Објавено на:

Познатите говеда од Кривопаланечко одат на лицитација, 21 грло угинало по заловувањето

t

Државата ќе продава 71 говедо од познатиот кривопаланечки случај, стадо кое со години предизвикуваше реакции кај жителите, институционални препукувања и прашања за тоа како толкав број животни можеле да се движат без контрола низ Крива Паланка и околните села.

Случајот добива посериозна димензија со одговорот што Агенцијата за храна и ветеринарство го достави до Фактор. АХВ потврдува дека од 22 ноември 2025 година досега биле одземени и заловени вкупно 92 говеда, а 21 од нив угинале.

Целосниот одговор на АХВ гласи:

„Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од 22.11.2025 година, досега одзема и залови вкупно 92 говеда од различен пол, старост и категорија. Од нив, 57 се идентификувани со ушни маркички, а 35 се без идентификациска ознака. Од вкупниот број одземени и заловени говеда, досега 21 говедо е угинато, од различна етиологија, најголемиот дел поради насилна смрт (самоповредување). Станува збор за животни кои досега не биле шталски чувани, односно живееле и се размножувале слободно, во природа. По нивното заловување и чување во затворен простор (штала), дел од говедата, меѓусебно се повредуваат, изразувајќи агресивност, особено возрасните машки единки кон помалите.“
Одговорот отвора прашања за условите во кои биле чувани животните, капацитетот на шталата, раздвојувањето по возраст и пол, надзорот врз агресивните единки и навременото информирање на јавноста за угинувањето на толкав број грла.

Според владината одлука донесена на 21 април, станува збор за живи животни од видот говеда, сопственост на Република Северна Македонија, чиј корисник е Агенцијата за храна и ветеринарство. Вкупната почетна вредност на сите 71 грло изнесува околу 51,5 илјади евра, односно 3.166.450 денари. Во одлуката е наведено дека продажбата ќе се изврши „поединечно“, по пат на електронско јавно наддавање, преку системот со кој управува Министерството за финансии, односно Управата за имотно-правни работи.

Во самата одлука се наведува:

„Да се изврши продажба на движни ствари живи животни од видот говеда, сопственост на Република Северна Македонија, чиј корисник е Агенцијата за храна и ветеринарство“.
Останува да се види дали купувачите ќе може да наддаваат за едно, повеќе или за сите говеда, бидејќи од одлуката произлегува дека продажбата е поединечна, а конкретните детали треба да бидат познати преку огласот и постапката што ќе ја спроведе надлежната комисија.

Од Министерството за финансии, на прашањата за огласувањето, датумот на лицитацијата и начинот на продажба, за Фактор одговорија дека Управата за имотно-правни работи управува со системот за електронско наддавање, а конкретната продажба е во надлежност на комисијата што ја спроведува постапката.

„Ве информираме дека Управата за имотно правни работи – Министерство за финансии, согласно Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и стварите во општинска сопственост, управува и оперира со системот за електронското наддавање, меѓутоа податоци за конкретната продажба, која се однесува на огласување на продажбата, датумот на одржување на лицитацијата и начинот на продажбата, се во надлежност на Комисијата од надлежниот орган, која е задолжена да ја спроведе постапката за продажба“.
Најголем дел од говедата што одат на продажба се заведени како мешавина од различни раси. Такви се 55 грла, со вкупна почетна вредност од околу 35,6 илјади евра, односно 2.186.650 денари. Во списокот има и 9 говеда од расата холштајнизирано фризиска, проценети на околу 9,1 илјади евра, односно 562.200 денари, како и 7 сименталски говеда, со вкупна почетна вредност од околу 6,8 илјади евра, односно 417.600 денари.

Од 71 говедо, 48 се женски, а 23 машки. Вкупната почетна вредност на машките грла изнесува околу 24,2 илјади евра, односно 1.490.100 денари, а на женските околу 27,3 илјади евра, односно 1.676.350 денари. Најскапо проценето е машко говедо, мешавина од различни раси, старо 3,5 години, со почетна цена од 110.000 денари, а најниската почетна цена е 12.000 денари, кај млади грла на возраст од 1,5 до 2 месеци.

Станува збор за случај што со години ја бранува Крива Паланка. Претходно во медиумите се пишуваше за стотици подивени крави кои се движеле низ регионот, правеле штети на ниви и дворови, предизвикувале страв кај жителите и отворале спор меѓу институциите за тоа кој треба да постапи. Жители од повеќе кривопаланечки села протестираа барајќи решение, а случајот доби и кривично-правна димензија по објавите дека службени лица на АХВ биле спречувани при заловување на дел од животните.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Познатите говеда од Кривопаланечко одат на лицитација,…

Државата ќе продава 71 говедо од познатиот…

Мицкоски: Швајцарија е еден од нашите најзначајни…

Швајцарија е еден од најзначајните партнери на…

НАФТАТА РУШИ РЕКОРДИ: Брент над 119 долари,…

Цените на нафтата забележаа нов силен дневен…

Орбан: Унгарија влегува во период на либерална…

Шеснаесетгодишната ера на национална управа во Унгарија…

Москва го обвинува Зеленски дека провоцира нуклеарна…

Руското Министерство за надворешни работи денеска го…