Седум од десет Европејци сакаат ЕУ да има посебна армија – расте недовербата во САД
Околу 71 отсто од Европејците сакаат Европската Унија да има сопствена армија. Тоа го покажуваат резултатите од новата анкета, објавени од „Политико“, кои откриваат зголемена загриженост за сигурноста на американската поддршка и длабоки поделби во однос на руската војна против Украина.
Извештајот „Трендови 2026“ на безбедносниот тинк-тенк ГЛОБСЕК покажува дека поддршката за формирање армија на Европската Унија е висока во сите анкетирани земји членки. Најголема е во Романија, каде што изнесува 82 отсто, по што следуваат Литванија со 78 и Франција со 75 проценти.
Дури и во земјите кои традиционално се резервирани кон интеграцијата на европската одбрана, мнозинството испитаници ја поддржуваат идејата. Во Полска и Бугарија поддршката е околу 70 отсто, а во Германија 69 проценти.
Резултатите доаѓаат во време кога европските влади дебатираат како да ги зајакнат воените капацитети, во услови на продолжена руска агресија и сè поголема неизвесност околу посветеноста на САД кон безбедноста на Европа.
ГЛОБСЕК анкетирал граѓани во 14 земји од трансатлантскиот простор, меѓу кои 11 членки на ЕУ, Украина, Обединетото Кралство и САД.
Поддршката за европски воени капацитети, сепак, не значи отфрлање на НАТО. Седумдесет и седум отсто од испитаниците во анкетираните земји членки на Алијансата би гласале нивната земја да остане во НАТО. Истовремено, 78 отсто од испитаниците во земјите на ЕУ поддржуваат развивање сопствени одбранбени капацитети на Унијата, паралелно со Алијансата.
Висока е и поддршката за најдиректниот облик на учество во националната одбрана – задолжителното служење воен рок. Според извештајот, 64 отсто од испитаниците во земјите каде што нема задолжителен воен рок се за негово повторно воведување. Најголема поддршка има во Чешка, Франција, Германија и Словачка.
Германија – исклучок во односот кон САД и Русија
Ставовите кон Вашингтон откриваат сè поголем јаз меѓу Европа и САД. Повеќе од една третина од испитаниците во анкетираните европски земји сега ги сметаат Соединетите Американски Држави за безбедносна закана.
Таков став имаат околу половина од испитаниците во Германија, Франција и Велика Британија, наспроти приближно една третина во Централна и Источна Европа.
Германија е единствената анкетирана земја во која мнозинството граѓани ги гледаат САД како безбедносна закана. Таа се издвојува и според ставовите за руската инвазија врз Украина.
Околу 40 отсто од германските испитаници се согласуваат со тврдењето дека односот на Украина кон рускојазичното население ја оправдувал инвазијата, додека 39 отсто сметаат дека Западот ја испровоцирал војната.
Овие ставови се совпаѓаат со послабата поддршка за Киев. Нешто повеќе од половина од испитаниците сметаат дека борбата на Украина е важна за безбедноста на Германија, додека речиси шест од десет би прифатиле Украина да отстапи дел од својата територија во замена за мир.
Наодите укажуваат на политички парадокс: европските гласачи сакаат посилна заедничка воена сила, но и понатаму ја поддржуваат припадноста кон НАТО, иако довербата во неговата најмоќна членка – САД – се намалува.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Седум од десет Европејци сакаат ЕУ да…
Околу 71 отсто од Европејците сакаат Европската…
Американските пратеници Кушнер и Виткоф пристигнаа во…
Американските пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф…
Трамп го номинира Михаил Богачек за нов…
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го номинираше…
Американски војник уапсен во Британија под сомнение…
Високопозициониран американски војник е уапсен во Британија…
ЧУДО: Бебе пронајдено живо откако 24 часа…
Бебе на возраст од 11 месеци е…