Осомничените за милионскиот криминал во Лотарија не се појавиле на работа 10 месеци! Украле 3,5 милиони евра, сега се на боледување?
ОЈО проверува дали воопшто има кривично дело, финансова полиција не може да заврши предистрага веќе речиси година дена, а МВР не одговара дали лицата осомничени за милионскиот криминал во Државна лотарија се достапни за органите на прогонот.
Како што објавивме претходно, повикувајќи се на податоци од официјален Ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија и извори на Инфомакс, за само една година во готовина од Државна лотарија на Македонија се изнесени најмалку 3,5 милиони евра.
Криминал од 3,5 МИЛИОНИ ЕВРА во Државна лотарија – Финансова полиција нема абер
Штета од минимум 3,5 милиони евра констатира Државниот завод за ревизија, само за 2024 година, во Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Македонија, во времето кога Перпарим Бајрами е директор на претпријатието, а раководител на сектор за финансии е Анета Настева. Според досегашните информации средствата биле секојдневно изнесувани како готовина од Државната лотарија на Македонија, а дел од лицата осомничени за проневерата неофицијално имаат златна виза во соседна Грција, како и значителен имот таму.
Дополнително, новинар со потекло од беровско, чија редакција згасна по доаѓањето на Доналд Трамп на претседателската позиција во Соединетите Американски Држави исто така добивал донации од истото претпријатие.
Целата приказна е како холивудско сценарио за крими-серија. Фиктивни уплати, фалсификувани документи и потписи, изнесување на средства во кеш и дупка од 3,5 милиони евра за една година го прават веројатно најголемиот криминал од независноста на Македонија до овој момент, а овој случај ќе треба да се изучува како пример во учебниците по казнено право во државава.
Државната лотарија на Македонија има 10 сопствени продажни места (тоа се обично штандовите кои ги гледате во скопските или другите молови, каде вможете да уплатите лото, да купите грепка и слично). Системот кој е воспоставен изминатите години за овие конкретни продажни места предвидува дека истите имаат дневен промет кој се носи во просториите на државна лотарија и истиот треба да биде уплатен во банка како дневен промет од конкретниот ден. Дневниот пазар во овој случај бил носен во просториите на Лотарија, меѓутоа не бил уплаќан на сметка, туку истиот во готовина бил изнесуван од просториите о страна на лицата инволвирани во овој случај, чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата на Инфомакс, меѓутоа конкретни имиња не можеме да објавиме за да не се наштети на евентуалната официјална истрага во надлежните органи. За да ја надополнат дупката која се јавува доколку не се уплати дневниот промер, лицата инволвирани во случајот, кои имале пристап до комплетната финансиска работа на Државна лотарија, сите сметки и податоци, префрлале од други сметки средства во различни износи на сметката каде се уплаќа дневниот промет. Средствата, според нашите информации се префрлани на неколку сметки, а целата шема воопшто немало можност да биде разоткриена пред Државен завод за ревизија да се вклучи во целата приказна, пораид тоа што никој освен лицата инволвирани во криминалот немале пристап до овие податоци во претпријатието.
Покрај продажните места кои се на Државна лотарија, претпријатието има и деловни соработници кои работат во име и за сметка на Државна лотарија. Тоа се практично оние трафики, тобака и слично каде исто така можете да купите грепки и да уплатите лото, меѓутоа се посебни субјекти кои вршат и други дејност, вклучително и вршење на работите во име и за сметка на Државна лотарија.
Според информациите на Инфомакс, најмалку еден таков деловен соработник потврдил шема за изнесување на пари од претпријатието, но и шема за плаќање на медиуми за конкретни објави во врска со Државна лотарија, кои свесно или несвесно би ја однеле истрагата во погрешен правец. Деловните соработници треба, согласно Закон за приредување на игри на среќа, да добиваат од Државна лотарија средства во готовина за исплата на помалите добивки од игрите на среќа. Поголеми добивки се подигнуваат само лично од Државна лотарија на Македонија. Овде се констатирани пропусти со неиздавање на таканареченото „каса-прими“ од лицата инволвирани во криминалот, а истрагата ќе утврди дали биле фалсификувани документи и потписи за да се покријат и дупките во Буџетот на Лотарија од овие активности.
ОЈО сѐ уште проверува дали воопшто има криминал
Утрово од Основното јавно обвинителство Скопје добивме одговор дека во предистрагата, која се уште трае, се преземаат дејствија за да се утврди дали воопшто има елементи на кривично дело. Експлицитен одговор дали лицата се достапни за органите на прогонот нема, но од ОЈО наведуваат дека не е утврден проблем да се обезбедат докази.
– „Во предистрагите се преземаат дејствија на проверки за најпрво за да се утврдат елементи на кривично дело. До сега не е утврден некој проблем за да се обезбедат докази.“ – стои во одговорот од ОЈО.
На прашањето дали досега некој од осомничените е повикан на разговор, од ОЈО истакнаа дека дејствијата кои се преземаат во предистрага не смеат да се споделуваат со јавноста.
Грчка златна виза – евтин спас од македонскиот затвор?
Ова не е прв случај каде лице поврзано со криминал во Државна лотарија на Македонија може да не е достапно за органите на прогонот во Македонија. Се сеќавате дека претходно, токму поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, избега од Македонија откако беше обвинет за тешки финансиски злоупотреби. По него беше распишана меѓународна потерница, но истиот до овој момент не е спроведен во Македонија.
Каде е Бајрами не се знае, но во конкретниот случај, како што објавивме и претходно, има сериозни сомнежи дека лицата кои украле 3,5 милиони евра од Државна лотарија за само една година и парите ги изнесувале во секојдневно во кеш, можеби имаат златна виза во Грција.
Грчката златна виза во случајов би била одлична и исплатлива инвестиција, имајќи предвид дека за претпоставените кривични дела осомничените, доколку се докаже вина, би завршиле во затвор повеќе години. За 250.000 до 800.000 евра би избегнале години затвор во Македонија и би биле милионери со украдените пари.
Грчката Golden Visa е дозвола за престој од 5 години, која може да се обновува неограничено додека инвестицијата се задржува. Не е потребно да живееш во Грција за да ја обновуваш визата.
Прв услов за добивање на златна виза се парите. Од 2025 година важат три прагови:
250.000 € само за: пренамена на деловен простор во станбен, или реставрација на заштитени историски објекти.
400.000 € за недвижности во поголем дел од Грција.
800.000 € за најатрактивните области: Атина (одредени општини), Солун, Миконос, Санторини, како и други области со висока побарувачка.
Покрај парите, потребно е да сте државјанин на земја надвор од ЕУ, инвестицијата да биде законски стекната и средствата да имаат доказ за потекло, да немате кривична евиденција, да имате здравствено осигурување, да ја задржите инвестицијата за време на важноста на визата.
Самата златна виза не значи и државјанство во Грција, но нуди многу поволности, бидејќи во истата може да се вклучат и сопружник, деца и семејство. Златната грчка виза ви овозможува да добиете 5-годишен престој во Грција со минимална инвестиција во имот од 250.000 евра. Времето за обработка на Златната грчка виза во 2026 година е приближно 6-9 месеци. Во вашата апликација за Златна виза за Грција, можете да ги вклучите членовите на вашето семејство, како што се вашиот сопружник, деца и родители. Нема минимален услов за престој. Откако ќе инвестирате, имотите за Златна грчка виза можат да понудат потенцијална заработка. Можете да ги изнајмите за време на вашиот период на престој (потенцијалниот принос од изнајмување е околу 3%). Можете дури и да ги продадете ако не сакате да ја обновите вашата Златна виза. Може да имате право да аплицирате за грчко државјанство преку натурализација ако сте живееле таму најмалку 7 години.
2024 година за грчката златна виза била рекордна по бројот на апликации. Имало околу 9.289 апликации од главни инвеститори (официјални податоци на Министерството за миграција) околу 10% повеќе отколку во 2023 година. Во 2025 година имало 6.978 нови барања. Вкупно имало 27.786 важечки златни визи. Од нив 7.054 се обновувања,а 20.732 главни инвеститори.
Топ 10 националности кои аплицираат за грчката златна виза
Најмногу апликации во 2025 година има од Кина, Турција, Либан, Обединето кралство, Иран, САД, Египет, Израел, Русија, Ерменија.

За 2026 година, статистиката е слична, само што во топ 10 баратели се јавуваат и српските државјани.

За барателите кои не се во топ 10 нема статистика од кои држави се, а на нашите прашања не одговараат ниту од грчкото Министерство за миграција и азил, од каде побаравме информации за 2023, 2024 и 2025 година, дали и колку македонски државјани аплицирале за грчката златна виза и колку од нив ја добиле истата.
Грчката Golden Visa останува една од најатрактивните програми за престој во Европа, но од 2025 правилата се значително построги. За повеќето купувачи денес минималната инвестиција е 400.000 € или 800.000 €, додека опцијата од 250.000 € останува достапна само за специфични типови имот (пренамена на деловен простор во станбен или реставрација на историски објекти).
Со 3,5 милиони евра, овие 800.000 се „мала шала“ која спасува од затвор.
Истрага од година дена во Финансиска полиција
Сите потребни материјали од страна на Државна лотарија на Македонија одамна се предадени во Управата за финансиска полиција, а поред информациите на Инфомакс, истите се известени за состојбата уште во август минатата 2025 година. Иако помина безмалку година дена, Управата за финансиска полиција се уште не може да поднесе кривична пријава за веројатно најголемиот криминал од независноста на Македонија до денес.
Од Управата за финансиска полиција претходно ни одговорија:
Управата за финансиска полиција веднаш по добивањето на првични информации за постоење на сомнение за кривично дело има преземено мерки и активности за обезбедување и прибирање на докази, согласно одредбите од Законот за кривична постапка.
За предметот е известен надлежниот јавен обвинител, а сите дејствија се преземаат во континуирана координација и по негови насоки, со цел целосно утврдување на фактичката состојба и сите околности релевантни за предметот.
Во рамки на предистражната постапка се спроведуваат сложени финансиски и сметководствени проверки, кои опфаќаат анализа на обемна финансиска, сметководствена и друга документација, прибирање податоци и известувања од физички и правни лица, како и разговори со поголем број лица инволвирани во постапката.
Во тек се интензивни финансиски истраги и проверки кои опфаќаат следење и анализа на финансиските текови, утврдување на движењето на средствата, како и активности за лоцирање и идентификување на имот и евентуално стекната противправна имотна корист поврзана со предметот, вклучително и проверки на финансиски трансакции и имот во странство.
Поради фазата во која се наоѓа постапката и согласно законските ограничувања поврзани со заштитата на предистражната постапка, во овој момент не сме во можност да споделиме дополнителни информации.“ – велат од Управа за финансиска полиција.
Осомничено лице не оди на работа!
Информациите кои Инфомакс ги доби дека осомничените не се појавуваат на работа ги потврдија и од Државна лотарија на Македонија во одговор на наше новинарско прашање.
Од Лотарија потврдуваат дека едното лице поврзано со случајот е на континуирано боледување од септември 2025 година до денес, а работодавачот побарал од Фондот за здравствено осигурување и Државниот санитарен и здравствен инспекторат да ја испитаат законитоста на боледувањето.
Во продолжение целосниот одговор од Државна лотарија.
– Едното лице кое се поврзува со неправилностите истакнати во извештајот на Државниот завод за ревизија, веднаш по разрешување од функцијата беше прераспределено од работните простории на 18. кат во друг организациски дел на компанијата, на вториот кат, на работно место кое не е поврзано со финансиското работење. Веднаш по прераспределбата, лицето отвори боледување кое, врз основа на одлуки на лекарски комисии, континуирано го продолжува до денес. Поточно, лицето се наоѓа на боледување од септември 2025 година.
И второто лице е отстрането од Секторот за финансии и прераспределено на друго работно место. Истото редовно доаѓа на работа, но не извршува работни задачи поврзани со финансии, сметководство или управување со финансиски средства.
Согласно важечките законски прописи, сѐ додека Државна лотарија не добие официјален акт, решение или друг поднесок од надлежните истражни органи, не постои законска основа за нивно суспендирање од работниот процес, особено во случај кога едно од лицата се наоѓа на продолжено боледување.
Воедно, останува да се утврди дали лицето во текот на целиот период на боледување престојува во државата. Доколку се утврди спротивното, тоа би отворило прашања во однос на законитоста на користењето на боледувањето.
Токму поради тоа, Државна лотарија се обрати до Фондот за здравствено осигурување и до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со барање да ја испитаат законитоста на издадените и продолжуваните боледувања, одговорија од Лотарија.
Дали лицата се во Македонија, останува нејасно. Нејасно е и дали и овојпат криминалот ќе биде побрз од институциите, а криминалците ќе имаат „златните привилегии“ на плажа, платени со наши пари…
Продолжува…
А. Митовски
А. Петровска
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Осомничените за милионскиот криминал во Лотарија не…
ОЈО проверува дали воопшто има кривично дело,…
Вонредна состојба на два грчки острови поради…
Грчките власти прогласија вонредна состојба на островите…
Уште еден силен земјотрес во Грција
Земјотрес со јачина од 5,1 степени според…
Разбиена криминална организација во Грција што крадела…
Tри лица се уапсени, а уште 105…
ОЈО: Сите осомничени во предметот за ФФМ…
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран…