Родителите од Кочани бараат враќање на обвинителката Трајчева – Советот се прогласи за ненадлежен

t

Дел од родителите и семејствата на жртвите од трагедијата во кочанската дискотека со поднесок до Советот на јавни обвинители изразиле сериозна загриженост да не биде продолжен мандатот на јавната обвинителка Ивана Трајчева која го водеше предметот за обвинетите полицајци за трагедијата. Од „Здружението на граѓани 16-ти март 2025“ бараат да се преиспита ваквата одлука или да се обезбеди нејзино понатамошно вклучување во предметот.

Поднесокот се разгледувал на денешната седница на Советот на јавни обвинители, под точка разно, но Советот одлучи поднесокот да го препрати до Јавното обвинителство.

– Бидејќи Советот не е надлежен да ги преиспитува своите одлуки, а за истото да биде известен подносителот – велат од Советот.

Од Јавното обвинителство за „Слободен печат“ велат дека на сите поднесоци и барања од граѓани одговара директно на подносителите. – Јавниот обвинител на РСМ одржува и средби со претставници на оштетените во пожарот во „Пулс“ – велат оттаму.

За трагедијата во тек се неколку судски процеси, меѓу кои првиот се води против 35 физички и три правни лица во судницата во Идризово, а формирани се три предмети против полицајците, од кои за два веќе е почната судската постапка.

Обвиненијата за полицајците ги поднесе обвинителката Ивана Трајчева која сепак не доби уште еден мандат во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и на нејзино место беше назначена друга обвинителка. Трајчева беше вратена во скопското обвинителство.

На вчерашниот судски процес во судницата во Идризово беше повикана Брза помош откако му се слоши на првообвинетиот, газдата на „Пулс“, Дејан Јованов – Деко. Претходно, за него, куќен притвор побара неговата адвокатка Ивана Коцевска со образложение дека неговата здравствена состојба е сериозна и дека правел операција, а на судење дошол со отворена рана.

Сепак судењето продолжи со него, а на неговото барање имаше жестока реакција од родителите на загинатите.

– Како семејства на починатите млади лица, ова барање го доживуваме како навреда за нашата болка и понижување на споменот на нашите деца. Додека ние живееме со празни домови, со недопрени соби и со тишина што нè гуши секој ден, наместо одговорност гледаме упорни обиди за бегство од тежината на одговорноста. Особено загрижува фактот што олеснување на мерките веќе е дозволено кај поголем дел од обвинетите, што создава чувство дека оваа трагедија се минимизира и дека човечките животи стануваат споредна работа. Додека ние стоиме над гробовите на нашите деца, некој бара полесни услови. Додека ние секој ден ја преживуваме истата ноќ, некој бара удобност.
Дали воопшто се запрашавте – имаа ли нашите деца “олеснителни услови” додека умираа? Имаме доверба дека Јавното обвинителство и судот ќе постапат строго согласно закон и врз основа на докази, и дека нема да дозволат правдата да биде бесмислена со вакви барања. Затоа јавно и директно го прашуваме обвинетиот Дејан Јованов Деко: Со кое лице бараш олеснување на мерките, додека 63 семејства секој ден ја преживуваат истата загуба? Дали навистина сметаш дека твојата здравствена состојба е потешка од празнината што остана во нашите домови? Дали барем еднаш помисли на тие 63 животи кога го поднесуваше ова барање? – пишува во реакцијата

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Родителите од Кочани бараат враќање на обвинителката…

Дел од родителите и семејствата на жртвите…

Тестот на Димитровска го полагал друг, таа…

Поранешната претседателка на Државна комисија за спречување…

Русија ја исклучува славината за Германија: Од…

Русија ќе го прекине извозот на казахстанска…

Трамп со порака до Иран: Ослободете ги…

Американскиот претседател Доналд Трамп побара од иранските…

Киднапирана 28-годишна жена, силувана, тепана и три…

Утрово во 04:00 часот во СВР Скопје,…