Светска банка: Умерен економски раст за Македонија, 2,9% годинава, 3% во 2027 и 2028
Светска банка прогнозира раст на македонската економија од 2,9 проценти за годинава, што е за 0,1 процентен поен пониско од претходната проекција. За 2027 и 2028 година се очекува раст од по 3 проценти.
Во најновиот извештај на Групацијата Светска банка се наведува дека економскиот раст во земјите од Западен Балкан ќе продолжи да забавува во 2026 и 2027 година. Како главни причини се посочуваат конфликтот на Блискиот Исток, упорната инфлација и зголемената глобална неизвесност. Воедно се нагласува дека, поради растечкиот недостиг на работна сила, клучно ќе биде зголемувањето на активноста на населението на пазарот на труд.
Според редовниот економски извештај за регионот, просечниот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија во 2026 година ќе изнесува 2,8 проценти, што е за 0,3 процентни поени помалку од претходните прогнози. Во 2027 година се очекува умерено зголемување на 3,2 проценти.
– Глобалната неизвесност и геополитичките тензии го попречуваат растот во Западен Балкан, а растечките цени директно ги погодуваат паричниците на луѓето – вели Шиаочинг Ју, директорка при Светска банка за земјите од Западен Балкан.
Таа посочува дека иако владите применуваат краткорочни фискални мерки за ублажување на притисоците врз домаќинствата и компаниите, долгорочниот напредок зависи од отворањето нови работни места.
– Регионот на Западен Балкан има голем број неискористен потенцијал – жени, млади луѓе и други кои сакаат да работат, но се соочуваат со реални пречки на пазарот на труд. Нивното вклучување во работната сила е еден од најефикасните чекори што регионот може да ги преземе за да ја зајакне економијата – вели Ју.
Извештајот укажува дека населението во регионот старее побрзо отколку во најголем дел од Европа, па во следната деценија секое петто лице ќе биде над 65 години. Во исто време, работоспособното население сè почесто бара подобри можности во странство, што создава парадокс – недостиг на работна сила во клучни сектори, додека дел од луѓето остануваат невработени или се повлекуваат од пазарот на труд.
Дополнително, се нагласува дека регионот не го користи доволно својот човечки капитал. Доколку стапките на активност се израмнат со оние во споредливи земји од ЕУ, би се обезбедиле над 2,8 милиони дополнителни работници. Само поголемото вработување на жените би можело да го зголеми годишниот раст за околу 0,35 процентни поени.
Во извештајот се препорачува и реформирање на системите за даноци и социјални бенефиции, со цел работата да стане поисплатлива опција. Се укажува дека во многу случаи, приходот од работа ги дисквалификува граѓаните од социјална помош, што го прави вработувањето ризично наместо стимулативно. Исто така, се потенцира потребата од подобра грижа за деца и стари лица, поквалитетна обука и пофлексибилни работни услови.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Растат цените на нафтата на светските берзи
Цените на нафтата утрово забележаа благ раст…
Синдикалната кошничка порасна за речиси 1.000 денари…
Вредноста на Синдикалната минимална кошница за месец…
(Видео) Мицкоски најави намалување на цените на…
Очекуваме РКЕ утре да донесе нова корекција…
Владата ја продолжи кризната состојба до 20…
Собранието денеска на пленарна седница го усвои…
Храната речиси и да не поскапела од…
Цените на основните прехранбени производи во просек…