Од 10.000 до 100.000 долари по лице: Трамп размислува да им плати на жителите на Гренланд за да се придружат кон САД?!
Американските официјални претставници разговараа за можноста за исплата на еднократни готовински плаќања на жителите на Гренланд за да ги охрабрат да се отцепат од Данска и на крајот да се приклучат кон Соединетите Држави, изјавија за „Ројтерс“ во понеделник четири извори запознаени со дискусиите.
Според два од изворите, разгледуваните износи се движеле од 10.000 до 100.000 долари по лице, иако точниот износ и логистиката на сите потенцијални плаќања сè уште не се дефинирани. Изворите велат дека дискусиите во рамките на администрацијата за тоа како да се преземе Гренланд се интензивирале во последните денови, а се разгледуваат и модели на посебни договори за слободно здружување, како што се оние меѓу Соединетите Држави и одредени земји од Пацификот.
Во овие случаи, САД обезбедуваат многу основни услуги за земјите потписнички, како што се достава на пошта и воена заштита, а за возврат, американската војска слободно дејствува во тие земји, додека трговијата со САД е во голема мера без царина.
Идејата за директно плаќање на жителите на Гренланд, автономна територија на Данска со околу 57.000 жители, е едно сценарио за тоа како САД би можеле да се обидат да го „купат“ островот, и покрај јасните ставови на властите во Копенхаген и Нуук дека Гренланд не е на продажба.
Предлогот е дел од поширок спектар на опции што се дискутираат во Белата куќа во врска со преземањето на Гренланд, вклучително и потенцијалното користење на американската војска, велат изворите.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, рече дека „доста е со фантазијата за анексија“, откако американскиот претседател Доналд Трамп повтори дека на Вашингтон му е потребен островот. Реакциите од Копенхаген и другите европски престолнини беа остри, особено имајќи предвид дека САД и Данска се сојузници во НАТО.
Во заедничка изјава од Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија, Обединетото Кралство и Данска се вели дека само Гренланд и Данска можат да одлучуваат за нивните меѓусебни односи. Иако анкетите покажуваат дека мнозинството жители на Гренланд ја поддржуваат независноста, економските последици од одвојувањето од Данска остануваат загрижувачки, додека анкетите исто така покажуваат дека мнозинството жители не сакаат Гренланд да стане дел од САД.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Од 10.000 до 100.000 долари по лице:…
Американските официјални претставници разговараа за можноста за…
Трамп: САД може да ја контролираат Венецуела…
Соединетите Американски Држави би можеле да управуваат…
Данските војници се должни да отворат оган…
Данските војници мора да отворат оган дури…
Четири сценарија: Kако ЕУ би можела да…
ЕУ разгледува можен одговор на заканите на…
Зеленски: Блиску сме до договор со Америка
Украинскиот претседател Володимир Зеленски штотуку изјави дека…