Папата Франциск го видел ѓаволот, неговиот дневник открива визија за пеколот
Приватните дневници на покојниот папа Франциск, кои содржат негови лични духовни размислувања и сведоштва за внатрешните борби, се објавени во книга што открива досега непознати детали од неговиот духовен живот. Меѓу највпечатливите записи се оние во кои Франциск опишува моменти кога верувал дека го видел ѓаволот, како и визија на влезот во пеколот, која, според неговите зборови, го преплашила.
Книгата „Приватниот дневник на папата Франциск“ содржи записи од неговата тетратка, која ја водел од декември 1992 година, кога бил помошен бискуп во Буенос Аирес, па сè до август 2024 година, неколку месеци пред неговата смрт во април 2025 година.
Дневниците ги собрал и ги приредил кардиналот Виктор Мануел Фернандез, близок соработник на Франциск и префект на Дикастериумот за доктрината на верата. Книгата има 160 страници, а записите се дополнети со негови коментари и контекстуални објаснувања.
Во запис од јануари 2021 година, Франциск опишува три моменти од својот живот во кои сметал дека го видел ѓаволот. Едно од тие искуства, според неговиот запис, се случило додека веќе бил папа, за време на состанок со ватикански функционери.
„Не можам да го заборавам неговиот силен, рапав глас. Господ ми даде можност да го напуштам тој состанок и така ме ослободи“, запишал Франциск.
Особено впечатлив е записот од јуни 2018 година, во кој папата опишува визија на влезот во пеколот.
„Синоќа го видов влезот во пеколот. Ѕирнав малку внатре и тоа ме преплаши. Ја зграпчив бројаницата како оружје. Му благодарам на Господ за оваа помош“, напишал тој.
Дневниците откриваат и дека Франциск минувал низ сериозна двегодишна духовна криза, која започнала во 2021 година. Во тој период се соочувал со духовна исцрпеност, внатрешни искушенија и тешкотии поврзани со управувањето со Католичката црква.
Во запис од декември 2022 година, тој пишува дека внатрешните превирања биле испреплетени со притисокот од донесувањето одлуки, прашањата на црковното управување и духовната пустош.
Кардиналот Фернандез оценува дека тоа било едно од најтешките духовни искушенија во животот на Франциск. Според неговото толкување, папата постојано се борел да не подлегне на демонското искушение и да не ја користи својата власт за манипулирање со другите луѓе.
Во дневниците се открива и разговор од 2023 година, кога еден бискуп го прашал Франциск зошто не казни ватикански функционер кој јавно зборувал негативно за него. Папата одговорил дека не сака да стане човек кој ги користи другите како марионети за сопствена корист.
Во книгата се осврнува и на посетата на Франциск на Чиле во 2018 година, кога се соочи со сериозни критики поради неговите првични реакции на обвинувањата за сексуална злоупотреба и прикривање во тамошната Католичка црква.
Подоцна Франциск се извини и призна дека не ја разбрал сериозноста на случајот.
„Бев скршен поради ситуацијата во Чиле. Ми беше тешко да признаам што се случило. Не мислев дека е толку сериозно“, запишал тој.
Дневниците содржат и негови позитивни оценки за кардиналот Роберт Превост, кој по неговата смрт беше избран за папа Лав XIV. Франциск го опишал како „голем пастир, великодушен мисионер и човек со беспрекорен карактер“.
Објавувањето на дневниците е особено значајно бидејќи станува збор за ретко јавно објавување на лични записи на еден папа. Според Ројтерс, последен познат сличен случај бил објавувањето на дневниците на папата Јован XXIII по неговата смрт, во 1960-тите години.
Кардиналот Фернандез во разговор за Ватикан њуз објаснува дека целта на книгата не е само да открие интимни детали од животот на Франциск, туку да ја покаже неговата духовност и внатрешниот свет, вклучително и искушенијата и стравовите за кои тој ретко зборувал јавно.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Папата Франциск го видел ѓаволот, неговиот дневник…
Приватните дневници на покојниот папа Франциск, кои…
Трамп подготвува нови царини за Кина, ЕУ,…
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува…
Медведев: Украина и Западот веќе создадоа услови…
Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Советот за безбедност…
„Енвидија“ го врати Хуанг на работа по…
Џенсен Хуанг се врати на чело на…
Брисел ѝ се заканува на Бугарија со…
Европската комисија предупреди дека Бугарија би можела…