Пример за многу други: Хориха во првиот настап ја пееше македонската химна
Македонската ракометна репрезентација вчера забележа победа против Луксембург на стартот од квалификациите за Европското првенство, а во фокусот на овој дуел беше и Украинецот, Дмитро Хориха кој за првпат го облече македонскиот дрес.
На македонската јавност Хориха ѝ се претстави со одличните настапи во дресот на Вардар, а сега го носи дресот на ПИК Сегед, но веќе покажа дека играњето за Македонија и тоа како му значи.
„Пред сè, сакам да им се заблагодарам на сите што веруваа во мене и ме поддржуваа во текот на целиот овој период. Уште од моите први денови тука, Македонија направи да се чувствувам како дома. И во поразите и во победите, во секој момент од ова патување ја чувствував поддршката од луѓето од сите краишта на земјата. За тоа, сакам од срце да му се заблагодарам на секој од вас!
Тука доживеав цел спектар на емоции – подеми и падови, тешки моменти и незаборавни победи. Токму тука вистински ја разбрав вредноста на тоа да имаш луѓе што веруваат во тебе, дури и кога работите не се одвиваат според планот.
Во животот на секој спортист доаѓа момент кога е време да направи чекор напред, да прифати нов предизвик и да преземе уште поголема одговорност. За мене, тој момент дојде денес. Ти благодарам, Македонијо, за довербата, за љубовта и за тоа што стана многу повеќе од само една земја за мене“, гласеше неговото прво обраќање по добиениот пасош.
Дека не остана само на празни зборови Хориха покажа и со реакцијата кога за првпат застана во црвениот дрес и ја запеа нашата химна, нешто што не е случај со репрезентативци кои израснале во нашата држава и живееле тука многу повеќе. Токму затоа, треба да му се симне капа, а веруваме и дека со таква посветност и квалитетот кој несомнемно го поседува ќе биде големо засилување и сериозна поддршка за капитенот Филип Кузмановски на неговата позиција.