СДСМ: Се гледа дилот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ – Од владејачката партија велат СДС се исплашени од сведочењето на Груби
Политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и денес не пропуштија прилика да се препукуваат околу куќниот притвор за поранешниот прв вице-премиер Артан Груби.
Според СДСМ, се гледа дилот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
– Политичкиот дил ВМРО-ДУИ со Груби веќе на сите им è јасен, граѓаните знаат што се случува.
Разоткриенo е секое делче од ова договорено сценарио.
Од режираната претстава на границата, со наочари и насмевка. Преку пречекот со камери, со медиумска поддршка на 40% од медиумите под контрола ВМРО преку Орбан, па се до одредувањето на куќен притвор од обвинителството и сдуството под контрола на ВМРО-ОКГ.
Сакајќи да се исперат од скандалозна одлука за одредување куќен притвор Обвинителството директно го закопа Христијан Мицкоски.
Вчера, Обвинителството соопшти дека МВР на Тошковски и АНБ на Христовски дале проценка дека Груби „не бил безбеден“ во „Шутка“, па затоа предложиле куќен притвор.
Истиот ден, излезе директорот на затворот Шутка, Бобан Утковски, го демантираше Обвинителството и рече дека ниту МВР ниту АНБ „не се обратиле ниту усно ниту писмено до затворот за да побараат мислење за безбедноста“.
Епа како донеле одлука во Обвинителството?
Има ли подобра потврда од ова тврдење дека сè е договорено и дека јавноста само се лаже и се замајува?
Сè е јасно.
Затоа обвинителството и судството беа ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ, за што СДСМ со месеци говори.
Тоа го имаме како потврда и за овој случај. Кои обвинители постапуваа во предметот и кој го предложи куќниот притвор за Груби? Предметен обвинител е Даниел Коцев, а негов шеф на Скопското Обвинителство е Анел Фидоски, кој беше избран на оваа функција на 20 јануари 2026 година.
Сè е јасно, сè е договорено, смислено сценарио.
Можеби ваквите сценарија им поминуваа со години наназад, но повеќе не поминуваат – разоткриени се.
Граѓаните гледаат и знаат сè.
Одговорност ќе има! – истакна на прес-конференција портпаролката Богданка Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во СДСМ стравуваат од сведочењето на Груби.
– Очигледна е паниката во редовите на СДС по апсењето на екс вицепремиерот Артан Груби.
Институциите си ја завршија работата и го доведоа Груби пред лицето на правдата. Криминалецот Груби беше во бегство година дена, откако се отвори постапка за негова вина во случајот со Државната лотарија за проневера на државни пари во вредност од над 8 милиони евра.
Милионските криминали во Државна лотарија се случувале под покровителство на СДС и ДУИ. Додека се злоупотребувале парите на граѓаните СДС знаеле, молчеле и не реагирале поради коалициски мир со ДУИ, за да не им се распадне коалицијата и да останат ден повеќе на власт.
Дали денес нервозата кај Филипче, Заев и СДС доаѓа од можноста вистината да излезе на виделина? Дали во СДС има паника поради евентуалните искази што би можеле да допрат и до поранешни високи функционери на СДС помеѓу кои и Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ?
Институциите мора да постапуваат без селективност и без политички притисоци. Секој кој го прекршил законот мора да одговара.
Времето на неказнивост заврши, Македонија мора да биде држава во која правдата е еднаква за сите. Владеење на правото и правдата мора да има. – стои во соопштението на владејачката партија.
Артан Груби се врати во Македонија завчера, по 14 месеци надвор од државата. Од граничниот премин Блаце беше спроведен во истражниот затвор Скопје, по што јавниот обвинител како мерка предложи куќен притвор поради наоди на АНБ и МВР кои покажале дека Груби нема да биде безбеден во притвор.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
СДСМ: Се гледа дилот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и…
Политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и денес…
Затуроски нов претседател на Регулаторната комисија за…
Со 62 гласови „За“ и 11 „Против“,…
ВМРО-ДПМНЕ ќе ги намалува функционерските плати за…
Од 10.000 до 13.000 денари ќе се…
СДСМ: Дилот ВМРО–ДУИ му донесе куќен притвор…
Политичките партии и денес со препукувања околу…
СДС нервозни и фрустрирани зошто Груби е…
Ги разбираме од СДС, тие се нервозни…