Просветна инспекција влегува на Универзитетот за туризам за да го провери студентското досие на директорот на АНБ
На барање на Антикорупциска, просветниот инспекторат влегува на Универзитетот за туризам и менаџмент за да го провери студентското досие на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, објави „Телма“.
Станува збор за високообразовната установа којашто на Христовски му има издадено документи за завршени додипломски студии по економија, кои се услов за владата да го именува за директор на Агенцијата за национална безбедност. Антикорупционерите за „Телма“ изјавиле дека претставката за именувањето на Христовски била трипати дополнувана од анонимен подносител.
„Минатата недела Антикорупциската комисија испратила барање до просветниот инспекторат со кое се бараат информации за факултетската диплома на Христовски од Универзитетот за туризам и менаџмент. Инспекторатот има 15 дена да одговори“, се вели во текстот на „Телма“.
На јавна седница по завршување на постапката, ДКСК ќе обзнани до какви сознанија дошле по предметот и ќе ја донесат одлуката за истиот. Со претставките до нив, се оспоруваше образованието на Христовски, сертификатот по англиски јазик и искуството.
Минатата недела на пратенички прашања пратеникот Димитар Апасиев од Левица изнесе наводи за наводни суштествени повреди во дипломата на Христовски, но тие не се официјално потврдени од институциите на системот надлежни за контрола на високото образование. Премиерот Христијан Мицкоски од говорница му одговори на Апасиев дека Христовски студирал по принципот три плус една година, се стекнал со 240 кредити, но немаше одговори за прашањата на Апасиев околу суштествените повреди во дипломата која ја покажа, а која не кореспондирала со правилникот за тоа како треба да изгледа една диплома.
Христовски е именуван за директор на АНБ на 16 октомври на владина седница.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Лажниот ковид-сертификат во дојранското казино чинел 10…
Само 10 евра биле наплаќани ковид-сертификатите со…