Нов ултиматум на Трамп до светот: Поддржете го американскиот Гренланд или ќе следат високи царини
Американскиот претседател Доналд Трамп ја заостри својата реторика по прашањето за Гренланд, велејќи дека би можел да ги казни земјите со трговски царини ако не ги поддржат американските планови за преземање контрола врз островот.
Иако Трамп со месеци инсистира дека САД треба да го контролираат Гренланд, автономна територија во рамките на Кралството Данска, ова е прв пат републиканскиот претседател експлицитно да спомене употреба на царини како средство за принуда за постигнување на таа цел.
„Би можел да воведам царини на земјите ако не се согласат со прашањето за Гренланд, бидејќи ни е потребен Гренланд за националната безбедност“, рече Трамп во Белата куќа, без да даде конкретни детали за тоа кои земји би можеле да бидат засегнати или за износот на потенцијалните царини.
Трамп тврди дека на САД им е потребен Гренланд поради неговите богати минерални ресурси и ја критикуваше Данска дека не направила доволно за да ја обезбеди стратешки важната област, и покрај тоа што островот е покриен со безбедносниот чадор на НАТО.
Додека Трамп се заканува со економски мерки, двопартиска делегација од Конгресот на САД отпатува во Копенхаген за да покаже солидарност со Данска и народот на Гренланд. Делегацијата, која вклучува и демократи и републиканци, се обидува да ги убеди европските сојузници дека ставовите на претседателот не ја одразуваат волјата на американскиот народ.
„Покажуваме двопартиска солидарност со народот на оваа земја и со Гренланд. Тие се наши пријатели и сојузници со децении“, изјави демократскиот сенатор Дик Дарбин пред новинарите. „Изјавите дадени од претседателот не ги одразуваат чувствата на американскиот народ“.
Сенаторката Џин Шахин предупреди дека овој вид реторика го поткопува НАТО и им оди во прилог на главните противници, Русија и Кина.
Како одговор на притисокот, европските лидери застанаа на страната на Данска. Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен повтори дека американското преземање на Гренланд е „не доаѓа предвид“.
Во исто време, неколку европски земји, вклучувајќи ги Франција, Велика Британија, Германија и Шведска, објавија распоредување на помал број воени лица во Гренланд за вежби. Француската министерка за вооружени сили, Алис Руфо, изјави дека целта е да се испрати сигнал до сите, вклучително и до САД, дека европските земји се решени да го бранат својот суверенитет.
И покрај противењето на Конгресот и анкетите што покажуваат дека само 17 проценти од Американците го поддржуваат преземањето на Гренланд (резултати што Трамп ги нарече „лажни“), Белата куќа не се откажува. Џеф Ландри, специјалниот претставник на Трамп за Гренланд, за „Фокс њуз“ изјави дека верува оти ќе се постигне договор бидејќи „претседателот е сериозен и поставил јасни барања до Данска“.
За утре се најавени големи демонстрации низ Данска и Гренланд, каде што граѓаните ќе протестираат против територијалните амбиции на Трамп.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нов ултиматум на Трамп до светот: Поддржете…
Американскиот претседател Доналд Трамп ја заостри својата…
(Видео) Пак да ги гласате: Еве како…
Битпазарски урбанизам. На постоечка зграда, врз поткровјето,…
Словенија влегува во „студената војна“ за Гренланд,…
Според неофицијални информации блиски до словенечкото Министерство…
Маричиќ предложен за претседател на ДИК
Бојан Маричиќ е предложен да биде нов…
Мисајловски: Безбедноста во државата е на највисоко…
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, денеска, при…