Мерц: Ги поддржувам украинските напади врз руските енергетски постројки
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ја поддржа Украина во врска со нападите врз руските енергетски постројки, оценувајќи дека е „исправно, разбирливо и оправдано“ украинските сили да изведуваат напади што ќе ја попречат способноста на Русија да води војна.
Мерц на прес-конференција по завршувањето на самитот на лидерите на ЕУ во Брисел изјави дека не гледа „никаква подготвеност од руска страна за завршување на војната“. Поради тоа, тој ги поддржува украинските напади што ги попречуваат руските комуникации и снабдувањето со енергија, пренесе „Скај њуз“.
Германскиот канцелар оцени дека тоа се „очигледно единствените можности што ѝ се на располагање на Украина за да ѝ покаже на Русија дека е подготвена да се брани“ и да ја принуди Москва да седне на преговарачка маса.
Мерц рече и дека во декември ќе има можност лично да разговара за ова прашање со американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп во повеќе наврати ја повика Украина да ги прекине нападите врз руските нафтени рафинерии, со цел да се намали притисокот врз цените на дизелот.
Мерц изјави дека сè уште не е познато како ЕУ ќе го надомести недостигот од средства за финансирање на Украина. Европската комисија (ЕК), како што рече, „во моментов ги проценува“ финансиските потреби на Киев пред очекуваниот буџетски дефицит во следната година.
„Лидерите на ЕУ знаат дека Украина не може да се задоволи со претходно одобрениот заем од Унијата во износ од 90 милијарди евра“, наведе Мерц.