Петровски со реакција до Ахмети по Брвеница: Во суверена држава нема господари и раја

t

Филип Петровски реагираше на настапот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по локалните избори во Брвеница. Во својата објава Петровски му припишува на Ахмети дека ја употребил формулацијата „господари на оваа земја“ и оценува дека таквиот речник е спротивен на принципот на еднаквост меѓу граѓаните.

„Во современа суверена држава нема господари и нема раја. Има Устав, има закони и има граѓани“, напиша Петровски. Тој оцени дека постизборниот настап на Ахмети претставува закана за уставниот поредок и дека реториката за „господари“ внесува поделби во дебатата за соживотот.

Петровски го оспорува и тврдењето за автохтоноста во Полог

Во објавата, Петровски се осврна и на формулацијата „автохтони староседелци“, која исто така му ја припишува на Ахмети. Според него, за историјата на населението во Полог треба да се суди врз основа на архивски документи, научни трудови и материјално наследство. Во прилог на своето гледиште тој се повика на средновековните цркви, манастири и некрополи во регионот, како и на трудовите на Јован Трифуноски и Афанасиј Селишчев за демографските промени во Полог.

Петровски се осврна и на делот од говорот во кој, според неговата објава, Ахмети се спротивставил на тоа кадри на ДУИ да бидат нарекувани криминалци. Петровски го протолкува тој дел како обид за политичка заштита на партиските кадри и порача дека институциите треба да постапуваат според закон, без оглед на партиската припадност.

„Македонија не е лична сопственост ниту на Мицкоски, ниту на Црвенковски, а најмалку на Али Ахмети“, напиша Петровски, повикувајќи се на илинденските и асномските темели на државата и на еднаквоста на граѓаните пред законот.

-Кога политичар во 21 век за себе и за својата етничка заедница употребува збор како „господар“, тој не зборува за демократија, соживот или европски вредности. Тој зборува со речникот на феудализмот, на племенската надмоќ и на голата уцена со сила.

Изјавата на Али Ахмети по локалните избори во Брвеница – дека тие се „автохтони староседелци“ и „господари на оваа земја“, а сите други мора без дилема да го поддржат тој став – не е обична постизборна еуфорија.

Тоа е директно негирање на македонскиот државотворен народ и отворена закана кон уставниот поредок на Република Македонија.

Треба еднаш засекогаш, прецизно и без комплекс на пониска вредност, да се расчистат две клучни лаги што со децении ни се сервираат како политичка догма.

Прво, прашањето за автохтоноста во Полог и во западна Македонија не е прашање на партиски митинзи, туку на историска наука, османлиски дефтери, дипломатика и материјална култура. Само во атарот на таа иста Брвеница и низ целиот Полошки Регион, секоја педа земја зборува низ темелите на средновековните македонски цркви, манастири и некрополи од 13 и 14 век – векови пред демографските поместувања и колонизацијата поттикната од Османлиската Империја во доцниот 18 и 19 век.

Словенечкиот антропогеограф Вурник, како и трудовите на Јован Трифуноски и Афанасиј Селишчев, до последното семејство и род го имаат документирано процесот на насилно иселување на староседелското македонско население од Полог и населувањето на планинските родови од северна и средна Албанија. Прогласувањето на историски документирани доселеници за единствени „автохтони староседелци“, додека народот чии предци ги граделе темелите на тие села се третира како кираџија во сопствената држава, е груб историски фалсификат.

Второ, реториката за „господари“ го разоткрива вистинското лице на концептот што ни се продава од 2001 година наваму. Кога бараа права, зборуваа за рамноправност. Кога ги добија сите привилегии надвор од секој европски стандард, почнаа да зборуваат за сопственост врз државата и за господарство. Но, во современа суверена држава нема господари и нема раја. Има Устав, има закони и има граѓани. Македонија не е воен плен од 2001 година, ниту нечиј беговски чифлик за Ахмети да одредува кој кому треба да му се покорува.

Токму тука лежи и суштината на неговата нервоза. Ахмети не брани никакви права на Албанците во Брвеница – тие ги имаат сите права како и секој друг граѓанин. Тој ја брани неказнивоста на својата каста. Затоа во истиот говор порачува дека политичарите не смееле да ги нарекуваат нивните кадри криминалци. За него, „соживот“ значи македонските институции да молчат, да плаќаат данок и да не ги чепкаат нивните криминални шеми под закана од дестабилизација.
Доста беше владеење преку страв и закани со шумата.

Македонија не е лична сопственост ниту на Мицкоски, ниту на Црвенковски, а најмалку на Али Ахмети. Македонија е национална држава на македонскиот народ, изградена врз илинденските и асномските темели, во која секој лојален граѓанин има еднакви права, но никој, апсолутно никој, нема право да глуми господар во туѓа куќа. Времето на уцени со сила заврши оној момент кога маската на „човековите права“ падна и под неа се покажа голата желба за доминација.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Петровски со реакција до Ахмети по Брвеница:…

Филип Петровски реагираше на настапот на лидерот…

МВР дел од меѓународна операција за разбивање…

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен…

Τрамп за Иран по изборите: „Не сакам…

Американскиот претседател Доналд Трамп ја остави отворена…

Лажни дојави за бомби на седум лета…

Седум патнички лета во Европа беа цел…

Поранешен офицер на ЦИА тврди дека Трамп…

Поранешниот офицер на ЦИА Џон Киријаку тврди…