„Многу време го реанимиравме, не можев, умот не ми даваше да се помирам со тоа дека е мртов“ – потресно сведоштво на мајка на загинато дете во „Пулс“
Со изкази на сведоци, како дел од доказната постапка, денес во судницата во Идризово продолжува судската постапка за трагедијата во Кочани. На обвинителна клупа и денеска седнаа 37 обвинети – 34 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и државни службеници. Тие се товарат за тешки дела против општата сигурност поради пропусти што директно довеле до трагедијата.
Сведок Марија Петрушева:
ОЈО – Да ни го опишете вашиот живот пред настанот во Пулс
М.П – Ние бевме просечно, нормално, скромно семејство. Мојот син Андреј кој е починат имаше 24 години, беше вработен во ресторан „Престиж“, претходно беше 6 месеци во Хрватска требаше на 1 април пак да се врати, да продолжи да работи. Таа година, заедно со помалиот син Кристијан, 20 години, заедно требаше да одат пак во Хрватска пошто и претходната година беа таму. Андреј откако заврши средно училиште, се запиша на факултет, но не се пронајде и се откажа. Од мали години работеше во локали, во кафичи, поради тоа таа кобна вечер беше на испомош во Пулс. Исто и другиот син имаше искуство во угостителската дејност, бил повикан во 1 часот од газдата Дејан Јованов, бидејќи требало да помага бидејќи имало премногу гости, но тој одбил.
ОЈО – Како дознавте што се случило вечерта?
М.П – Бевме будни и јас и сопругот, иако беше доцна, негде 2.45 ги слушнавме првите сирени на амбулантните коли. Погледнав од прозорецот, од нашата тераса се гледа накај болницата, видов дека многу коли веќе имаше, првично помислив дека е некоја сообраќајка и не се вознемирив веднаш. После 15 минути почнаа се повеќе сирени, пак погледнавме и видовме дека се движи противпожарно возило кое се движи во спротивен правец, од центарот на градот кон излезот на Кочани. Тогаш сфативме дека нешто сериозно се случува, имаше и многу цивилни коли со трепкачи кои се упатуваат кон болницата, забележав и неколку коли кои одат во правец на стадионот. Тогаш почувствувавме и мирис на тешка чад, почнавме да паничиме и од другата страна на нашиот стан се гледа во правец на излезот на Кочани, со сопругот се упативме на таа тераса и во далечината се гледаше како свети небото позади ридот. Во тој правец се наоѓа дискотеката Пулс. Инстинктивно изреагирав дека во ова време освен дискотеката ништо друго не работи и фактот дека има концерт на групата ДНК потсвесно ми донесе мисла дека можно е таму нешто да се случува. Почнав да ѕвонам на двајцата синови, наизменично на едниот, па на другиот, но одговор немаше. На Андреј му пишав и на Инстаграм „што се случува“, но до денеска пораката стои непрочитана, тоа беше некаде околу 3.10 часот. Како што бевме по домашна облека само патики и директно се симнавме за да одиме накај дискотеката со сопругот. Таму стигнавме по споредни улици бидејќи на главната улица имаше премногу коли, како што се наближувавме кон дискотеката, веќе го гледавме пламенот, голем пламен, дека е од тој дел. По патот видовме и некои деца кои стоеја во група, застанавме да ги прашаме, тие ни потврдија дека Пулс гори. Тогаш ѕвонев и на мојата мајка, бидејќи Кристијан планираше да спие кај неа, за да прашам дали се вратил или е во дискотеката. Таа ми одговори дека бил до дома да се пресоблече и дека околу 2 заминал во дискотеката. Кога се приближивме имаше премногу луѓе, коли, дури се паркиравме кај салонот за мебел Јумис, што е малку подалеку. Натаму трчајќи се упативме со сопругот, гледавме да видиме некои познати луѓе, некои другари, да ни кажат дали ги виделе. На сите страни трчаа деца, родители, кога се доближивме до хотелот Национал, видов еден другар на Андреј и го прашав дали ги видел, зошто добро ги познава. Тој ми кажа дека Кристијан го видел, но Андреј не. Продолживме кон дискотеката, пред неа се наоѓа паркинг. Во тој момент ја сфативме сериозноста на ситуацијата. Пред дискотеката имаше премногу тела, некои од нив не се ни препознаваа. Сопругот се упати во дискотеката да ги бара, а јас се наведнав да ги обраќам децата, да видам дали е некој од нив, повеќе Андреј го барав, зошто Кристијан ми кажаа дека го виделе и викав по него за да ме слушне. Така викајќи едно дете, прв братучед на Андреј и Кристијан ме слушнал и ми кажа „вујно тие се со амбулантна кола во болница, Кристијан е добар, а Андреј имаше слаб пулс“. Ме праша „сама ли си“, реков не, сопругот влезе во дискотеката да ги бара. Ми рече „ѕвони му веднаш да излегува пошто многу што влегоа, потоа се онесвестија“. Го побарав сопругот Владимир, дојде и тој и му кажав дека децата се веќе во болница. Во тој момент, самото тоа што ми го кажаа дека се со амбулантана кола пренесени, ми даваше чувство на сигурност, дека ќе им се пружи помош, уште не сфаќавме што се случува. Тие деца што ги гледав не сфаќав дека се мртви, мислев дека се онесвестени од чадот.
ОЈО – Може да објасните, додека бевте пред Пулс, дали имаше присуство и на други службени лица?
М.П – Се сеќавам дека на кружниот кај „Национал“ имаше полиција и гласно викаа да не се прави гужва за да може возилата да имаат прооден пат „не правете застој, мораме да ги носиме децата“. Конкретно некој не знам.
ОЈО – Се сеќавате ли на пожарникарни возила?
М.П – Не се сеќавам. Од таму со сопругот се упативме кон болницата, но исто и до таму беше блокиран патот, пошто бевме вознемирени му реков барај место кај ќе се паркираш, јас пешки ќе трчам до таму, ќе ти кажам каде сум.
ОЈО – Колку трчавте?
М.П – 5-7 минути. Кога стигнавме таму, влезот на итната помош влегов, таму уште поголем ужас. Цел ходник беше со легнати деца на подот, на клупите, кои исцрнети до непрепознавање, кои изгорени, медицинскиот персонал беше растрчан и таму викав по Кристијан. Тогаш слушнав една наша докторка кога на една мајка ѝ соопшти дека нејзината ќерка починала. Тоа веќе ме врати, тоа беше шокот, не очекував дека ќе има мртви и тогаш некој рече дека има деца и во други одделенија, во интерно, во хирургија, барајте и таму. Од таму се упатив во интерно одделение, на први спрат, додека се пробивав и до таму се беше хаос, кои со колички ги носеа, две деца носат трето, кога се качив во интерно почнав од првата соба натаму, некои беа отворени вратите, во првите соби укажуваа помош, јас викав по Кристијан, логички ми беше дека е со неговиот брат. Веќе бев при крајот на ходникот, во собра бр.2 која се наоѓа спроти другиот влез на интерно, налетав на Кристијан кој влегуваше во тој момент. Ме праша, „мамо што овде“, прашав за брат му, не можеше да ми каже, рече „не успеавме, не го спасивме брат ми“. Јас не можев да поверувам, иако тој ми потврдуваше, јас не верував каде е. Влеговме во соба број 2, Андреј беше на вториот кревет после прозорот, изгледаше нормално, немаше изгорениици, единствено некоја блага розева изгореница на подлактицата, го прашав Кристијан дали му дадоа помош докторите или се чека овде. Тој ми кажа дека примал адреналин, така му кажале докторите. Андреј изгледаше толку живо што не верував дека е мртов, му кажав дека докторите не знаат што зборуваат. Во меѓувреме дојде и мојот сопруг. Почнавме да му давам е вештачко дишење бидејќи првпат се соочувам со такви ситуации, кога му давав вештачко дишење, тој испушташе некој воздух, некои необични звуци, како клопотење, мислев дека се враќа, дека го оживуваме и му реков на сопругот, стискај ти посилно, посилен си, да го спасиме. Многу време го реанимиравме, не можев, умот не ми даваше да се помирам со тоа дека е мртов, сметав дека треба да го вратиме, дека не е можно тоа што го гледам. Му реков на сопругот оди тражи други доктори, мораат да ми го вратат Андреј. Во тој момент поминуваше доктор од Оризари, подоцна сфатив дека е тој, најверојатно беше дополнително викнат, сопругот го повлече, му велев докторе спаси го. Тој го фати да провери, кажа дека нема пулс, дека веќе се лади. Му рековме, имаше уште три деца во собата, да ги прегледа и нив, ги прегледа сите, никој од нив немаше пулс. На првиот кревет беше девојче, другарка на Кристијан, се обидуваа и неа да ѝ дадат вештачко дишење, не можевме да се помириме дека тие деца се мртви. Забележав дека имаа црно под носот. Иако докторот ми утврди смрт, јас пак не прифаќав, пак продолжив, но сопругот и Кристијан ми рекоа „доста, го мачиш и него, не можеме да го вратиме“. Им реков да ме остават барем неколку минути да го гушнам за последен пат. До тој момент не беа забележале дека сме таму, тогаш дојдоа службени лица од МВР, ни рекоа да излеземе надвор, што има ќе не известат, за да не бидеме присутни во собата. Бидејќи тоа беше од спротивна страна на влезот на болницата, ние седевме на клупа кадешто немаше други родители, имаше само уште едно семејство и не знаев која е тежината на целата ситуација, колку животи има однесено, што се случува долу. Можеби уште половина час бевме таму, потоа се симнавме во итната помош. Кога наближувавме таму, имаше можеби стотици луѓе од Кочани, родители, блиски роднини, пискотници, видов мои блиски кои ми кажаа дека ги загубиле децата таа вечер. Во итната помош примив инјекции за смирување, бидејќи не бев способна да останам таму, сопругот ме однесе дома, а тој се врати да чека што ќе се случува. Негде попладне ни соопштија дека одлучиле децата да ги носат на обдукција во Скопје. Тогаш дојде да ме земе и пак заедно отидовме во болницата, тој беше цел ден во болницата. Таму ние родителите реагиравме дека не сакаме да ги носат на обдукција, преголем шок беше тоа за нас. Откако ни објаснија дека мора тоа да се направи, не убедија, сепак попладнето ги зедоа. Тие денови не знам како ги поминав пошто цело време бев со лекарства за смирување, нонстоп примав инјекции.
ОЈО – Морам да Ве вратам, рековте дека сте влегувале од една во друга просторија, може ли да објасните на судот што гледавте во тие простории пред да дојдете во соба бр.2?
М.П – Во првите две-три соби имаше доктори и правеа реанимација на деца. Неколку соби беа затворени, имаше пациенти што редовно лежат таму, единствено пред да стигнам во соба бр.2 во претходната соба имаше легнати деца на кревети, не сфатив во тој момент, мислев дека се пациенти што спијат. Во собата во која беше Андреј, а и во таа пред неа, мислев дека се редовни пациенти што лежат, децата немаа изгореници.
ОЈО – Во каква состојба беше Кристијан?
М.П – Беше избезумен, лут, револтиран, дури и со раката мавна по стаклото во собата. Затоа и после кога излеговме не го испуштав од поглед затоа што не бев свесна што може да направи.
ОЈО – Дали имаше видливи повреди на телото на Кристијан?
М.П – Не, кога настанал пожарот бил надвор на цигара.
ОЈО- Каква е состојбата на Кристијан од тој настан до денешен ден?
М.П- Во понеделникот ни кажаа дека сите кои влегувале во дискотеката и да немаат физички повреди мораат да одат на испитување, беше задолжително за сите Отидовме во нашата болница, сакаа да го пратат со амбулантна кола во Скопје за да се направат таму анализи, но бидејќи тој таа вечер влегувал неколку пати во диското, спасувал луѓе барајќи го својот брат и моментот кога неговиот брат го видел пред Пулс, некој друг го имал изнесено и во амбулантната кола кога го имаат качено во неа имало едно мртво дете и друго доста повредено дете, тој тие трауми што ги има доживеано во амбулантната кола не сметав дека треба пак со амбулантна кола да оди во Скопје, да не му биде пак преживување на таа вечер. Го однесовме со приватно возило во Жан Митрев, му најдоа мали количини на јаглерод моноксид, му дадоа терапија. Психичката состојба му беше многу лоша и ден денес му е. Се обвинуваше дека тој не можел да го спаси брат му. Му беа активирани полипи на носот што го имаше од претходно, но од вдишувањето исто повеќе, во мај му правеа операција. Кристијан до ден денес има кошмари, ја преживува таа вечер. Најтешка е тежината што ја осеќа за загубата на неговиот брат, вели тие десет минути додека се расчисти стампедото, додека извлекував други деца, можеби беа клучни за да го спасам мојот брат, но не успеав. Во овој момент, јас покрај загубата, траумата, неповратната загуба на едниот син, се борам и психички да го подигнам другиот син. Некогаш мислам дека сум успеала, но тоа ќе остане засекогаш кај него.
ОЈО – Дали имате уште нешто да додадете?
М.П – Да. Сега кај мене животот е поделен пред 16 и по 16 март. Секое сабајле стануваш, се соочуваш со реалноста, со празнината, со загубата, знаеш дека не можеш ништо да смениш. Се прашуваш зошто, зошто тој, зошто се случи тоа, зошто не можеше да се спаси… Агонијата е се поголема секој ден, ние преживуваме на еден начин, со болката се бориш но не можеш да се помириш. Еве сега во овој момент може да кажам дека завидувам на на една личност која е најодговорна за смртта на моето дете затоа што неговото дете е до него, моето веќе никогаш нема да биде.
По кратката пауза процесот ќе продолжи со исказ на следниот сведок.
Паралелно со главниот процес, тече и посебна постапка против полициски службеници за давање лажни уверувања и дозволување на работа на дискотеката без исполнети минимално-технички и безбедносни услови. Изминатата недела Обвинителството отвори постапка и против група вработени во УЈП осомничени за мито и злоупотреби поврзани со истиот случај.
Главниот процес го води судечки совет чиј претседател е судијката Диана Груевска Илиевска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Многу време го реанимиравме, не можев, умот…
Со изкази на сведоци, како дел од…
Најден мобилен телефон во ќелијата на газдата…
Во судницата во Идризово при Основниот кривичен…
Нацев: Со месеци сум цел на јавен…
Со воведни зборови на одбраната на Александар…
Брод со мигранти се преврте во Сенегал…
Најмалку 12 лица загинаа кога брод што…
ОЈО за Инфомакс: Нема да има потреба…
Нема да има никаква потреба од нова…