Мемов: На пензионерите треба да им се даде можност за вработување доколку сакаат и се работоспособни
Недостигот на работна сила и можностите за поголемо вклучување на пензионерите на пазарот на трудот беа во фокусот на тркалезната маса „Недостигот на работна сила: Од предизвик до можност преку активно стареење и искористување на позитивни искуства“, организирана од Комората на Македонија за приватно обезбедување.
На настанот учествуваше и директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов, кој оцени дека пензионерите што се во добра здравствена состојба и имаат желба да останат активни треба да добијат можност за работен ангажман во приватниот сектор.
„Сметам дека пензионерите кои сакаат и се во добра здравствена состојба, треба да имаат можност за работа. Актуелната состојба на пазарот на трудот покажува дека има потреба од нив. Во областа на приватното обезбедување тие навистина може да дадат придонес, бидејќи поседуваат големо искуство и ги имаат бараните вештини“, рече Мемов.
Тој нагласи дека Фондот на ПИОМ не креира политики, но преку своето искуство може да понуди предлози за подобрување на состојбите на пазарот на трудот. Според него, законското овозможување на вработување на пензионери би донело повеќекратна корист.
„Со вработувањето на пензионерите работодавачите ќе имаат лица со кои ќе ги пополнат работните места и за кои ќе плаќаат придонеси. Со тоа корист ќе има државата, бидејќи ќе прибира средства за пензиско, здравствено осигурување и други давачки, а корист ќе имаат и самите пензионери, бидејќи ќе имаат и пензија и плата“, потенцира Мемов.
Професорот д-р Лазар Јовевски посочи дека прашањето за недостигот на работна сила е тесно поврзано со демографските предизвици и идниот развој на државата. Тој оцени дека постојат два можни пристапи – увоз на работна сила или внатрешна реорганизација на постојните ресурси.
„Едниот пат е увоз на работна сила, кој си има свои последици, а кои што ги гледаме од искуството во западните земји, а вториот пат е внатрешно да се реорганизираме и да ги надминеме недостатоците“, рече Јовевски, додавајќи дека за тоа ќе бидат потребни измени во законската и економската рамка.
Претседателката на Комората на Македонија за приватно обезбедување, Верица Милеска Стефановска, истакна дека секторот подолг период се соочува со недостиг од кадар и дека решенијата треба да се бараат што е можно побрзо. Таа посочи дека во повеќе земји од регионот пензионерите можат да работат без да го изгубат правото на пензија.
Учесниците на тркалезната маса се согласија дека се потребни законски измени кои ќе овозможат поголема искористеност на работниот потенцијал на пензионерите и ќе помогнат во пополнување на слободните работни места, особено во секторот на приватното обезбедување.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мемов: На пензионерите треба да им се…
Недостигот на работна сила и можностите за…
Хрватите годишно трошат 1,2 милијарди евра за…
Големите фудбалски турнири, како што е Светското…
Израел објави нова мапа на окупираниот Либан:…
Израелската војска во четврток објави мапа на…
(Фото) Во Баница поставена плоча за Гоце…
Бугарија не губи време во присвојувањето на…
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Филипче повторно јасно и гласно…
„Продолжената рака на Зоран Заев, кој верно…