Пополека ја губиме војната, има уште неколку месеци за пресврт, смета разрешениот министер за одбрана на Украина
Украина се чини дека полека ја губи војната против Русија, вели разрешениот министер за одбрана Михајло Федоров, предупредувајќи дека Киев има рок од неколку месеци да донесе клучни одлуки неопходни за пресврт во своја корист, пренесува Ројтерс.
Федоров, млад реформатор чие разрешување минатиот месец предизвика недели протести, рече дека на Украина ѝ недостига целокупна визија за тоа како да ја добие војната и дека нејзиниот напредок е попречен од неуспехот да иновира.
„Вкоренетата корупција и мрежите на покровителство, како и недостигот од политичка независност во државните институции, исто така ја кочат земјата“, рече тој во интервјуто со Ројтерс.
„Мислам дека сега сме на пресвртна точка која ќе ја одреди нашата идна насока, но изгледа дека постепено, полека губиме“, рече Федоров, во изјава што значително отстапува од официјалната реторика на Киев.
Украина сè уште има „секоја шанса“ да победи, но итно ѝ е потребен план за завршување на војната, додаде тој.
Кабинетот на украинскиот претседател, како одговор на коментарите на Федоров, соопшти дека тој бил позитивен во врска со водењето на војната додека бил во Министерството и дека единственото нешто што се променило е неговиот личен статус.
„Недостигот од опрема ја попречува Украина“
Русија месечно ги напаѓа украинските фабрики и магацини со десетици балистички ракети, кои Украина главно не може да ги соборува бидејќи ѝ се намалуваат залихите од пресретнувачи. Иако Русија освојува помалку територија отколку минатата година, таа и понатаму полека напредува во Донбас, додека ретко распоредени украински пешадиски позиции на фронтот главно ги држат немотивирани регрути, тврди тој.
Украина, пак, ги засили своите напади со дронови и ракети длабоко во Русија, при што погоди некои клучни воени фабрики, предизвика сериозна штета на рафинериите за нафта и создаде недостиг од гориво низ целата земја.
Анкета спроведена кон крајот на јули покажа дека 82 отсто од Украинците веруваат дека Украина ќе победи, иако повеќето очекуваат борбите да продолжат во 2027 година или подоцна.
Федоров (35) беше разрешен шест месеци по неговото назначување, откако започна реформи во набавките и мобилизацијата, што го доведоа во судир со воениот естаблишмент и политичките ривали.
Минатата недела тој ја потресе украинската политика станувајќи првата значајна политичка фигура која побара одржување избори за време на војната, осудувајќи ја „системската“ криза во управувањето.
Во интервјуто, тој ја нагласува важноста од развојот на автономни дронови управувани со вештачка интелигенција, евтини ракети-пресретнувачи за запирање на руските воздушни напади и сл.
Федоров ја критикуваше неискористениот потенцијал и неефикасноста на украинската држава, за која рече дека функционира со „5 отсто ефикасност“.
Повик за избори
Повикот на Федоров за одржување избори беше дочекан со незадоволство од многу Украинци, а анкетите постојано покажуваат мала поддршка за одржување избори за време на војната.
Зеленски го осуди повикот на Федоров за избори, тврдејќи дека тоа би можело да ја уништи Украина додека се бори против Русија.
Украина, откако Русија ја започна инвазијата во февруари 2022 година, е под воена состојба, која ги забранува изборите од безбедносни причини.
Претседателот рече дека Федоров можеби бил поттикнат од надворешни сили да повика на избори. Федоров категорично го негираше тоа.