Муцунски од Софија: Правилата на процесот мора да бидат предвидливи
Проширувањето веќе не е само технички пристапен процес. Тоа е стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа. Безбедна и просперитетна Европа не може да биде целосна без целосна интеграција на Западен Балкан – порача шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во обраќањето на состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржа денска во Софија во рамките на бугарското претседавање со оваа најстара и најзначајна политичка иницијатива за регионална соработка во Југоисточна Европа.
Осврнувајќи се на актуелните геополитички и безбедносни предизвици, тој нагласи дека во услови на војна во Европа, хибридни закани, дезинформации, енергетска несигурност и киберризици, европската интеграција и регионалната соработка добиваат уште поголемо стратешко значење
Притоа тој нагласи дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од доследното почитување на преземените обврски, предвидливоста на процесот и принципот на заслуги.
– Мора да бидеме искрени: кредибилитетот на проширувањето зависи од испораката. Заслугите мора да имаат значење. Обврските мора да се почитуваат. Правилата на процесот мора да бидат предвидливи. На Западен Балкан му е потребен европски пат заснован на резултати, а не на постојано одложување – истакна Муцунски.
Состанокот во Софија е посветен на одбележувањето три децении од формирањето на ПСЈИЕ и се одржа под темата „Заеднички компас за стабилен, безбеден и одржлив регион – 30 години регионална сопственост и европска аспирација“. Во фокусот на дискусиите беа европската перспектива на регионот, унапредувањето на регионалната соработка, зајакнувањето на безбедноста и отпорноста, како и поттикнувањето на економскиот развој и конкурентноста во услови на сложени геополитички и безбедносни предизвици.
Во своето обраќање министерот Муцунски истакна дека ПСЈИЕ останува еден од најзначајните механизми за политички дијалог и соработка во регионот.
– ПСЈИЕ останува една од највредните автентични рамки за регионална соработка. Тоа е платформа создадена од регионот, водена од регионот и одржана од уверувањето дека заедничките предизвици бараат заеднички одговори – истакна Муцунски.

Осврнувајќи се на значењето на регионалната поврзаност и економската интеграција, министерот посочи дека Република Македонија останува посветена на развојот на транспортната, енергетската и дигиталната инфраструктура, како и на понатамошното зајакнување на регионалната поврзаност преку коридорите 8 и 10, кои имаат стратешко значење за регионот и за европската интеграција.
Во овој контекст тој ја нагласи важноста на инвестициите во човечкиот капитал како предуслов за долгорочен развој и конкурентност.
– Човечкиот капитал е нашиот најголем ресурс. Без инвестирање во луѓето, ниеден инфраструктурен проект и ниедна економска реформа не може да го достигнат својот целосен потенцијал – посочи Муцунски.
Тој ја нагласи и важната улога на Советот за регионална соработка во унапредувањето на економската интеграција, поврзаноста и одржливиот развој во регионот.
– Треба да ја препознаеме важната улога на ПСЈИЕ во овој процес, како и вредниот придонес на Советот за регионална соработка во унапредувањето на поврзаноста, економската интеграција, безбедносната соработка и одржливиот развој – истакна Муцунски.
На крајот од обраќањето, министерот порача дека иднината на Југоисточна Европа е неразделно поврзана со иднината на Европа и дека регионот има потенцијал да биде активен придонесувач кон европската безбедност и просперитет.
– Со поддршка од нашите европски партнери и преку нашата сопствена посветеност на реформи и соработка, Југоисточна Европа може да не биде периферија на Европа, туку интегрален придонесувач кон европската безбедност, просперитет и иден развој – порача Муцунски.

Високите претставници на земјите членки на ПСЈИЕ за време на состанокот ја потврдија важноста на регионалната соработка како клучен предуслов за стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа, при што посебен акцент беше ставен на продлабочувањето на економската интеграција, подобрувањето на транспортната, енергетската и дигиталната поврзаност, како и на унапредувањето на заедничкиот регионален пазар како чекор кон постепена интеграција во единствениот пазар на Европската Унија.
Во рамките на состанокот беше усвоена заедничка декларација со која се реафирмираа поддршката за европската интеграција на регионот, добрососедските односи, демократските вредности и заедничките напори за градење поотпорен, поконкурентен и поодржлив регион.
Процесот за соработка на Југоисточна Европа, основан 1996 година токму во Софија, останува автентична регионална платформа за политички дијалог и соработка, која во изминатите три децении даде значаен придонес во зајакнувањето на довербата, стабилноста, поврзаноста и европската перспектива на регионот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Жерновски до Муцунски: Изјава како да си…
Поранешниот заменик-министер за надворешни работи Андреј Жерновски…
СДСМ: После свадба тапани е реакцијата на…
После свадба тапани, се реакциите на кабинетот…
Муцунски ќе одлучува дали членовите на Антикорупциска…
Членовите на Државната комисија за спречување корупција…
(Фото) Левица прашува дали директорката на „Лазо…
ДАЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ООУ „ЛАЗО АНГЕЛОВСКИ“ ВРШИ…
Муцунски: Кадровски промени во ВМРО-ДПМНЕ се симбол…
Овие кадровски промени кои што вчера се…