Почина поранешниот американски сенатор Рокфелер, наследник на познатата династија и борец за здравствена заштита на сиромашните
Џон Д. „Џеј“ Рокфелер Четврти, наследник на една од најпознатите и најбогати американски семејни династии, кој речиси три децении во американскиот Сенат се залагаше за проширување на здравствената заштита за сиромашните и остро ја критикуваше политиката на претседателот Џорџ В. Буш во врска со војната во Ирак, почина во петокот, на 89-годишна возраст, во својот дом во Вашингтон. Веста ја соопшти неговата сопруга Шерон Перси Рокфелер.
Таа најави дека се подготвува комеморативна служба во Националната катедрала во Вашингтон.
Рокфелер беше висок, тивок демократ со либерални политички ставови. Во 1984 година беше избран за прв од петте шестгодишни мандати во Сенатот, каде што ја претставуваше Западна Вирџинија. Претходно два мандати беше гувернер на оваа сиромашна рударска сојузна држава.
Во 2002 година гласаше за резолуцијата со која беше одобрена војната во Ирак, започната со американската инвазија во 2003 година. Подоцна се покаја за својата одлука. Како претседател на сенатската Комисија за разузнавање, го обвини Буш дека ја одвел земјата во војна врз основа на „лажни претпоставки“.
Рокфелер бил правнук на нафтениот магнат Џон Д. Рокфелер и член на семејство кое оставило силен белег и во американската политика. Негов вујко бил Нелсон Рокфелер, гувернер на Њујорк.
Роден во Њујорк, Џеј Рокфелер го променил животниот пат по дипломирањето на Харвард, кога од 1964 до 1966 година учествувал во национална волонтерска програма во сиромашните рурални делови на Западна Вирџинија.
Во јавната служба се залагал за подобар пристап до здравствена заштита, борба против сиромаштијата, здравствени бенефиции за рударите и помош за воените ветерани. Како сенатор имал значајна улога во обликувањето на програмата од 1997 година, преку која американската влада им помага на сојузните држави да обезбедат здравствено осигурување за милиони неосигурени деца.
Ја поддржал и неуспешната иницијатива на претседателот Бил Клинтон за речиси универзално здравствено осигурување во 1990-тите, а подоцна и реформата на здравствениот систем на претседателот Барак Обама, потпишана во 2010 година.
За време на дебатата за реформата на Обама, Рокфелер безуспешно се залагал за воведување државна програма за здравствено осигурување достапна за целото население, како алтернатива на приватните осигурителни планови, кои можеле да бидат скапи и недостапни за дел од граѓаните.
„Залагањето за оние на кои им е најпотребна помош беше мојата животна определба и никогаш нема да престанам да се борам за да направам разлика за луѓето кои ми значат“, изјави Рокфелер во 2013 година, кога на 75-годишна возраст објави дека нема да се кандидира за шести сенаторски мандат.
Во пресрет на инвазијата врз Ирак, администрацијата на Буш ја оправдуваше војната со разузнавачки информации според кои Ирак поседувал арсенал оружје за масовно уништување, кое подоцна не беше пронајдено, како и со наводни врски меѓу ирачкото раководство и мрежата на Ал Каеда, одговорна за нападите од 11 септември 2001 година во САД.
„Да знаев тогаш тоа што го знам сега, ќе гласав против“, изјави Рокфелер во 2004 година за весникот „Чарлстон газет“, осврнувајќи се на резолуцијата за одобрување на војната од 2002 година.
„Мислам дека разузнавачките информации беа обликувани. И мислам дека беше обликувано и нивното толкување. Имавте претседател за кого сега знаеме дека беше решен да започне војна“, додаде тој.