Родителите од Тетово револтирани од состанокот кај Касами: Син ми е 11 години, каков навивачки конфликт кога не знае што е навивач?!

t

Родителите на нападнатите деца во Тетово се револтирани и реагираат на заклучоците од состанокот што го одржа градоначалникот Билал Касами со претставници на институциите, на кој инцидентите беа квалификувани како изолирани меѓунавивачки конфликти, а не како меѓуетнички тензии. Тие сметаат дека со ваквата квалификација се изедначуваат жртвите со напаѓачите и се релативизира насилството врз деца кои воопшто не биле навивачи.

„Навивачки конфликт не е тепање обични деца кои не се навивачи. За зборот конфликт треба двајца. Овде се работи за едностран насилен напад“, реагираат родителите.

Тие посочуваат дека нападнатите деца не провоцирале со навивање, скандирање, знамиња или бакљи, туку биле нападнати додека се шетале, јаделе тост за време на големиот училиштен одмор или оделе на тренинг.

„Последните две тепани деца, меѓу кои е и син ми, не се навивачи на утакмица. Тој на 11 години не знае ни што е навивач и не скандирал, туку одел на тренинг“, наведува еден од родителите, Дарко Гаврески, чие дете беше нападнато.

Тој прашува врз основа на кои докази институциите заклучиле дека нападнатите деца претходно навивале или учествувале во провокации.

„Од кој полициски записник за пријавен напад, не масовна навивачка тепачка, туку едностран напад, заклучивте дека тепаните деца прво навивале пред да бидат истепани?“, прашува родителот.

Особено го револтира, како што наведува, изедначувањето на жртвите со напаѓачите.

„Со ова вие жртвите ги ставивте во иста кошница со напаѓачите, па следствено и ‘си го барале’, па и арно што се истепани, зошто биле исто навивачи како тепачите. Брука! А тепаните сироти деца ни на памет не им било да навиваат пред да бидат нападнати!“, се наведува во реакцијата.

Родителите тврдат дека нападите не биле само обични навивачки пресметки, туку дека децата биле физички напаѓани и проверувани дали носат обележја на одредена навивачка група. Според нивните наводи, напаѓачите ги фаќале децата за гуша и им ги соблекувале јакните за да проверат дали носат маици со обележја на навивачката група „Војводи“, која навива за ФК „Тетекс“. Нападите, како што тврдат родителите, биле снимани, а видеата објавувани на социјалната мрежа Тикток.

Во реакцијата се посочува и на постоење видеогрупи на социјалните мрежи со национално навредливи имиња, меѓу кои и групата „Каурски пи*ки“.

„Има видеогрупи со национално навредливи имиња неизбришани една година, не со назив против навивачката група ‘Војводи’, туку против сите каури, од типот ‘Каурски пи*ки’“, наведуваат родителите.

Тие додаваат дека има пријави за напади врз 11-годишни деца кои не се навивачи и кои биле претепани додека јаделе за време на големиот училиштен одмор.

„Најважно, масовни напади од малолетни улични стражи, со снимање на тепаните и соблекување по улица за да се провери бојата на блузата и да се прашаат дали живеат ‘кај Тетовчанка’ – не сме чуле дека има во други градови“, се наведува во реакцијата.

Родителите сметаат дека проблемот ескалирал поради непреземање мерки во изминатата година, поради што бараат одговорност од надлежните институции, училиштата и службите за малолетничка деликвенција.

„Јасно е дека непреземањето никакви чекори една година метастазираше во ваков проблем. Затоа бараме да одговараат за непреземање службени мерки и за несработување на своите работни задачи – сите педагози, директори на училишта, социолози и сектори за малолетна деликвенција во МВР“, се наведува во реакцијата.

Родителите реагираат и што на состанокот во Општина Тетово не биле поканети семејствата на нападнатите деца, ниту новинарите. Сметаат дека е неприфатливо институциите да донесуваат заклучоци за состојбата без да ги слушнат оние чии деца биле жртви на нападите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Родителите од Тетово револтирани од состанокот кај…

Родителите на нападнатите деца во Тетово се…

Мајка цела ноќ ја барала 12-годишната ќерка:…

Мајка од Скопје пријавила дека нејзината 12-годишна…

„Турска серија“ во Штип: Турци ограбиле сограѓани,…

СВР Штип поднесе кривична пријава против Ш.Т.(23),…

Од утре задолжителна зимска опрема за сите…

Од утре, 15 ноември, стапува во сила…

ПИШТОЛ ПРОНАЈДЕН КАЈ УЧЕНИК ВО СРЕДНО УЧИЛИШТЕ…

На 13.11.2026 во 14:40 часот во средно…