„Мета“ ќе плати над 16 милијарди долари, постепено ќе става ограничувања за тинејџерите на Фејсбук и на Инстаграм
„Мета“ ќе плати над 16 милијарди долари во следната деценија и ќе го ограничува начинот на кој тинејџерите ги користат Фејсбук и Инстаграм, согласно договорот со речиси сите сојузни држави во САД, откако компанијата беше обвинета дека ги дизајнирала овие социјални мрежи за да создаваат зависност кај децата, пренесува Ројтерс.
Спогодбата вклучува постепени ограничувања за времето за користење, поголема контрола врз содржините што им се појавуваат на тинејџерите, ограничувања на користењето во текот на ноќта и за време на наставата, како и можност за криење на бројот на лајкови.
Иако социјалните мрежи на „Meта“ нема да претрпат суштинска промена, спогодбите претставуваат сеопфатен напор да се дефинира начинот на кој компанијата им служи на младите корисници.
Тие би можеле да послужат како модел за решавање илјадници други тужби против компаниите за социјални мрежи. Владите ширум светот се обидуваат да го ограничат пристапот на децата до штетни онлајн содржини, а Австралија веќе стана пилот-држава што забрани социјални мрежи за деца помлади од 16 години.
„Фокусот на овој случај беше да ги заштитиме нашите деца. Она што го постигнуваме со оваа спогодба е многу значајно и далеку над она што кој било суд го наложил или веројатно би го наложил“, изјави главниот обвинител на Колорадо, Фил Вајзер.
„Мета“ се согласи во следната деценија да го ограничи користењето на Фејсбук и на Инстаграм на тинејџерите на два часа дневно, а и да го блокира целосното користење од полноќ до 6 часот наутро, освен ако родителите не дадат согласност.
Овие ограничувања би можеле да бидат заострени доколку социјалните платформи Снепчет, ТикТок и Јутјуб усвојат слични услови. „Мета“, исто така, ќе ги исклучи повеќето известувања за тинејџерите во текот на наставата, од 8 до 15 часот, и ќе ги зајакне мерките за спречување на пристапот на децата до содржини со старосни ограничувања.
Спогодбата не бара „Мета“ да се откаже од персонализираните препораки или таргетираното рекламирање. Исто така, не опфаќа дел од содржините што истражувачите на Meta ги оцениле како особено проблематични, вклучително и објави поради кои корисниците на Инстаграм се чувствувале непријатно во врска со својот физички изглед.
„Мета“ негираше дека сторила нешто незаконски при согласувањето на спогодбата. Вкупната исплата претставува околу три до четири месеци профит и околу еден месец приходи на „Мета“.
„Обезбедувањето безбедно и продуктивно искуство за тинејџерите на нашите платформи е апсолутен императив за ‘Мета’. Сакаме ова да го направиме како што треба за родителите и тинејџерите“, соопшти компанијата со седиште во Менло Парк, Калифорнија, во блог-објава.
Акциите на „Мета“ пораснаа за дури 4,1 отсто, а тргувањето го завршија со раст од 1,1 отсто.
Промена на онлајн искуството
„Мета“ се согласи да исплати максимално околу 16,7 милијарди долари на 47 сојузни држави на САД, Вашингтон, Порторико, Американска Самоа и Северните Маријански Острови.
Калифорнија би можела да добие 2,2 милијарди долари, додека Њујорк би можел да добие 1,1 милијарда долари. Тексас постигна одделна спогодба вредна повеќе од 1 милијарда долари.
Некои држави ќе ги уплатат средствата во општите буџетски фондови, додека други ќе одвојат дел од средствата за справување со проблемите поврзани со менталното здравје на децата.
„Ова е голема работа. ’Meта’ и другите компании беа под притисок да ги променат своите деловни практики без оглед на тоа дали ќе ги загубеа тужбите, и тоа од јавноста, како и од Конгресот и законодавните тела на сојузните држави“, изјави Џејмс Спета, професор по право на Универзитетот „Нортвестерн“, кој е специјализиран за телекомуникациска и интернет-политика.
Според него„овие ограничувања ќе го променат искуството на Инстаграм и Фејсбук и се дизајнирани да ја намалат интеракцијата“.
Спогодбата вклучува загарантирани исплати од околу 12,7 милијарди долари, со дополнителни 5 милијарди долари, зависно од тоа дали „Снеп инк.“, компанијата „ВајтДенс“ Тикток и Алфабет, сопственикот на Јутјуб, ќе воведат слични заштитни мерки за децата.
Овие компании веднаш не беа достапни за коментар. „Мета“ планира во четврток да објави писмо во националните весници со кое ќе ги повика ТикТок и Јутјуб да ја подобрат заштитата на децата. Портпарол на „Мета“ изјави дека компанијата се надева оти Снеп ќе воведе слични промени.
Со спогодбите објавени во средата се предвидува „Мета“ да плати и 459 милиони долари за решавање на барањата на сојузните држави поврзани со приватноста во скандалот „Кембриџ Аналитика“, во кој британска консултантска компанија без овластување собрала лични податоци на милиони корисници на Фејсбук.
Американската окружна судијка Ивон Гонзалес Роџерс ја одобри главната спогодба доцна во средата. Таа го надгледуваше судењето што започна на 18 август.
На рочиштето таа ја нарече спогодбата „добар чекор напред“
„Прилично сум среќна што нема да морам да го завршам ова судење“, рече таа.
Шефот на Инстаграм, Адам Мосери, веќе почнал да сведочи пред да биде објавена спогодбата, а се очекуваше да сведочи и извршниот директор на Meta, Марк Закерберг.
Мосери минатиот месец им кажал на претставниците на сојузните држави дека „Мета“ ќе ја обжали секоја пресуда што би била против компанијата, но дека ќе направи конструктивни промени доколку може да се постигне спогодба, велат извори запознаени со случајот.
Криза со менталното здравје
Компаниите за социјални мрежи и натаму се соочуваат со илјадници тужби пред федерални и државни судови од поединци, училишни окрузи, општини и други владини институции, кои тврдат дека компаниите свесно се обидувале да создадат зависност кај децата и предизвикале криза со менталното здравје, вклучително и штети како анксиозност, депресија и самоубиства. Гонзалес Роџерс го надгледува и голем број од овие случаи. Судењето против „Мета“ ги вклучуваше тврдењата на Калифорнија, Колорадо, Кентаки и Њу Џерси дека однесувањето на компанијата ги прекршило државните закони за заштита на потрошувачите.
Во случајот беа вклучени и тврдењата на 29 сојузни држави дека „Мета“ го прекршила федералниот Закон за заштита на приватноста на децата на интернет, познат како COPPA, со тоа што свесно собирала лични податоци од деца без согласност од родителите и ги користела податоците за тренирање генеративна вештачка интелигенција.
„Мета“ долго време тврдеше дека не можела да ги доведе потрошувачите во заблуда бидејќи „зависноста од социјалните мрежи“ не била призната психијатриска состојба.
Пред почетокот на судењето, „Мета“ соопшти дека Калифорнија, Колорадо, Кентаки и Њу Џерси бараат до 1,4 билиони долари казни.
Претходно овој месец, судија во Ново Мексико нареди „Мета“ да плати 567 милиони долари и да спроведе мерки за безбедност на младите, покрај 375 милиони долари што поротата во истиот случај во март ѝ нареди да ги плати на „Мета“ поради доведување на корисниците во заблуда во врска со безбедноста на нејзините платформи.
Исто така, во март, порота во Лос Анџелес утврди дека „Мета“ и „Гугл“, сопственикот на „Алфабет“, биле несовесни при дизајнирањето на своите платформи и им нареди да платат 6 милиони долари на 20-годишна жена која изјавила дека станала зависна од Инстаграм и Јутјуб уште како дете.
„Мета“ и „Гугл“ соопштија дека ќе ги обжалат тие пресуди.
Минатиот месец, Европската комисија се закани дека ќе ја казни „Мета“ доколку не промени одредени функции на своите производи, откако прелиминарно утврди дека компанијата прекршила регулатива на Европската Унија од 2022 година со која се регулира отстранувањето на штетни содржини од страна на големите онлајн платформи. Портпарол изјави дека Комисијата и натаму разговара со Meta за можни промени.
Ново Мексико не беше дел од спогодбите објавени во средата.
Главниот обвинител на Ново Мексико, Раул Торез, изјави дека со решението не се опфатени некои од промените поттикнати од неговиот случај во државата, вклучително и заштитните мерки против возрасни лица кои таргетираат деца, како и забраната за сексуализирани интеракции меѓу деца и чет-ботови со вештачка интелигенција. Сепак, тој оцени дека спогодбата „претставува вистински напредок и дава дополнителен поттик да се заврши работата на заштитата на децата на интернет“.
И Флорида не постигна спогодба и планира да продолжи со судскиот процес.
„Исплатите кон сојузните држави се ситница во споредба со длабоката штета што зависничките функции на ‘Мета’ водени од профитот, им ја нанесоа на нашите деца. Ќе се видиме на суд“, изјави главниот обвинител на Флорида, Џејмс Утмаер.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Мета“ ќе плати над 16 милијарди долари,…
„Мета“ ќе плати над 16 милијарди долари…
Започнува историското судење против „Мета“ за создавање…
Компанијата „Мета“, сопственик на социјалните мрежи Фејсбук…
Мета отпушта 10 проценти од работните места,…
Компанијата Мета денес ги информираше вработените дека…
„Мета“ избриша над половина милион профили во…
Технолошката компанија Meta соопшти дека деактивирала повеќе…
Бајден ја осуди одлуката на Мета да…
Американскиот претседател Џо Бајден остро ја критикуваше…