со организирани протести и блокади на граничните терминали со цел да се побараат промени во правилата. Возачите од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора кон крајот на јануари организираа блокади на граничните терминали кон Шенген- зоната. Тие протестираа против строгата примена на правилото 90/180, тврдејќи дека со фреквентниот модел на работа често ги надминуваат дозволените денови, што води до депортација, казни и ризик за нивните работни места и компании. Во април 2025 година, стотици товарни возачи во Босна и Херцеговина протестираа во Сараево, барајќи промена на политиката за престој во Шенген-зоната.

Овие случаи не се изолирани – тие ја потенцираат пошироката критична ситуација со примената на правилото за престој во Шенген- зоната, особено за професионалните возачи од трети држави (како Македонија и другите земји од Западен Балкан). Од ЕУ ветија дека ќе најдат решение за проблемот, со тоа што најавија дека возачите на превозните компании од Западен Балкан ќе бидат прифатени како професионални возачи.

Во меѓувреме, во Брисел се одржува состанок работната група на Европската комисија за донесување конкретни решенија за регулирање на продолжениот престој на возачите. До затворањето на весникот, нема информација што договорила работната група.

Препораката од експертите е внимателно следење на деновите на престој и избегнување на пристаништата Росток и Салцбург, каде што најчесто се вршат контроли. Возачите и превозниците се повикуваат на максимална внимателност за да се избегнат финансиски и административни казни.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонски возач казнет во Росток, Германија, поради…

Возачите на транспортните компании од земјите надвор…

Војниците во Армијата членка на НАТО ќе…

Иако фатија шуга во касарната во Велес,…

Зеленски: Три деца и татко убиени во…

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес објави дека…

Кривична пријава против осум лица од Виница…

Кривична пријава против осум лица од Виница…

Дафина не ја даваат: Пратеничката група на…

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната…